Виктор Фридман од САД – добитник на светската награда за хуманизам за 2023 година


Академик Виктор Фридман од САД – добитник на светската награда за хуманизам за 2023 година

Академик Фридман е седумнаесетти добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.

Свечената церемонија на доделувањето на наградата ќе се одржи на 9 август, Св Климент летен, во куќата на Уранија на МАНУ, во Охрид, со почеток во 12 часот. Пригодни беседи за Фридман ќе одржат Претседателот на Охридската академија на хуманизмот Јордан Плевнеш и Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, кој што едновремено и ќе му ја врачи наградата на добитникот, во присуство на поголема меѓународна асемблеја на гости, меѓу кои и претставници и градоначалници од збратимените градови на Охрид од Европа и градовите по покровителство на УНЕСКО. Со своја беседа на присутните ќе се обрати и лауреатот Виктор Фридман.

Свечени обраќања ќе имаат и претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, како и минатогодишниот добитник на Светската награда за хуманизам, академик Далимир Хајко од Братослава, Словачка.

Со овој настан ќе се инаугурира и проектот запоставување на спомен-обележјето “Охрид Центар на Светскиот Хуманизам” за кое Советот на Општина Охрид донесе одлука да биде поставено во просторот на Долна Порта, како единствено такво обележје во целиот свет.