БРИТАНСКИ ДОКУМЕНТИ ЗА ПРВИОТ ЧЛЕН НА МАНУ: Генерал Апостолски е страстен македонски патриот, со чудна забелешка за грчката герила

loading...

Пишува: Блаже Миневски

Генерал Михајло Апостолски не е агресивен комунист, но е страстен македонски патриот и е извонредно остроумен професионален  војник, кој ретко, ако не и воопшто, се меша во политиката. За време на војната тој покажа дека е храбар и способен водач и од јуни 1944 година стана Главен командант на македонскиот партизански отпор.

Со вистински чувства ги опишува природните убавини на неговата земја и средновековните архитектонски споменици во неговиот роден регион, а со гордост го спомна театарот во Скопје каде што сега претставите се даваат на македонски јазик. Забележа, не без извесна пакост, дека додека порано Македонците требало да го учат српскиот, сега е обратно – Србите ќе седнат да го учат македонскиот јазик, – се вели меѓу другото во извештатите на британските разузнавачи од 1945 и 1946 година.

Факт е дека за Михајло Апостолски, прв командант на македонската војска, странските разузнавачки служби се интересирале уште време на Народноослободителната борба. Во британските политички и воени врвови ова интерсирање се засилило по доаѓањето на  британските воени мисии во Главниот штаб на НОВ и ПО за Македонија.

Во извештаите на Фицрој Маклејн, на пример, во неколку наврати се спомнуваат зголемените, односно поголемите ингеренции на македонскиот генерал Апостолски во споредба со другите Титови команданти на главни штабови, и дека тоа го зголемило интересирањето за личноста на Апостолски. Во тој контекст е и писмото на претседателот  на југославенската влада во Лондон, д-р Иван Шубашиќ, до Јосип Броз -Тито во кое констатира дека британските дипломати и државници „особено се распрашуваат за Апостолски“.

Сепак, во ова насока, највпечатливо  е  искажувањето на  мајорот Дагмор, кој во извештајот од јуни 1944 година, по контактот со македонските партизани, го пишува следното: „Македонците сакаат самостојно владеење и навестувањата се дека тие тоа го сакаат во рамките на сегашна федерална Југославија. Тие не им  веруваат на Србите и соработката  помеѓу нив не е лесна. Тие, исто така, многу тешко го чувствуваат присуството на бугарскиот окупатор а се сомневаат во руската поддршка по војната за бугарските аспирации во источна Македонија. Накратко – пишува во извештајот на мајор Дагмор, – Македонците се  борат за слобода, но се претпазливи. Тие се  пријателски расположени кон нас“ , го завршува својот извештајот еден од припадниците на Бритската воена мисија во Македонија.

Апостолски не е  persona grata во ЦК на Комунистичката партија!“

Во извештајот за 1945 година за водечките југословенски личности, кој е всушност прилог кон годишниот извештај на британскиот амбасадор во Белград, Г.Л. Клитион до министерот Ернест Бевин, под реден број 3 се дадени податоци за Михајло Апостолски: „Апостолски, Михаил (Митиќ), генерал -потполковник, Македонец и поранешен штабски мајор во југословенската армија.

Тој е националист и војник, а се зборува дека не сака да се бави со политика. За време на војната тој се покажал дека е храбар и способен водач и, од јуни 1944 година, станал Главен командант на македонскиот партизански отпор. Тој бил член на првиот АСНОМ, но веќе не е. Сепак, тој бил ангажиран во изборната листа на Народниот фронт. Има многу извештаи и гласини дека Апостолски не е во целост persona grata во ЦК на Комунистичката партија. Ако е вистина, тоа веројатно се должи на неговата антипатија кон политиката, но неговите способности како воено лице се признаени, бидејќи тој во последниве десет месеци се наоѓа на местото помошник-началник на Југословенскиот Генералштаб.“

Следната година, од 3 до 6 октомври 1946 година, британскиот конзул при амбасадата во Белград, Стенбок, престојувал во Сараево и од ова свое „туристичко“ патување доставил обемен извештај. Во меморандумот, на седмата страница, во неколку точки се зборува и за „случајната“ средба што  конзулот Стенбок ја имал во со Апостолски. Во информацијата се дадени повеќе податоци и карактеристики за Апостолски како личност, но соодветната служба, онаа што ги примала ваквите извештаи во Министерството за надворешни работи на Велика Британија, побарала податоците доставени од конзулот Стенбок да ги верификува мајорот Хеникер-Мејџор, кој со псевдоним „Гаргантуан“ за време на војната имал задача да делува на територијата на Србија а во врска со конфронтирањата со Германците при повлекувањето од Грција и Албанија.

