Александар Филев од петок пред струмичката публика

loading...

Познатиот струмички и македонски сликар и мозаичар, Александар Филев, во петок, 9-ти ноември од 19:30 часот, пред љубителите на ликовната уметност ќе претстави точно 100 нови дела. Ова ќе биде негова десетта изложба, насловена како „Нескротлива енергија“.

„Творечките импулси на Александар Филев во последните години се карактеризираат со посебно богата текстура во сликарскиот јазик и изразено длабока експресивност во креативната реализацијата на неговиот внатрешен непресушен извор. Неговото сликарство излобилува со енергичност во сите свои форми. Исклучително богатиот колорит ја најавува експресијата која избликува од умешните творечки потези, растреперувајќи ја целата површина на сликата. Градејќи ги тоновите низ рафинирани и хармонични контрасти тој само ја зголемува драматиката на овековечениот момент, момент во кој времето застанало во кулуминацијата на збиднувањето.

Тематиката во композициите на Филев е во еднаков сооднос со неговата сликарска енергија. Така во неговите дела преовладуваат претстави на Коњи со јавачи и без, бикови, орли… Не случаен е тој избор на земски суштества со возвишено симболно значење. Допирајќи по возвишените извори на духовната енергија тој го простира својот тематски распон низ мракот до светлината, низ смртта до животот, во вечен круг каде движечка сила се грациозните и низ вековите омилени мотиви на природата. Така тој сликајќи ја благородноста на мотивот го навестува и скриеното универзално значење на убавината, храброста, плодноста, хегемонијата, победата, животната сила и расцутот“ – напиша Ѓорѓи Томовски, сликар и мозаичар.

Петок, 9-ти ноември 19:30 часот НУЦК „Антон Панов“ Струмица

loading...

Поврзани статии