„Ја мразам Македонија, никаква е“ – пакува куфери со години, а никако да се отсели

loading...

Вие заглавени на половина пат сте најтрагични. Сеете негативна енергија, мрачите сè околу себе, тапкате во место, сонувате за некои подобри краишта, но повторно сте тука.

ja-mrazam-makedonija-nikakva-e-pakuva-kuferi-so-godini-a-nikako-da-se-otseli.jpg

Колку луѓе околу вас откако ги знаете говорат против Македонија, ги нагласуваат сите негативни страни на својата татковина и пакуваат куфери? Но, никако да тргнат накај аеродром и да си купат билет во еден правец. Е тие се најтрагични.

Секоја чест на оние што собрале храброст и тргнале на друго место, каде ќе бидат дојденци, за да си бараат подобро утре. И секоја чест на оние што останале и не се откажуваат од земјата во која се родиле по ниту една цена. Но, не ги разбирам овие на половина пат.

Години наназад се жалат како е никакво, сеат негативна енергија, погрдни зборови и за сè и секого од својата земја имаат критика, но никако да мрднат оттука. Зошто си ги трошат годините во оваа „вукојебина“, како што велат тие? Ако толку не им чини, досега можеа да заминат 100 пати.

И познавам доста вакви ликови и навистина нема оправдување зошто остануваат. Толку се негативни што прави да се запрашате како можат да си го губат драгоценото време само плукајќи зло од устата и притоа ништо не преземајќи за да си го подобрат својот живот.

Тапкаат во место, сонуваат за некои подобри краишта, но повторно се тука. Зошто?

Или тргнете или престанете да „мрачите“, сериозно. Кога веќе сте тука сторете сè што можете за да ја подобрите ситуацијата, наместо само да пишувате статуси на социјалните мрежи.

Обидете се да ја видите светлата страна на вашата татковина, која пред сè е убава затоа што ви е дома, затоа што тука припаѓате, затоа што тука сте се родиле. Излезете од сивиот град, како што го нарекувате, видете ги сите тие планини, реки, ливади, езера, полиња што ги нуди вашата прекрасна земја. Има природа на која многумина ќе позавидат. Има скриени катчиња кои душата ја полнат.

Појдете таму, наполнете си ги градите и очите со убавини. Појдете во некое село, видете ги руралните куќи кои историја раскажуваат. Проговорете со некој од жителите што остануваат таму и нека ви ги каже своите убави спомени од младоста во Македонија. Нека ви раскаже како мирно си ги минува пензионерските денови на грутката земја каде живееле неговите дедовци и прадедовци.

Порадувајте се на убава клима без сурови зими и постојан мрак како што е во некои земји. Порадувајте се на добрата местоположба од каде секоја земја во Европа ви е на дофат на рака. На тоа што сме мала земја, но убава и можете да се занимавате со планинарење, велосипедизам и што уште не и тоа најмногу што треба да патувате до посакуваната дестинација е 2, 3 часа.

Обидете се да гледате на убавата страна кога веќе останувате тука. Доста бевте тажни, безнадежни и токсични за околината. Можеби малку ни се нуди во некои аспекти, но во моментот да го искористиме максимумот од тоа и заедно да работиме за подобра иднина. Трошејќи си ги деновите сеејќи омраза, а останувајќи повторно „заглавени“ тука, верувајте не носите добро никому. Ниту себе, ниту на околината, ниту на својата татковина.

Насмевнете се, кажете добар збор, имајте позитивна мисла, не боли.

Статија на С. С. | Црнобело / фото: depositphotos.com

loading...

Поврзани статии