Мајорот Хеникер-Мејџор извршил одреди поправки и уточнувања во меморандумот на конзулто Стенбок. Еве го најпрво делот од извештајот на Стенбок што се однесува на  генерал Апостолски: „Генерал-потполковник Апостолски, командант на 6-та Југословенска армија во Сараево, кој го имаме сретнато, по разни поводи, неколкупати во Белград во текот на 1945 година, кога тој беше помошник на началникот на југословенскиот Генералштаб, овојпат кога се сретнавме беше особено пријателски расположен. Седев во кафетеријата на главниот локален хотел кога се случи тој да минува по улицата. Забележувајќи ме низ стаклото, тој се поврати, влезе во кафеаната, дојде до мојата маса и останавме да разговараме повеќе од еден саат.

 „Генералот е  комунист но страстен македонски патриот!“

Генералот Апостолски, кој е родум од Македонија и кој, како офицер на поранешната Југосвенска армија, во времето на колапсот во 1941 година, имал чин на штабски капетан или штабски мајор, е повеќегодишен комунист…“

Според документите со кои располагаме, Апостолски во Комунистичката партија бил примен пролетта 1942 година, при што самиот тој во врска со тоа има изјавено: ’За мене не беше битно дали сум член на Партијата или не. Јас се чувствував припадник на прогресивната група и како таков ме третираа и во Љубљана, па и кога дојдов овде, во Македонија’.

Во продолжение на својот извештај од средбата со Апостолски во Сараево британскиот конзул Стенбок пишува: „Апостолски го преводеше партизанското востание во Македонија и токму во неговиот  Главен штаб пролетта 1944 година беше спуштен мајорот Хеникер-Мејџор, шеф на Британската мисија за врски со партизанските сили во Србија. Всушност, вистинското презиме на Апостолски е Митиќ. Тој го прифатил сегашното презиме, што звучи повоочливо и македонско, во текот на  војната како „воено име“. Иако, генералот Апостолски е наполно предан комунист, тој е во исто време и страстен македонски патриот. Тој ги опишуваше со вистински чувства природните убавини на неговата земја и зборуваше со особен интерес за средновековните архитектонски споменици во неговиот роден регион. Со гордост го спомна и театарот во Скопје каде што сега претставите се даваат на македонски јазик.

Забележа, не без извесна пакост, дека порано Македонците требало да го учат српскиот, а сега обратно – Србите ќе седнат да го учат македонскиот јазик. Потоа генералот Апостолски нешто повеќе се задржа на помошта што ја примал од Британската мисија за врски и РАФ од самиот почеток на есента 1943 година. Тој зборуваше со многу благодарност за мајорот Хеникер-Мејџор, капетанот Хил и за еден друг британски офицер, кој бил  приклучен во неговиот персонал во 1944 година за време на најтешкиот дел од походот, но за чие име не можеше да се сети. Тој одаде неограничено признание на нивната лична храброст, цврстина во времето на  поразите, но и на другарството во нивните постапки спрема него и пониските по чин од  него. Беше јасно дека,  во неговиот случај, тесниот и доктринарен комунист, и нивната света војна на омраза кон англо-саксонците, досега не ги затемнила неговите погледи на професионален војник во врска со материјалната помош дадена на партизаните од Сојузниците и однесувањето на британските офицери кои е спуштија со падобрани кај него во времето кога неговата  позиција беше делумно несигурна.

Сепак, кон крајот на овој наш разговор – пишува Стенбок во својот извештај од средбата во Сараево, – генерал Апостолски направи чудна забелешка која очигледно беше непромислена, доколку нејзината намера беше лажно да ги претстави најновите извештаи на странскиот печат за учеството на Југословените во сегашните борби во Грција. Предмет на неговата забелешка беше акцијата на герилата и олеснувањата што се даваат на таков вид борба со развојот на техниката во минатите години, особено на полето на авијацијата. Генералот забележа дека за несреќа ова не било секогаш случај со неговите лични искуства од 1941 година до есента 1943 година, и сегашната  очајничка борба на грчката герила, која се бори самостојно и без било каква ’можност за поткрепа и помош од било каде’, известува британскиот конзул при амбасадата во Белград.

Во врска со оваа пратка, или меморандум од  18 декември 1946 година на  конзулот Стенбок, Министерството за надворешни работи на Велика Британија испраќа телеграма до амбасадата во Белград со која ги известува дека ја покажале нивната пратка број 381 (11/16/46), во која се содржи извештајот од посетата на г. Стенбок на Босна, на Хеникер-Мејџор ’кој беше живо заинтерсиран да ја пролчита, и птооа го даде следниот коментар’: „Генералот Апостолски не е агресивен комунист, но е страстен патриот и е извонредно остроумен професионален војник, кој ретко, ако не и воопшто, се мешал во политиката. Неговото вистинско презиме е Апостолски, а презимето Митиќ било употребувано од него со цел да просперира во предвоената југословенска армија, каде што Македонците беа табу и никогаш немале и најмала можност за унапредување.“

 

ЗАПИСИ НА АТАНАС ЗАБАЗНОСКИ-РУСКИ, помошник- началник намакедонската техничка оператива за следење и прислушување:

Белград нареди постојано да се прислушува телефонот на Апостолски!

