Ивана Кнез -ЧУВАЈ СЕ ОД СЕБЕ

loading...

„Сите среќни семејства личат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“

Мора да знаете кој го кажал ова, нема да цитирам.

Моето беше цело. Се скрши од себични причини на еден, стана прашина кога тој еден замина на подоброто место. Тоа што не бев свесна во тој момент, е дека од пепел се гради. И дека семејството е односот, а не именките кои ги носиме.

Знаете кога едно дете ќе ве праша, Што е смрт? Што значи кога некој ќе умре и оди на подобро место, каде е тоа, кога ќе се врати? Ај како му одговарата на тоа дете?

Јас не бев дете во моментот кога ја осетив таа болка на загуба и заминување. Иако му бев лута, од најлични причини, сепак не најдов начин да му простам што не успеа да се избори со личните демони. И не најдов начин да не ме боли. Поминаа три години, уште ми е шупливо во срцево, ама најмногу за празници. Боли кога целината се распрскува и кога одеднаш се за кое си знаел, го снемува. Ама најмногу боли кога и даваш на таа болка да те голтне. Во такви моменти на страшни загуби, паѓаме. Во такви моменти на неопислива болка, посегнуваме по средства за олеснување. Општествено се викаат пороци, дел законски, дел забранети, а за дел не сме ни свесни.

Па така на 31 година се најдов во канцеларија на сега веќе покоен доктор Јошко, ќе се обидам во кратки црти да ви доловам како се отвори врата на сега веќе мое нормално секојдневие.

Само што влегов кај него, се насмеа и ми рече Тебе те чекав, знаев дека ќе ми дојдеш. Ти ја пратам кариерата од почеток, преку екран можам да ти ја почувствувам енергијата дете, планини поместуваш. Мораше да дојдеш кај мене! Си раскажав како имав клиничка смрт од 45 секунди, како не чувствувам висок притисок, ме прегледа уредно човекот по сите правила и прописи. И после час време преглед, ме седна на маса и ми го кажа следново:

Ивана, имаш две опции. Или ќе го промениш комплетниот начин на живот, пред се реакцијата на твоето секојдневие, или за многу кратко време ќе јадеме блага пченица. Имаш огромна енергија во себе, не може човек да те игнорира, имаш огромни капацитети и носиш. Е сега, би требало да ти препишам терапии за висок крвен притисок комплет со сите апчиња кои следат. Но, мислам дека имаш сила во тебе сама да го доведеш твоето здравје во одлична состојба. Капацитетот на твојот мозок е огромен и мислам дека ако наумиш, се можеш да направиш. Мислам дека не си свесна за ова, мислам дека не се почитуваш себе си доволно и не се однесуваш соодветно на потребите на твоето тело. Ти давам една година, да ми се вратиш со намалени килограми, насмеана, и да ми кажеш како си почнала да трчаш, спортуваш или било што друго што тебе ќе ти стане хоби. Затоа што мила моја, ти си од најопасните, го живееш својот сон, ја работиш работата што те дефинира, и затоа си за себе најголема опасност.

Ова се случи на 28 декември 2016 година. Јошко почина една недела пред да одам на закажаниот преглед, една година подоцна. Имав намалено 25кг, престанав да пијам комплетно, внимавав што јадам, и почнав да спортувам во секој можен слободен момент. Се надевам дека од таму горе, од подоброто место гледа колку и како ми го промени целиот живот.

Започнав со пост. Јас сум верник, но не почитувам црквени правила, ги имам проучувано главните три религии, и според секоја Бог е во нас. Доброто во секој од нас. Па така на мој начин, постев со тоа што се откажав од моите најголеми пороци во тој момент. Алкохолот и слатките. Не сакав да бидам една од оние кои ќе станат зависни од дијазепами и хелекси на 30 години па до крај на живот на секој можен мини стрес да се клукам со шака полна седативи, зошто демек смирувале. Не ви верувам. Се вознемируваме од мисла, се смируваме со мисла. Контролата над себе е тоа што не разликува од животните, а се повеќе паѓаме подолу од нив. Се изгубивме во социјалниве медиуми, си го изгубивме идентитетот и индивидуалниот сон. И подлегнавме на сите можни искушенија, а се вадиме на болка…

Јас сум Ивана Кнез, денес интимно.

Се читаме следната недела.

А да, ова е за Влатко, и за сите кои се борите со себе. За најтешките битки, не потклекнувајте.

Статијата е преземена од zenskimagazin.mk

loading...

Related posts