Прличев пред 150 години: „Еден чоек шчо не сиа милвит таткојната не можит да бидит чесен чоек!“

loading...

Извор: Денешен.мк
Пишува: Блаже Миневски

„Водач ме праќа татковната, лелекањата на Македонија ги пренесувам, со нас се Бог и правдата; оган ќе згазиме, чкрапји ќе изгориме, докрај борејќи се, во прав ќе ги претвориме душманите, земјата ќе си ја спасиме, зашто бог е со нас!“, напишал Прличев пред 150 година во песната „Водач ме праќа татковината“.

Во својот говор пред охриѓани одржан на 12 јуни 1866 година големиот македонски поет Григор Прличев меѓудругото рекол:

„Кога Господ ти викат чувај се, многу појке ти викат да си ја чуваш таткојната. За тоа колку да бидит чоек нечесен, пак таткојната му је најмила на векот. Зашчо татко имаме еден, а таткојната је многу таткој. Мајка имаме една, а таткојната је хилјади мајки. Братја, имаме пет или десет, а таткојната је неброани браќа. Еден чоек шчо не сиа милвит таткојната појке од татка и мајка, и појке от себеси, тој не можит да бидит чесен чоек”.

„Ако те разбереет оти мамиш, сетне и вистина да велиш никој не ке те вервит!“

Станува збор за беседа на нашиот најголем поет од 19-ти век објавена веднаш откако е одржана во Охрид, односно само дваесеттина дена подоцна во весникот „Време“. Во научните кругови ова „слово“ на Прличев е познато под насловот „Чувај се себеси“, а предизвикало големо внимание не само кај оние што го слушале туку и кај оние што го прочитале. Во словото, кое е најдолго од сите негови слова, Прличев ги советува луѓето да прават добри дела, да бидат работливи, да се штитат од суеверие, да се образуваат на мајчин јазик и да си ја сакаат татковината:

„Шчо ке речит – да не мамиш. Оти ако те разбереет оти мамиш, сетне и вистина да велиш никој не ке те вервит. Тој шчо тепат и него ке го отепеет. Чумотие разумот, кога тој вели чувајсиа татковината и љубиа неа појке од сфе, а ти си ја продааш таткојната за ошчо, за едно кафе, за една визина… Чумотие разумот кога сфекое харно го борајш за лошо, а лошото за харно. Тебе те имам за лексаајне (зборување) шчо се не чуваш шчо си толку прост, и толку аплос на срце, дури таткојната мила си ја предааш и топлиш фпазоа змиа шчо те каснит. Толку сме одалечени от доброто, шчо правиот човек го имаме за будала, а музевирот за чесен. Сфекое лошо за харно, а харното за лошо. Та за тоа никако неможиме да се зачуваме. Сфите книжје шчо се наожџеет по векоф, сфе тоа пишеет, чувајсе. Ама ние от сфите страни видовме оти го имаме престапено, та за тоа сме испаднати на едно мертебе (степен), шчо колку славен беше Охрит напрет, толку сега сфиот век се ликсат (шегува) со нас, на тоа сме паднати денеска, на вакоф сон болезлиф и мртоф, чунки госпот рече ако се нечуваш сфите таксирати ке бидеет на глаат тфоја… Госпот ти даде разум, и ти рече чувајсе. А ти се нечуваш, та тргаш. Ех! Кој ти е кабаетлија! Ние не можиме да речиме оту сме живи. Ние ушче на живот сме мртви…“ , им порачал Приличев на охриѓани пред 150 години, иако звучи како да тоа да им го говори денес.

Пред 150 година, во годината на оваа негова најжестока беседа, по иницијатива на Прличев, охридските трговци и занаетчии основаат фонд за „народниот подвиг“, како што ја нарекува таа борба поетот, за воведување на народниот јазик во училиштатата и црквите наместо грчкиот, всушност борба за ослободувањето од духовниот гнет на Цариградската, грчка патријаршија. Како еден од водачите на „народниот подвиг“, Прличев речиси секојдневно држи слова пред собирите на граѓанството на народен јазик, беседи за спас на татковината.

Според Тодор Димитровски, од словата може да се види каков извонреден познавач на македонскиот јазик бил Прличев, особено во говорништвото. Бидејќи во тоа време немало утврдена македонска азбука, Прличев, со согласност на првенците од „народниот подвиг“, заминува за Цариград за да се поучи „на словенски“. По петмесечен престој се враќа во Охрид и набргу потоа почнува засиленото воведување на народниот јазик во црквите и училиштата.

Бидејќи ваквиот подвиг бил насочен против интересите на великогрцизмот, против Цариградската патријаршија, акцијата ја пресекуваат фанариотите. Владиката Мелетија го наклеветува Прличев пред турската власт, и таа веднаш го затвора. Прличев поминува извесно време во дебарската зандана, а потоа, во април 1869 година, значи три години по неговата позната беседа за татковината, за тоа како треба да се сака татковината, како морален победниик се враќа во Охрид. Фанариотите претрпуваат пораз, владиката Мелетија е изгонет, а семето посеано од Прличев и другите учесници во „народниот подвиг“, во граѓанското движење за одбрана на татковината, дава плод.

loading...

Поврзани статии