Ајнштајн се жалел дека „ништо не постигнал во животот“

loading...

Марија Ајнштајн била помладата сестра на научникот Алберт Ајнштајн и му била најдобра пријателка откако биле деца, па сѐ до староста. Маја, како што нагалено ја викале во семејството, останала блиска со брат ѝ целиот живот и тој редовно ѝ се доверувал бидејќи бил многу срамежлив за да оформи блиски односи со други луѓе.

Во неговите писма до сестра си тој ѝ ги доверувал неговите најскриени тајни и стравови.

Овие писма, заедно со досега необјавени фотографии на петгодишниот Алберт, од оставнината на Марија Ајнштајн, ќе бидат понудени на продажба преку аукциската куќа „Christie’s“.

Во збирката исто така се наоѓа единственото зачувано писмо од научникот до татко му Херман Ајнштајн, како и други писма, разгледници и фотографии од периодот од 1897 до 1951 година.

„Неверојатно е што целиот негов живот останал близок со сестра му како што биле блиски во детството. Јасно е дека кога ѝ пишувал нејзе сите маски паѓале. Бил многу свесен за сѐ што се очекувало од него, особено откако станал познат, но само пред неа покажувал некакви знаци на слабост“, вели Томас Венинг од аукциската куќа.

„Кога станува збор за науката, ништо не постигнав во животот. Мозокот ми се исклучува со текот на времето и доаѓањето на староста и тоа не е многу непријатно. Исто така, знам дека сум помалку одговорен за своите постапки во подоцнежните години“, ѝ напишал Ајнштајн на сестра си само девет години откако ја формулирал теоријата на релативноста.

19 години подоцна ѝ напишал: „Среќен сум со својот труд, иако за оваа и за други работи сфаќам дека генијалноста на младите години е зад мене.“

Во писмата до сестра си, која ретко ја гледал, славниот физичар пишувал и за неговите хобија, како свирењето виолина и едрењето, па сѐ до турбулентниот однос со сопругата Милева Мариќ. Сепак, многу ретко пишувал за неговите достигнувања во науката.

„Сите постојано се под стрес, нема одмор. Барем се тешам дека со моите достигнувања се удираат темелите на нашата наука“, вели Ајнштајн во едно од писмата, што според Венинг е еден од ретките случаи во кои тој го спомнал неговиот огромен успех.

loading...

Related posts