Димовски: Дијагноза – Колективна депресија

loading...

Неподносливоста на секојдневието кај нас, ја доживува својата кулминација во последниот период. Повеќе од ретки се луѓето со кои кога и да се сретнеш или слушнеш, се добро расположени или насмеани. Напротив, речиси секој личи како да ги живее последните денови од својот живот и како едвај да чека да дојде последниот ден. Како на сите да им паднал мрак на очи, како да им натежнале темни облаци на плеќите. Црнила ни е денот, по црн од најцрната ноќ. Дијагнозата, несомнено е, колективна депресија. Изгубена надеж и потрошен живот во безидејно лутање во апатијата, пишува Димитар Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на Фејсбук.

Неговиот статус интегрално ви го пренесуваме во продолжение.

Кај оние кои со половина уста се обидуваат да се насмевнат, опстојува надежта дека можеби ќе успеат да се иселат, да си ја најдат среќата негде што подалеку од тука. Тие барем живеат со некаква надеж, па макар и лажна.

А, не беше така. И не мораше да заврши вака. Се можеше да биде поинаку, да бидеме по среќни, задоволни, со помалку проблеми и подобри услови за живот. И да не се надеваме дека што подалеку од овде, толку подобро.

Секој има своја причина да биде во депресија. Или повеќе причини. Најчесто, оправдани.

Го сменија името – депресија.

Се откажаа од идентитетот – депресија.

Ништо не функционира – депресија.

Излажаа за се што ветија – депресија.

Казнуваат на секој чекор, секоја фирма – депресија.

Воздухот е загаден – депресија.

Лебот поскапува – депресија.

Не задолжија со една милијарда евра – депресија.

Укинаа додаток за трето дете – депресија.

Го поскапеа дизелот – депресија.

Нема плата 500 евра – депресија.

Ама си делат илјадници евра стипендии на сопствените деца – депресија.

На докторите и медицинскиот персонал нема покачување на платите – депресија.

На наставниците нема поголеми плати – депресија.

Пензионерите немаат поголеми пензии – депресија.

Седнаа во удобни фотељи и го заборавија народот – депресија.

Ги вработуваат своите најблиски или лични придружнички – депресија.

Откуп на јаболкото за половина денар за килограм – депресија.

Притисоци и бркање од работа – депресија.

Пропаѓаат мали фирми – депресија.

Блокирани улици – депресија.

Болниците без реагенси и лекови – депресија.

Клинички центар е во тотален хаос – депресија.

Го даваат државното здравство на приватници за лично богатење – депресија.

Тендери во четири очи – депресија.

Поделба на милиони евра на луѓе блиски до власта за наводни иновации – депресија.

Се прислушкуваат телефони на институции – депресија.

Можеби и мене ме прислушкуваат – депресија.

За изразен став на фејсбук, те викаат во полициска станица – депресија.

Протестираш на улица, по што ти прават претрес во домот – депресија.

Уцени и рекет на сите страни – депресија.

Убиства по улиците – депресија.

Опожарени возила речиси секој ден – депресија.

Ограбени домови секој ден – депресија.

Децата ни се иселуваат – депресија.

Груевски избега – депресија.

Секојдневни притвори – депресија.

Политички прогони и притисоци – депресија.

Покрај сувото гори и суровото – депресија.

Секој со својот крст на грбот, ја искачува угоре својата Голгота. Секој со свои црнила и маки. Секој со свои причини за депресија. Но, собирокот под цртата, дефинитивно е колективна депресија.

А, не мора да биде вака. Можеме и мораме да се подобриме. Оваа зла крв која се лее, белким ќе истече веќе. И да тргнеме од ново. Прочистени од злобата и зависта, не гледајќи на туѓите маки со ситење, туку со сочуство и со желба да му се помогне на другиот. Може да не биде. Треба да сакаме. Проблемите ги знаеме, сме ги детектирале. Ако веќе ги знаеме, тогаш има начин и како да ги решиме. И тој не е ниту комплициран, ниту страшен. Едноставен е. Треба да почнеме секој од самиот себе, со лични примери. Треба да се воздигне правосудниот систем на ниво кое секому ќе му гарантира сигурност и правичност. Треба да создадеме богато и потрошувачко општество, каде секој ќе може да си дозволи да има пристоен и достоинствен живот. Треба на лицата со посебни потреби да им погледнеме во очи и да им поддадеме рака, да чекорот заедно со нас. На оној кој нема работа, да му создадеме работно место. На оној кој има фирма, да му создадеме услови да ја развива, наместо да го урнисуваме со казни и даноци. Инспекторите треба да бидат коректори и помагачи за правилно работење на тие фирми, а не крвници. Јавната и државната администрација треба да се однесуваат кон секоја странка, фирма или човек, како тој да им дава плата, како тој да ги вработил. Треба да нучиме прописно да паркираме и секој да си вози на својата лента од улицата, кротко и без нервоза. Треба да ги почитуваме наставниците, професорите, но и лекарите и пожарикарите. Да го почитуваме другиот, за да не почитуваат и нас. Можеме, ако сакаме.


 

loading...

Related posts