ДИПЛОМАТСКИ ИГРИ НА САД, БРИТАНИЈА И СССР: На Балканот нема место за самостојна Македонија

loading...

Пишува: Блаже Миневски

Според проф. д-р Тодор Чепреганов, историчар кој веќе неколку децении истражува во странските архиви, особено во архивите во САД и Велика Британија, бројните извештаи на британските воени мисии за политичките ставови на македонските политички и воени раководители за време на Втората светска војна ја подигнале мобилноста на британскиот политички естаблишмент а најдобар доказ за тоа претставува реакцијата на Форин офис за одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, кога беа испратени поздравни телеграми до „големите тројца“, Винстон Черчил, Јосиф В. Сталин и Франклин Д. Рузвелт.

Во телеграмите се истакнувал придонесот на македонската војска во борбата против нацифашизмот и вековниот сон на македонскиот народ за формирање обединета, независна и самостојна македонска држава. Информацијата за одржувањето на заседанието Британците ја добиле на 15 август 1944 година, а првиот пишан документ бил добиен на 18 август 1944 година. Ваквата неочекувана информација ја вознемирала британската политичка елита.

„Во првиот момент по добивањето на информацијата за АСНОМ, Британците како да не биле свесни за која Македонија станувало збор – Вардарска, Пиринска или Егејска. По редица консултации, екпертите можеле „со сигурност“ да потврдат дека „Македонија за која станува збор е југословенската Македонија“.

Но тоа кај нив предизвикало и друга дилема, произлезена од стравот дали македонските партизани ќе „постават барања во однос на делови на територијата на Грција, Бугарија и Албанија од пред 1941 година, за нивна независна Македонија“. Таквата анализа барала и поголема претпазливот во однос на одговорот којшто требало да се испрати од страна на Британците до АСНОМ. Бидејќи во тој момент британскиот премиер Винстон Черчил се наоѓал во Италија, на 20 август 1944 година, Форин офис упатил телеграма до министерот-резидент на Централниот Медитеран во Казерта, Макмилан, во која му се давале инструкции како да постапи доколку Черчил реши да одговори на телеграмата од АСНОМ. Нему му се сугерирало одговорот да биде само „во форма на едноставна потврда за прием“ бидејќи, како што сметале тие, британската помош на НОВ и ПО на Југославија не ја вклучувала и шемата на Тито за создавање автономна Македонија и сметале дека потврдата за прием ќе биде добар сигнал дека политичките цели на Македонците за автономна Македонија не „ја уживаат помошта на Британската влада“.

Сугестиите дадени од страна на Форин офис биле прифатени и на 23 август 1944 година од Рим, од Британското претставништво била испратена телеграма до Форин офис, во која се истакнувало дека Черчил ја прифаќа сугестијата да не одговори туку, во име на Черчил, Форин офис да испрати потврда за прием на телеграмата од АСНОМ.

Очигледна е претпазливоста со која британскиот Форин офис се однесувал кон сѐ она што можело, на кој било начин, да претставува и најмал сигнал за поддршка на такви ставови коишто не влегувале во сферата на британската „реална политика“. Имено, Македонија во британските политички планови за повоеното уредување влегувала единствено во рамките на Југославија. Прашањето било само за тоа дали Македонија ќе биде повторно во рамките на Кралството Југославија или во југословенската федерација, формирана од комунистите. Бидејќи во август 1944 година војната сѐ уште траела, тоа била една од причините Велика Британија да се однесува многу внимателно со македонското национално прашање, сѐ до новата поделба на интересните сфери“, вели проф. д-р Тодор Чепреганов.

Нема место за нова држава каква што сака да биде Македонија!

Британската дипломатија преку своите агенти на  теренот со големо внимание ги  следела активностите на АСНОМ во врска со иднината на Македонија. Во основа било прашањето дали Македонија ќе се задоволи со федералниот статус во рамките на југословенската федерација или ќе настојува преку федерацијата да го реализира обединувањето на Македонија во рамките на Југославија или во некој друг вид федерација, на пример балканска, или во рамките на бугарско-југословенска федерација во која би влегол и делот на Македонија под Бугарија.

Она во што биле сигурни британските експерти, според развојот на настаните, било дека самото формирање на македонската држава во основа не го исклучувало прашањето за обединувањето на Македонија.