Според спомените на Атанас Забазноски-Руски, во шеесеттите години на минатиот век, со неговото доаѓање на местото помошник- началник на Четвртата управа на Државната безбедност, почнала да се организира македонската техничка оператива за следење и прислушување: „Во тоа време добро фукционираше само контролата на писмените пратки, бидејќи располагаше со образован стручен кадар, кој одлично владееше со странски јазици.

Писмениот предлог се доставуваше до потсекртетарот на ДБ. Откако тој ќе го потпишеше налогот, ако го потпишеше, решението ми го даваше лично на рака мене како помошник-началник за прислушување или на началникот на Четвртата управа. Потоа се пристапуваше кон техничкото решение, а добиениот материјал за дотичното лице им се даваше на оперативните служби. Затоа другарите од ЦК СКМ, односно Комисијата за контрола на Службата на чело со Веселинка Малинска, знаеја, на пример, зошто во шеесеттите години на минатиот век постојано се прислушуваше телефонот на Михајло Апостолски, па можеби поради тоа воопшто не се заинтересираа  за  досието со снимен материјал од телефонските  разговори на генералот.

Во еден момент им го дадов целото досие со снимен материјал од телефонските разговори на генералот  Михајло Апостолски а воедно им ги дадов и писмените налози за прислушување на генералот од Сојузниот секретар за внатрешни работи, Александар Ранковиќ. Никој од нив, ни Малинска ни останатите, не пројавија интерес за оваа важна работа, па заклучив дека пред да дојдат кај мене веќе знаеле за тој случај. Ако сакаа, ако беа храбри, како што се претставуваа, можеа од тоа да направат голема работа.

Можеа да застанат зад Апостолски и да бараат да се расчисти случајот со неговото прислушување. Меѓутоа, наместо тоа, без да ја знаат правата вистина, директно ме обвинија мене за некакво тајно прислушување на Крсте Црвенковски, и дека тоа сум го сторил на своја рака. Во меѓувреме Веселинка Малинска, на пример, секојдневно, со недели, бараше некакво досие од наводно нејзино прислушување на нејзиниот домашен телефон. Факт е дека тој телефон со години беше приклучен на прислушување, но не за неа туку за нејзиниот сопруг.

Во секој случај, бидејќи нејзиното настојување не можев да го издржам, одлучив досието од прислушувањето на тој телефон, како и досието од прислушувањето на генерал Апостолски да му го предадам на Никола Минчев, тогашен претседател на Македонската влада. Што се случи подоцна со тој материјал – не знам“, стои во спомените на Атанас Забазноски, кој во шесетите години  на минатито век ја водел Сужбата за прислушување на ДБ.

ВО ИМЕ НА ЗАРОБЕНИОТ МАЈОР АПОСТОЛСКИ:

Молба до бугарската фашистичка власт за ослободување од италијанскиот фашистички логор Вестоне!

Според основните биографски податоци, Михајло Апостолски бил македонски  партизан, генерал, командант на НОВ и ПОМ, воен теоретичар, политичар, историчар и народен херој. Во 1927 година завршил Воена академија во Белград, шест години подоцна и Висока воена академија, а во 1938 година  ја завршил и Генералштабната академија.

Втората светска војна го затекнала во чинот генералштабен мајор на служба во Љубљана на должноста началник на штаб на дивизија. Во текот на кратката Априлска војна во 1941 година командувал со планинските единици на Алпите. По капитулацијата на Југославија заробен е од италијанската војска и одведен е во логорот Вестоне. На 23 јуни 1941 година неговиот татко испраќа молба до бугарскиот министер за одбрана за негово ослободување и таа е одобрена.

Тој потоа бил префрлен во Риека, каде што бил ослободен со група Македонци. По враќањето во Македонија под бугарска окупација, во септември 1941 година, се поврзува со народноослободителното движење во Македонија, во кое веднаш бил назначен за член на Покраинскиот воен штаб на Македонија, а од јуни следната година и за командант на Главниот штаб на народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија.  Во февруари 1945 година бил назначен за началник на Врховниот штаб на НОБ, односно на Генералштабот на Југословенската армија.

Во периодот од 1946  до 1952 година бил командант на Сараевската воена област и началник на Високата воената академија на ЈНА. Се пензионирал со чин генерал-полковник. По престанувањето на активната воена служба, почнал интензивно да се занимава со  историја. Пет години, од 1965 до 1970 година, бил директор на Институтот за национална историја а со формирањето на МАНУ, во 1967 година, бил избран за нејзин прв редовен член, кој, подоцна, од 1976 до 1983 година, бил и нејзин претседател.

Во 1953 година бил одликуван со орденот Народен херој, а меѓудругите награди  во 1978 година ја добил и наградата АВНОЈ  – највисоката награда која се доделувала во Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

денешен.мк

loading...

Поврзани статии