Камчев: Сите мои компании се отворени за соработка со СЈО

loading...

Извршниот директор на „Орка Холдинг“ Јордан Камчев денеска преку пишано соопштение изјави дека сите негови компании се отворени за соработка со Специјалното Јавно обвинителство, како и со сите други државни институции во земјава, а пред се во интерес на одржување квалитетна бизнис клима и економски просперитет во земјата.

Тој ја информира јавноста дека како сопственик на повеќе компании во Македонија, кои вработуваат над 3.000 лица, максимално се отворени и транспарентни за секој инспекциски надзор.

– Компаниите во кои сум сопственик, со целосна одговорност изјавувам дека ги почитуваат позитивните законски прописи во Република Македонија и токму поради тоа верувам дека многу брзо ќе се отстрани секаков сомнеж околу нивното работење, стои во соопштението.

Инаку, Специјалното јавно обвинителство соопшти дека по спроведена опсежна предистражна постапка, во која се преземени десетина предмети што се воделе пред надлежни обвинителства и врз кои била воспоставена надлежност на ова Јавно обвинителство, денеска е отворена истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

МИА

loading...

Поврзани статии