Од своја страна, имајќи ги предвид програмските цели на македонското народноослободително движење, политичкото и военото раководство на НОВ и ПО на Македонија во своите настапи како зацртана цел го имала обединувањето или влегувањето во некоја поширока федерација на балканските народи каде што повторно Македонија би била обединета. Несомнено, таквите тежнеења на политичките и воените лидери биле „сметка без крчмар“, бидејќи во заднината на војната веќе се воделе преговори за повоеното уредување на светот во кој немало место за уште една нова самостојна и независна држава каква што била Македонија, било да е обединета или само во делот на вардарска Македонија надвор од рамките на Југославија.

Веќе од средината на 1944 година, во односите на политичките елити на Велика Британија и СССР актуелно станало прашањето за интересните сфери. И покрај сите настојувања, видливи во архивската документација, не може да се одбегне фактот дека и двете страни во потесните кругови, веќе од почетокот на 1944 година, „кроеле“ планови за повоеното политичко уредување на светот. Несомнено, главна улога во тоа имале политичарите на Велика Британија и на СССР. Во ова „пазарење“ САД, во оваа фаза, биле надвор од „играта“ за нивно политичко влијание на Балканот. Тие уште ја следеле политиката на Велика Британија и го поддржувале нејзиниот интерес.

На Балканот е неизбежен директен судир на интересите а во догледно време и конфликт!

Според проф. д-р Тодор Чепреганов, сѐ позачестените дописи од страна на дипломатско-конзуларните претставништва на Велика Британија дека СССР веќе размислува и дејствува во однос на редефинирањето на повоените граници биле причина британскиот министер за надворешни работи, Антони Идн, во средината на 1944 година, на овој проблем да му пристапи со сета сериозност, бидејќи тоа ги загрозувало интересите на Велика Британија на Балканот. Тој, пред сѐ, се вознемирил од „развојот на настаните, кои ја покажувале намерата на Советската влада за доминантно влијание на Балканот“.

Поради тоа, тој се обратил до Форин офис, со цел истиот да се ангажира околу проверката на веродостојноста на тие гласови и да направи анализа „за начинот на кој Советската влада“ ќе ја спроведе својата замисла. Исто така, тој побарал експертите во Форин офис да се изјаснат дали таквата советска политика „би можело да има влијание врз нашата политика и врз нашите воени планови во подоцнежните фази од војната и, доколку има, на кој начин тоа би се случило“.

Притоа, Идн, како искусен политичар, бил наполно свесен дека на Балканот е „неизбежно да има директен судир на интересите“, а во „догледно време и конфликт“ во однос на нивното разграничување.

Британските експерти воопшто не биле сентиментални спрема дотогашната британската геополитика на Балканот. Според нив, ако веќе требало некој да биде обвинет за таквата советска политика на Балканот и за наметнувањето на комунистите во народноослободителните движења во Југославија и во Грција, секако не бил СССР туку „тоа сме ние самите“. Во тој момент сметале дека „Русите само може да седат во заднина и да гледаат како ние ја вршиме нивната работа“. Во однос на Југославија биле сосема сигурни, имајќи го предвид она што се случувало на теренот, дека „Тито, со сопствени сили и со наша поддршка, веројатно ќе се појави како водечка сила, го сакале ние тоа или не…“

Сосема е очигледно дека во нивните „цртања“ на повоената карта немало место за Македонија како самостојна, независна и обединета македонска држава, пред сѐ имајќи предвид дека набележаните цели во меморандумот на Идн, со мали измени, биле имплементирани на Јалтската конференција.

Кон крајот на 1944 година картите како да не ѝ биле наклонети на Велика Британија. Сигурно дека советското напредување во земјите на југоисточна Европа не им давало мир на британските политички и воени планери. Тие биле свесни дека доколку Советите се „закотват“ во југоисточна Европа, ќе биде мошне тешко да се изнајде такво решение кое би било поволно за Британците, бидејќи во таков случај сите карти во преговорите би биле во рацете на Советите. Британскиот политички естаблишмент сметал дека би било пожелно да се направи обид барем Југославија да се придобие на британска страна. Британците биле свесни дека советскиот експанзионизам, започнат во годините пред почеткот на Втората светска војна со потпишувањето на договорот меѓу нацистичка Германија и СССР, ќе продолжи со ставање под своја контрола на балканските ДРЖАВИ .

ДЕНЕШЕН.МК

loading...

Поврзани статии