КОЛУМНА НА ЦВЕТАНОВСКИ: Заев – шири, шири, Пандорини пешкири!?

loading...

Колумна на Љупчо ЦВЕТАНОВСКИ за ДЕНЕШЕН.МК

Тамам ќе помислите дека З.З. го достигнал зенитот на својата „популарност“ и со ништо повеќе не може да ја „засени“ својата карикатуралност и интелектуална празнотија, а тој, пак и пак и пак ќе ве изненади. И насмее… Барем за момент, се’ дури не ви текне што и прави на државата, нели.

No оne еxpects the Spanish Inquisition” или  „Никој не ја очекува шпанската инквизиција“. Ова е незаборавната реплика на неповторливите Монти Пајтон. Добро де, и Брајан си имаше житие, чуму не би и самоцрпнатиот ни муртинец?! Е па, оти тоа беше британска шега, а нашево е македонска реалност…

За наша жал, британската пародија Македонците ја гледаат во живо. Секојдневно. Никој не очекува, нит посакува З.З да плесне толку тешка глупост, арно ама, тој толку упорно го прави тоа, небаре му е задача, животна цел, го полни ли така муртинското му „моџо“?

Аман, логично ќе се запрашате, па што бре прават 140-те советници му непрокопсани, па не срами бе луѓе, демек, премиер е нели, на Македонија наша. Макар, негова Северна била…

Па, поведени од нелогичноста му недоветна –  логично се прашувате: Му создава ли душевен мир билмезлукот на екраните и интернетот, зависник ли е од сопствената празнотија или поверојатно: кој-мој црепов ги прави овие циркуски акробации?!

Да, го има секој ден, на претек, а тој самобендисан по минимум три пати дневно со изјави се појавува на политичката ни сцена, оти македонскиот ни инквизитор (за кој само не сум толку убеден дека е македонски) многу милува да се слика и да говори. По проверениот рецеп, едно од три е секогаш „бисерче“, башка солено. А секогаш кога не чита и нема ливче пред себе, тој за краткотрајна „радост“ на нацијата (која веќе нема чуму да се радува, освен на неговите лапсус- лингви) плеска по барем два-три црни бисера.

„Заевизам“, ова  е најновиот ни термин во македонската ни лингвистичка сфера, синоним за новокомпонирана, бесмислена и најнелогична глупоштина.

Последната беше една од најискрените му, која кажа многу за него. „Скроз…“

Во свој стил З.З., без срам и перде (мисловна именка за него, исто како и љубовта кон татковината, нацијата, историјата, интелектот и скрупулите) си кажа:

Нема да дозволиме ширење на Пандорина кутија и никој нема право да го условува влезот на Македонија во НАТО и Европската Унија“ изјави „З.З. за пакетот уставни амандмани доставени од БЕСА на Касами преку кои бараат повеќе права за етничките Албанци.

Аман бе, па и во кооперација (без навреда, и јас мислам дека тоа е синомим за „светиња“) знаат дека Пандорината кутија се отвора, не се шири.

Во меѓувреме, од ридот толку многу го кандисале неговиот конзистентен палјачо-перформанс, што му дале ролја за десет броја поголеми кондури.

И така, сега, истиот тој три пати аболициран З.З. ќе го „рашири“ 23-то и 24-то поглавје во преговорите со ЕУ, притоа свечено „ширејќи“  шампањ со Вицето, Рада и по некој екс ВМРО-вец, се разбира (погодувате кој, нели). Да, гарант, ќе ги шири и Мајските оперски вечери, МОТ, СВП, Фолк фест Валандово, Калинка, да, ќе го шири и Златно славејче, Тетовски филиграни, Манаки, Чернодриски (по оној прилепчанецот на Алаѓозовски) итн. итн. итн. Саде да се слика и продава демагогии…

Што ли се’ не ќе рашири Заев. Искуство има. Одлично CV. Па, веќе докажа дека го бива за „ширење“ Устав, нови коалиции, матни „мара“ бизниси, фондови за иновации, чочеци на крајот на тунелот, Беќир пајаци, за капитални инвестиции, ширење на нови долгови (прашајте ги СБ и ММФ ако не верувате), ширење договори со „соседи“ кои веќе 100 пати ви ја умреле козата, ширење нови страници во историјата, па се’ до сијасет нови „Тамари“ (прости што те спомнувам, мило)…

Да, се’ што треба, З.З. ќе ви прошири (макар и фармерки), но најскапо што може. Се разбира, на сметка на државата ни, аф-корс.

Оти, македонштината, историјата, идентитетот и Македонија веќе доволно ги рашири. Буквално, до непрепознатливи граници… А во доменот на антимакедонштината, е тука му нема рамен. Познат е како „политичарот, раширен четира прста…“ За се’, освен за македонските интереси…

Другото, се’ си има „проѓа…“

P.S.

Пет години пред муртинецот да стапи на животната му сцена, во Хјустон, Тексас, во 1969-та година се оформија ZZ Top. Само што муртинскиот З.З., за наша жал,  испадна ZZ Down. Таксират…

loading...

Поврзани статии