Овации од белгиската публика за Симон Трпчески

loading...
Македонскиот пијанист Симон Трпчески, ја одушеви белгиската публика синоќа во една од најпрестижните сали во земјата, „Бозар“ во Брисел.
Заедно со симфонискиот оркестар на белгиската национална оперска куќа „Ла Моне“, Трпчески го изведе концертот број 2 на унгарскиот композитор, Франц Лист.
– Концерт број 2 е малку посифистициран израз негов како композитор, дело каде што може човек да претстави дел од својата виртуозност, не само во техничка смисла, туку во интерпретативна смисла како пијанист, изјави Трпчески за МИА по концертот, воодушевен од овациите кои ги доби од публиката.
Повикан на бис, Трпчески ја изведе „Не си го продавај Кољо чифликот“, македонско капричо број 1 од македонскиот композитор, Драган Шуплевски, дело кое ретко го изведувал досега, вели тој. Иако обично на бис солистите свират соло, на Симон Трпчески синоќа му се придружи концерт-мајсторката на белгискиот оркестар, ерменката Сатеник Худојан на виолина.
– Предизвик беше, и навистина одлично ја изведе, изјави Трпчески за својата колешка и мило ми е што публиката реагираше фантастично, бидејќи овој предлог е голема одговорност што ја носам. Меѓутоа доаѓам од таму од каде што сум и сакам секогаш кога имам можност да претставам нешто, изјави пијанистот за МИА.
Худојан и Трпчески имале само две претходни проби за македонското дело и неговиот невообичаен ритам. – Худојан ми велеше вчера цело време ми чука девет осмини во глава. Ритамот, мелодијата и се невообичаени и од тој аспект многу професионално настапи и овој коментар ми го даде затоа што не и е природен ритам, мора да го брои, така што мора да го навежба, додаде Трпчески.
На 10-ти јуни, Трпчески ќе настапи во градот Лил, во северна Франција, со неговиот проект „Македонисимо“ со изведување на македонски песни и ора на композиторот Панде Шахов.
– Убаво е да се врати човек во една средина која има доста традиција, која ги следи сите текови на полето на уметноста. Фантатично чувство кога ке види човек како не’ восприемаат како мала но богата земја со историја, изјави Трпчески за МИА, воодушевен од настапот и реакцијата на публиката синоќа во Брисел.
loading...

Поврзани статии