Првачињата имаат по пет часа дневно, дури и блок-часови. Премногу е, децата немаат концентрација

loading...

Првачињата имаат по пет часа дневно, дури и блок-часови. Премногу е, децата немаат концентрација

 

Програмата е преобемна за нив, за сите одделенија. Затоа, во првите три часа ги одржувам потешките предмети – математика, македонски јазик, природни науки. Во последните ги оставам музичко, ликовно, физичко, објаснува наставничка од одделенска настава

Првачиња со по пет часа дневно, третоодделенци со 29 часа неделно, четвртоодделенци со по 12 предмети во учебната година. Првоодделенците имаат три учебници по математика, учебник по македонски јазик, иако според програмата дури во второ почнуваат со описменување. Шест часа македонски јазик во прво одделениe (еден ден имаат блок-часови). Три часа неделно по англиски јазик во трето одделение и редовни, шест одделенски часа дневно…
Дали се подготвени децата да ја издржат оваа програма? Одделенска наставничка од скопско училиште вели дека програмата е преобемна во сите пониски одделенија.
– По третиот час децата немаат никаква концентрација. Програмата за нив е преобемна, за сите одделенија. Затоа, во првите три часа ги одржувам потешките предмети – математика, македонски јазик, природни науки. Во последните ги оставам музичко, ликовно, физичко – објаснува таа.

Навраќајќи се на старите програми што се применуваа пред дваесетина години, таа објаснува дека првоодделенците два дена во неделата имале по три часа, а во останатите денови по четири.
– И беше сосема доволно, го совладуваа сиот материјал. Поголем број часови не значи дека учениците ќе бидат подобри – децидна е таа.
Драгана Г. е мајка на две ученички (едната во прво, а другата во четврто одделение) и има солиден увид во нашиот образовен систем. Таа вели:
– Сè уште не можам да сфатам како нашето образование уште во прво полугодие „ги малтретира“ децата од пет и пол и шест години со по една торба книги. Децата уште не знаат каде се наоѓаат, ние ги тормозиме со три математики, учебници големи… а тие не знаат ниту да читаат. Зошто тој материјал да не е поприспособен за возраста, повеќе да личи на сликовница, а не половина од домашните задачи да треба родителите да ги пополнат. Не го разбирам концептот. Детето да одговори усно, а родителот тоа да го пополни?!

По третиот час децата немаат никаква концентрација. Пред дваесетина години првоодделенците два дена во неделата имале по три часа, а во останатите денови по четири. И беше сосема доволно, го совладуваа сиот материјал, вели наставничка

Според неа, во прво одделение не треба да имаат повеќе од четири часа, а децата речиси секој ден имаат пет.
– За среќа, ќерка ми е во класична настава, па времето на седење е четири часа. Веќе ги слушам мајките чии деца одат во целодневна настава колку тешко им оди приспособувањето да седат и по осум часа во училиште. Во четврто одделение децата имаат 12 предмети! Тоа е надвор од умот. Без разлика што меѓу нив има и Творештво, Ликовно, Физичко, кои се порелаксирачки предмети, сепак, тоа е премногу. А во шесто – 13 предмети, што е мала разлика, зарем не? Секој ден имаат по шест часа, еден ден и седум! – вели Драгана Ѓ.

Соња Атанасовска е мајка на третоодделенец. Кога син ѝ го донел распоредот дома и му станало јасно дека секој ден има по шест часа, рекол дека веќе нема да оди во школо.
– Неделно имаат шест часа македонски, три часа англиски јазик! Англиски учат од прво одделение. Јас почнав да учам во петто, како прв странски јазик. И добро го владеам. Од прво одделение децата имаат еден ден во неделата блок-часови по македонски јазик. Дали тоа значи дека подобро ќе го совладаат јазикот?! – прашува Атанасовска.

Фото: КолектифПрес

Нејзиното искуство покажува дека бројот на часови само го демотивира детето да оди во школо. Дополнително, втората смена завршува околу 17 часот и нема време за сите дополнителни активности на кои оди детето.
– Во деновите кога имаат дополнителни активности, децата се ангажирани од 12 до 20 часот. Како работно време на возрасен човек. Кој може да го издржи тоа- прашува Атанасовска.

Статија на: deca.mk

 

loading...

Поврзани статии