Во Струмица приведено лице кое извршило 127 кражби и обид за убиство

loading...

Во четвртокот во 10:00 часот на улица „Мито Хаџивасилев Јасмин“ во Струмица, по преземени мерки и активности, поради постоење основи на сомнение за сторени повеќе кривични дела тешки кражби и тешки кражби во обид во станови во повеќе градови во државата, како и едно кривично дело убиство во обид, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода лицето И.С.(37) од Кавадарци, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција.

„Притоа, бил извршен личен претрес и кај лицето биле пронајдени и одземени мобилен телефон, клучеви и фолии за отворање на блиндор врати, француски клуч за кршење на цилиндер брави, пари и други предмети. И.С. ги извршил делата во периодот од мај до септември во повеќе градови од државата. На ист начин, со кршење на цилиндри на брави од влезните врати, влегувал во станови и најчесто одземал пари и златен накит, но и други предмети“ – рече Ангеловски.

На подрачјето на СВР Струмица, И.С. извршил 10 кривични дела, седум тешки кражби во Струмица и три тешки кражби во Радовиш. На подрачјето на СВР Штип, извршил 12 тешки кражби – седум во Штипи пет во Кочани. И.С. извршил и четири кривични дела во Куманово.

На подрачјето на СВР Битола И.С. извршил 31 кривично дело, од кои 16 во Битола, пет тешки кражби во Ресен, десет во Прилеп. На подрачјето на СВР Велес, во Велес извршил осум кривични дела и две во Кавадарци. Во Охрид извршил 31 кривично дело, а во Кичево 10. Во Скопје, пак, извршил 19 кривични дела.

Вкупно 127 кривични дела, од кои 110 тешки кражби, 15 тешки кражби во обид, една кражба и една разбојничка кражба.

„Извршен е и претрес во куќата во Прилеп во која привремено престојувал И.С. и биле пронајдени голем број предмети кои потекнуваат од кривични дела. Украденото злато И.С: го продавал во златарски дуќани во Охрид и Прилеп“ – рече Ангеловски.

И.С. се сомничи и за сторено кривично дело „убиство во обид“.

„Полициската станица Кавадарци поднесе кривична пријава против И.С. поради основано сомнение дека сторил кривично дело „убиство во обид“. И.С. на 06.06.2018 година околу 11:00 часот по телефон и се јавил на неговата пријателка Р.А., која била во село Сопот и со такси возило ја земал и ја однел во село Бегниште. Кога заминале кон гробиштата во Бегниште, Р.А. му кажала дека е бремена, по што И.С. извадил нож и ја прободел во стомакот“ – рече Ангеловски.

Во текот на денот И.С. ќе биде изведен пред судија на претходна постапка во судот во Велес.

 

loading...

Related posts