Во вторник собраниската Комисија ќе расправа за одземање на мандатот на Груевски

loading...

Седницата на собраниската Комисија за деловнички и мандантно-имунитетни прашања на која ќе се разгледува предлогот за одземање на мандатот на Никола Груевски ќе се одржи во вторник.

На веб страницата на македонското Собрание за 6 ноември е закажана оваа седница со единствена точка на дневниот ред – Предлог за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски врз основа на добиено известување од Основниот суд Скопје 1 Скопје, Одделение за организиран криминал и корупција за пресуда КОК бр.59/17 од 23.05.2018 година со која пратеникот е осуден на казна затвор во траење од две години.

Од Кривичниот суд вчера соопштија дека судија за извршување на санкции ја одбил молбата на Груевски за одлагање на двегодишната затворска казна за набавката на луксузниот мерцедес во предметот „Тенк“ на СЈО.

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ најдоцна до 8 ноември треба да се јави на издржување на двегодишната казна затвор.

На 23 мај, Кривичниот суд Скопје за набавката на мерцедесот вреден 600 илјади евра го осуди првообвинетиот Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор, а второобвинетиот Никола Груевски, како поттикнувач за извршување на делото, на две години затвор. Двајцата потоа поднесоа жалби на првостепената пресуда до Апелацискиот суд Скопје.

На 5 октомври, Апелација како неоснована ја одби жалбата на Груевски и во целост ја потврди првостепената пресуда за затворска казна од две години.

Судот делумно ја прифати жалбата на обвинетиот поранешен помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски и го преиначи делот на одлуката за казната и го осуди на казна затвор во траење од четири години и шест месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.

Во предметот „Тенк“ осудена е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на шест години затвор.

loading...

Поврзани статии