Водата во Дојран е проблем и кога ја има и кога ја нема

loading...

Дојран – Водата во Дојранското Езеро е проблем и кога ја има и кога ја нема. Кога се повлекуваше во годините по осамостојувањето почна да трпи туризмот, сега кога надоаѓа повторно ќе трпи туризмот, но и онака бледата инфраструктура. Популарното летно одредиште на југот на земјата, кое во минатото беше привлечно и поради високата концентрација на јод од лековитите алги (во функција на дишните патишта, за ублажување или елиминирање на алергии), денес е само рефлексија на едно време за кое, како што знае народот да каже, „Господ одеше по земјата“.

Нивото на водостојот во Дојран е за 11 сантиметри над максимално дозволеното, па како резултат на тоа се поплавени дел од плажите (градската) зад зградата на локалната самоуправа. Импровизации со избрани и докрај неразработени проекти не се дозволени. Во спротивно, негативните последици се враќаат како бумеранг. Порано или подоцна. А таков е примерот со новоизградената и во меѓувреме реновирана пешачка зона што служеше или може да служи само за пополнување на нечии партиски буквари на стотици страници за широки народни маси за сработено по мандати.

Патеката со бекатон плочки моментно е целосно неупотреблива еден месец пред официјалниот почеток на новата туристичка сезона. За извлекување на таков заклучок воопшто не беше тешко при неодамнешната посета на „Независен“ во Дојран. Местото има голем потенцијал, но мала свест на одговорните за развој. По сместувањето се решивме за релаксирана променада крај езерото со крајна цел – вечера и уживање во мирисот на водата, прекрасно чистиот воздух и пријатното ветре.

Почетната точка во рутата ја лоциравме кај местото „Гранико“ и тргнавме кон центарот. Но, набргу се најдовме во дилема – да се собуеме боси и да минеме зад објектот на ЕВН или да излеземе на главната улица „Маршал Тито“ што е воедно и меѓународен пат што води кон блискиот граничен премин со Грција. И покрај  пријатната вечер се решивме, сепак, да останеме суви и да продолжиме крај езерото откај приколките во рамки на „Партизан“. Се пробивме меѓу нив по десетина минути одење по тротоар и таман што почувствувавме олеснување и конечно можност за непречено уживање во амбиентот, наидовме на нова непроодна водна површина за ново разочарување.

Езерото го беше поплавило шеталиштето во должина од стотина метри при што првиот сув ред на бекатонки беше по хотелот „Престиж“. Се обидовме, сепак, да се пробиеме преку работ на жардиниерите, како акробати во циркуските изведби, но и тој начин за совладување на водената површина беше невозможна мисија. Сфативме дека ќе мораме на нова средба со „Маршал Тито“ до центарот како крајно одредиште. Она што патем „бодеше“ очи се набуцканите палми крај брегот.

Темата инфраструктурни услови остана на маса и при вечерата и кафето, но остана и разочарувањето оти како што тргнала работата, без иницијатива и акција, наскоро би можеле штета да почувствуваат и угостителите со објекти на крајбрежјето. За волја на вистината, свој удел во грдата слика имаа и големите количества дожд во изминатиот период и затрупаниот канал од грчка страна за нивелирање на водостојот во Дојран.

Тоа беше доволна причина да побараме став од Анго Ангов, градоначалник на Дојран. Тој е непосреден и трпелив да одговори на прашањата.

„Имаме проблем со надоаѓање на водата. Против природата и нејзината сила, сепак, не можеме. Тоа е нешто што тешко се спречува. Се надеваме дека врнежите ќе престанат, што ќе значи и предуслов за стабилизирање на состојбата. Што се однесува до патеката, таа е направена пред пет-шест години, меѓутоа нивото на водата тогаш беше многу далеку од сегашното и никој не се надеваше дека толку бргу се врати езерото“, вели Ангов.

„Имаме прекуграничен проект со Грција за каналот за испуст на езерото што се наоѓа на нивна страна. Апликацијата е прифатена, средства се одобрени, но сè уште немаме ништо потпишано за официјално отпочнување со негова реализација. Во случајот се чека на грчка страна.“

Нивото на езерото во голема мера ја има надминато горната граница што е утврдена како максимална. Но, засега е далеку од рекордното ниво од пред 30-40 години за што повозрасните дојранчани знаат да кажат дека вода имало до Јаворот. Локалните власти и мештаните се надеваат дека природата ќе се смилува, врнежите ќе престанат, на сцена ќе стапи сонцето додека не почнат работите за расчистување на запуштениот канал во Грција што се смета за клучен за стабилизирање на состојбата во Дојран.

Сашко Ѓ. Димовски

статија за НЕЗАВИСЕН.МК

loading...

Поврзани статии