Долгиот континуитет на материјална и духовна култура чии остатоци, во разни форми, се присутни на просторот на Маркови Кули кај Прилеп, носи вистинска возбуда кај сериозниот набљудувач. Мистиката преку духот на древноста и силниот набој од таинствена енергија, пронижена со длабоки чувства за просторот на кој опстојуваме, се вистински ореол над ридот со древни остатоци над Прилеп, заедно со неговата околина, која е, исто така, исполнета со мистерии од изминатите времиња кои, помалку или повеќе, биле исполнети со длабоки доживувања, често со силна драматика и трауматичност. Духот на древноста зрачи од карпите на кои и околу кои се испреплетувале животот и смртта изразени преку трагите од некогашните живеалишта и големиот број гробови кои некогашните жители на овој град им ги правеле на своите починати, веројатно, поттикнати од желбата да им направат што поубаво и потрајно почивалиште во вечноста. Тоа е просторот кој ние денес имаме привилегија да го користиме, повеќе како подлога за духовно исполнување и осознавање и како длабоко културно доживување на претците, кои оставиле безброј пораки во разни форми, посебно, на карпестите површини кои се и најпогодни за тоа со својата монолитност и долговечност. Иако не е најсоодветно да се каже, жителите на древната населба на Маркови Кули оставиле вистинска уметност од гробни комплекси по помалите и поголемите површини на карпите.

Големите површини на некои карпи, кои и по самата форма посебно го привлекуваат вниманието, се чини, сосема смислено, некогашните претци на овој простор ги исполнувале со мајсторски издлабени гробови подготвувајќи посоодветен простор за вечно почивалиште на своите покојници. Таквите камени гробови ги има на целиот простор на Маркови Кули и често остануваат незабележани, но и немарно уништувани со кршење на карпите за градежен материјал.

Имајќи предвид дека гробовите во камен се присутни, речиси, на целата површина на ридот, Маркови Кули, на истиот простор на кој се наоѓале градбите и живеалиштата на живите граѓани на стариот Прилеп, се чини дека животот и смртта на древните жители постојано биле во испреплетување како елементи на единствено опстојување. Освен ваквото преплетување на двете најреспективни спротивности од вселенското живеење, неизвесно е и времето на потеклото на различните гробови од овој тип. Според досегашните археолошки сознанија кои не се посебно големи, ваквиот вид гробови се поврзуваат со поголем период на време од антиката до средниот век. Ние, без научни претензии, ќе додадеме дека ваквиот тип гробови можат да водат потекло од најдлабоките почетоци на човечката култура, најрано од првите обиди да се обработува каменот, а особено со појавата на првите метални предмети со кои е можна обработка на каменот каков што е гранитот. Дека човекот бил присутен на овој простор и во тие времиња е непобитен факт докажан и со поголем број археолошки наоди.

Жителите на стариот Прилеп длабеле гробови за своите покојници на видни места по карпестите површини, како да сакале да им обезбедат најубаво место за почивање, кое ќе им овозможи широк поглед над просторот, не само во населениот дел, туку и во поширокиот простор на Пелагонија. Веројатно е дека тоа го правеле и со посебна намера за да обезбедат соодветна заштита на живите од душите на покојните и да ги одоброволат духовите на претците да се грижат за здравјето, безбедноста и духовниот мир на своите потомци. Токму затоа, гробовите на покојниците биле во непосредна близина на живеалиштата, на соодветно место на карпестите површини, често на највисок дел од извесни карпи, како чувари на домот на своите потомци, односно, на семејството од кое потекнувале и, пошироко, на родот и целата населба.

Иако на просторот на Маркови Кули има безброј примери на карпи – почивалишта на покојни стари прилепчани, овде ќе направиме мал опис, со текст и фотографија, на една карпа од југозападната страна на Маркови Кули, на повисоките падини на ридот. Таа се наоѓа на повисокиот дел од местото, кое старите варошани го нарекуваат „Сојница“, во простор на кој се соочуваме со една поширока земна површина, помала долина и неколку, речиси, хоризонтални делови, опкружена со разновидни карпи, со разновидна големина и форма, како и со бројни обработени форми по нивните површини. Значајно е и тоа дека на целата оваа страна на Маркови Кули среќаваме неколку поголеми некрополи од гробови издлабени во камен, една на само неколку стотици метри растојание југоисточно и една на малку поголемо растојание од јужната страна во пониските делови на ридот. Помали групи такви објекти или осамени форми гробови во камен среќаваме на разни места во истиот простор, што ја потврдува констатцијата дека старите жители на Прилеп живееле во „заедништво“ со душите на своите покојници, зашто на истите места се среќаваат и разни остатоци од нивните живеалишта.

Карпата за која станува збор се наоѓа во близина на ѕидините од тврдината, под делови од неа, кои се значително зачувани. Самата карпа во правецот северозапад – југоисток е издолжена, со височина околу 2,5 до 3 m и со површина на горниот дел од околу 7-8 m2. Половина од оваа површина, од северозападната страна, била целосно обработена во форма на тераса, а на површината на терасата биле изработени три гробни јами, од кои две со поголеми димензии, со должина од 1,70 до 1,80 m, ширина 0,40 – 0,50 и длабочина 0,30 – 0,50 m. Крајниот дел од оваа тераса располага зо хоризонтално обработена овршина од околу 0,5 m2. Поголемите два гроба се наоѓаат еден покрај друг од југозападната, а малиот, кој е со димензии, речиси, половина од димензиите на претходните два, се наоѓа до самиот раб на карпата, од североисточната страна. Крајниот гроб од југозападната трана, на самиот раб на карпата има посебно издлабен дел како своевиден влез, со ширина од околу 1 m. На мало растојание од гробовите, во близина на првиот гроб од југозапад, била издлаена и една помала кружна форма, која, веројатно, служела за принесување дарови за покојниците, односно, храна и течности, за време на посета и вршење религиски активности на гробовите. Гробовите на карпата, денес се испразнети од своите содржини, а можат да се видат само гробните јами, кои располагаат со посебно обрежани рабови за поставување на поклопци, покриви и своевидни надградби, како капели и сл. Дококу поминувате крај карпата, а не сте информирани за објектите на нејзината горна површина, речиси, сигурно нема да ги забележите. На тој начин, покојниците биле заштитени во своите почивалишта, но тоа не ги спасило од сквернавење и ограбување.

На вертикалните површини на оваа карпа, која функционира како посебен објект во овој простор, одвоен од другите карпести форми, се среќаваат и други обработени форми, како канали, форми за поставување греди за извесна градба, која се наоѓала прилепена до неа и сл.

Во блиската околина на ова карпа со семејни гробови се среќаваат разновидни фроми на обработка, односно, разновидно оформени делови по карпестите површини. На некои од нив јасно се забележува дека биле составен дел од стари градби, кои биле изградени од камен, дрво, малтер или кал и сличен материјал. По површината на теренот околу карпата, како и во поширокиот простор, се среќаваат и голем број фрагменти од керамички садови, цигли, тегули, имбрекси, питоси и сличен археолошки материјал.
pelagon.mk