Eксперти: Измените во Преамбулата на Уставот носат неизвесност за иднината на Македонија

loading...

Впишувањето на Охридскиот рамковен договор во Преамбулата на Уставот, а елиминација на Манифестот на АСНОМ и теоретски и практично значи нова држава- концепт на федерализација, анализираат експертите. Зошто? Пред се заради значењето на елиминираниот Манифест наспроти Прогласот од АСНОМ, што ќе биде впишан во уставната преамбула ако Собранието аминува.
-Манифестот е последица на она што значи одлуки од државотворен карактер. Станува збор за четири значајни такви одлуки кои се однесуваат на прогласувањето на АСНОМ за законодавно и извршно тело на државната власт на Демократска Македонија, прогласувањето на македонскиот за службен јазик, прогласувањето на Илинден за државен и Народен празник и декларацијата за овозможување на еднакви права пред законите на сите граѓани на Демократска Македонија. Прогласот е само едно сумарно известување за тоа што се одлучило во врска со АСНОМ, вели Наташа Котлар – Трајкова, историчар.
– Прогласот гледано од денешно време, најпластично можеме да го споредиме со соопштение после една седница на Влада на пример, или пак да има уставотворно собрание се праќа до јавноста соопштение, Дарко Јаневски – новинар.
И Котлар-Трајкова и Јаневски, констатираат- патеката по која се трасира иднината е задкулисна, но крајната линија на делување не може да се скрие.
-Граѓаните немаат врска со тој Охридски рамковен договор, тој беше наметнат исто така на сила. Но, поентата е што на овој начин се прави обид да се избегне и онаа замка што се појави последните десеттина години а тоа е дека Албанците не се дваесет отсто во Република Македонија. Не случајна е и оваа кампања сега „не ме викај 20 проценти туку викај ме Албанец“, вели Јаневски.
Впишувањето на Рамковниот договор е речиси финале на она што беше проект на Тиранската платформа, Договорот со Бугарија, и на крајот – Преспанската спогодба.
– На еден задкулисен и крајно индиректен, нетранспарентен начин се обидуваме сега да се справиме со понудата за формирање на нова држава. Таа нова држава би имала нов Устав, а кога ги читаме понудените амандмани гледаме дека нуди и федеративни опции, нагласува Котлар-Трајкова.
– Прифаќањето на грчките услови води кон создавање на нова држава со два конститутивни народи, што води кон федерализација а во перспектива кон распаѓање на Македонија, истакнува Јаневски.
Инаку уставните амандмани се на дневен ред на собраниска комисија во среда. Власта вели има обезбедено мнозинство за да ги протурка, опозицијата не се сложува со ниеден- за нив и тие се еднакво капитулантски како и договорот од Нивици.

Искра Коровешовск

Алфа ТВ

loading...

Поврзани статии