Собранието, сепак, не е само гласачка машина

loading...

Законот за употреба на јазиците е завршена работа за партијата ДУИ, иако указот за него не е потпишан од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов. Истиот закон, вратен на трето читање на пленарна собраниска седница, е причина за „ексклузивно“ учество во работата на Собранието на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која инаку го бојкотира неговото функционирање поради притворот на шестмина нивни пратеници. По претседателското вето на указот за Законот за употреба на јазиците, ВМРО-ДПМНЕ поднесе повеќе од 35.000 амандмани… Конкретниот закон, според кажувањата на претставници на ДУИ, е темелното ветување на премиерот Зоран Заев, врз кое наводно почива коалицијата со партијата СДСМ…. Приближно тоа се главните постулати на сценариото за моменталната собраниска криза, за која некои политичари и аналитичари велат дека може да прерасне и во закана за опстојувањето на владејачката коалиција. Причината за таквите политички претпоставки е ставот на неколкумина пратеници на СДСМ да не ја поддржат идејата на претседателот на Собранието, Талат Џафери, само со гласање, на нова седница, да се усвои вратениот Закон за употреба на јазиците, без расправа за поднесените амандмани од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, што би значело прекршување на собранискиот Деловник. Како привремен излез од заплетканото клопче на партиските интереси во Собранието, спикерот Талат Џафери ја одложи расправата за „спорниот“ закон на неопределено време, односно за една седмица, за да можат и вонпарламентарно да се испеглаат коалициските и воопшто меѓупартиските разлики.

Таквиот став на некои пратеници од мнозинството кај некои политичари и аналитичари, пред сѐ од албанскиот блок, беше протолкуван и како „таен договор“ меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, или подготовка на терен за отстапување на владејачката партија од договорот со коалицискиот партнер. Но од друга страна, пак, таквиот однос и заземање став на пратениците на СДСМ околу процедурата за усвојување на Законот за употреба на јазиците, го наметна и „оптимистичкото“ прашање – дали тоа е некаков знак дека законодавниот дом, конечно, е на пат да ја смени доминантната перцепција за него како за „гласачка машина“.

– Сметам дека е погрешна перцепцијата во јавноста за Собранието како за гласачка машина – вели првиот спикер на македонскиот парламент, Стојан Андов.
Тој објаснува дека ниту досега Собранието не било само „гласачка машина“, туку место каде што низ дискусија и дебата се решени клучни прашања за државата и се донесени многу одлуки и закони. Неговиот став е дека Собранието достојно ја спроведува својата работа на законодавен дом.

– Но не е убаво во Собранието да се прекршуваат работи и да се исцрпуваат пратениците со некои прашања, кои тие не можат да ги разрешат. Законот за употреба на јазиците не е процедурално прашање, туку политичко, кое треба да се договори на лидерско-партиско ниво. Навистина, одлуките се носат во Собранието, со мнозинство одредено според Деловникот, во зависност од тоа за што се одлучува, но пратениците не треба да го злоупотребуваат тоа за политички прашања, кои едноставно не можат да се решат во парламентот – објаснува поранешниот спикер Стојан Андов.
Иако собраниските состави претежно се и биле доминантно партиски, а вообичаена е практиката и ако има независни пратеници тие да се приклонат кон некој партиско-пратенички блок, сепак од Собранието како институција, односно законодавен дом, се очекува да покаже карактер и натпартиска визија во своите одлуки. Зашто секој закон и секоја процедура што се туркаат на мала врата секогаш се на штета на граѓаните т.е. гласачите, чии интереси првенствено треба да ги застапуваат пратениците. Таквиот принцип на работа е насоката во која треба да се одвива, според логиката и принципите на парламентарната демократија, работата на Собранието.

– Веќе подолг период, во повеќе парламентарни состави, забележливо е дека се губи самостојноста на пратениците да одлучуваат самостојно, што им е одредено и овозможено во согласност со Уставот и со Законот за пратеници. Помалку ги застапуваат интересите на гласачите што ги избрале, а повеќе на партиите од кои потекнуваат. Доколку навистина во пратеничката група на СДСМ се развила дебата за предлогот на претседателот на Собранието за надминување на блокадата со Законот за употреба на јазиците, тоа е добар знак. Се покажало дека е потребен договор за да се избегне класична блокада, а да не се нарушат Деловникот на Собранието и Законот за пратеници. Станува збор за закон што е многу чувствителен, за кој не беше потпишан указ од претседателот и вратен на повторно читање во Собранието… А блокадата со 35.000 амандмани, не е во согласност со добрите парламентарни обичаи. Секако дека намерата е блокирање на работата на Собранието. Сепак, добро е што не се отишло на избрзано решение, што се развила дебата во пратеничката група на СДСМ. По евентуалното наоѓање политичко решение, пратениците би требало да гласаат по сопствено убедување. Зашто ниту едно наметнато решение, па макар да е и од претседателот на Собранието, а со него се прави повреда на Деловникот – не е добро. Сите пратеници во парламентот се еднакви со претседателот на Собранието – смета поранешниот генерален секретар на Собранието, Александар Новаковски.

loading...

Related posts