ЗЕМСКИТЕ И ДРЖАВНИТЕ ГРБОВИ НА МАКЕДОНИЈА 


ЗЕМСКИТЕ И ДРЖАВНИТЕ ГРБОВИ НА МАКЕДОНИЈА – 1. дел

Грбот на Македонија денес е едно од трите официјални државни и национални обележја на Македонската Држава, покрај државното знаме и химната. Следи историјатот на македонските земски, државни и национални грбови.

Македонија, како земја, и во доцниот среден век и под владеењето на Османлискиот Султанат – кога немала статус на држава, имала свои земски грбови. Тоа го потврдуваат над 20 грбовници издадени додека Македонија била во рамки на Отоманска Турција. Од нив, можеби најпознати се „Грбовникот на Корениќ-Неориќ“ (1595 г. – најраниот зачуван примерок од тнр. „илирска хералдика“), „Алтхановиот грбовник“ (1614), „Фојничкиот “ (средина на 17. век), „Белградскиот“, како и „Стематографијата“ (Виена, 1741) на Христофор Жефаровиќ, кој бил родум од Македонија, од Дојран.

Грб е обележје на лице, семејство, род, град, област, држава или каква било стопанска, политичка или верска организација, знак утврден според правилата на хералдиката.

Почетоците на грбот како воено-благородничка симболика се во 11. век, поточно во времето околу Битката на Хејстингс (Англија, 1066 г.), кога војводите на фламанските одреди на нормандискиот освојувач Вилхелм / Вилијам, ги означувале своите штитови со посебна боја. Toa се потврдува и од Таписеријата од Баје, Франција, на којашто е претставена Битката.

Хералдика е наука за појавата, развојот, симболиката, значењето и примената на грбовите како обележја. Порано се сметала за гранка на историјата, но сега важи за самостојна наука, поврзана со историја на уметност, археологија, генеологија, епиграфика, дипломатија, кампанологија, нумизматика, сфрагистика и други научни дисциплини.

Трендот на тоа истакнување на себеси (потоа и на својот род, па најпосле и на државата) и на својот статус во општеството, се распространува ширум Европа, па во 12. и 13. век, во Крстоносните војни секоја народност, т.е. земја си добила своја боја како обележје на крстот (Англичаните – бел, па подоцна црвен крст, Французите – црвен, па бел, Германците – зелен, па црн итн.). По Четвртата крстоносна војна во 1204., Латините крстоносци привремено го ликвидираат Ромејското Царство (Византија) и создаваат повеќе свои државни владенија.

Така, Латините го пренесуваат трендот со обележјата и грбовите и на овие простори. Тој тренд го прифаќаат и тукашните благородници, а некои од нив се стремат да го возобноват Ромејското Царство.

Според повеќе научници и истражувачи, распространувањето на хералдичката симболика е директно поврзано со Крстоносните војни како нови комплексни воено-религиско-културно-дипломатски односи меѓу европскиот Запад, Истокот и арапско-исламскиот свет.

Земскиот грб на Македонија, по правило, содржи златно-жолт лав со круна, на црвено поле во облик на штит и поголема златна круна над сѐ тоа. Големата круна е елементот што се менува – во различни грбовници, има различен облик. Но, во „Грбовникот“ на Павел Ритер Витезовиќ (1701), како и во неколку преписи потоа, правилото за лавот е „прекршено“ и тој симбол ѝ се припишува на областа Булгарија, а Македонија се поврзува со црвен лав на жолто. Слични, но сепак – различни симболи.

ЛИТЕРАТУРА И ИЗВОРИ:

– Д-р Снежана Филипова, „Студии за хералдиката во Македонија“, Скопје, 2015.
– Јован Јоновски: „Грбовите на Македонија“, списание „Македонски Хералд“, бр. 3, електронска верзија, 2009.
– Anthony Maxwell, ”The Slains Roll: A Photographic Facsimile of a 16th Century Scots Armorial Roll”, Edinburgh, 2006.
– Христофор Жефаровиќ, „Стематографија“, Виена, 1741.
– Портал „Македонска нација“: Црвен лав на жолто поле – предлог за нов државен грб на Македонија – www .mn .mk, 2014 г.
– „Грбовите на Македонија“ – Македоника, т. 1, МАНУ, Скопје, 2009.
– Anthony Richard Wagner, „Heralds and Heraldry in the Middle Ages“, London, 1939.
– Jesse David Chariton, „The Mesopotamian Origins of the Hittite Double-Headed Eagle”, Journal of Undergraduate Research XIV, 2011.
– Александар Матковски, „Грбовите на Македонија“, Скопје, 1971. —–/