НОВО

Консумацијата на брза храна влијае на неплодноста дури за 86 проценти


Плодноста е по природа чувствителна тема, особено имајќи предвид дека многу фактори се надвор од нашата контрола. Неплодноста погодува значителен дел од паровите во Европа. Имено, се проценува дека околу 10 до 15 проценти од паровите доживуваат неплодност во одреден период од нивните репродуктивни години. Сепак, новото истражување сугерира дека одредени обрасци на исхрана може да помогнат да се зголеми плодноста, додека други можат да дејствуваат против неа.

Проинфламаторната исхрана влијае на плодноста

Студија, објавена во Nutrition Journal, покажа дека проинфламаторната исхрана ја зголемува веројатноста за неплодност кај жените за 86 проценти. Во ова испитување учествувале вкупно 4437 жени (411 со проблеми со неплодност и 4026 без нив). Жените кои следеле специјална исхрана, јаделе помалку од 800 или повеќе од 4.200 калории дневно или имале состојби како невролошки, проблеми со црн дроб и ендокрини заболувања кои би можеле да влијаат на резултатите, не биле вклучени во испитувањето. Секоја учесничка пополнила прашалник за зачестеноста на храната за да го утврди својот резултат според диететскиот инфламаторен индекс (DII). Рејтингот на овој индекс зема предвид 45 нутритивни параметри, вклучувајќи ја содржината на влакна, витамини и масти. Колку е поголем резултатот на DII, толку е поголем процентот на проинфламаторна храна во секојдневната исхрана. Испитаниците биле поделени во четири групи; од првата со најнизок проинфламаторен резултат до четвртата со највисок проинфламаторен резултат. По анализата на податоците, истражувачите заклучиле дека оние со повисоки резултати на DII, до 86 проценти, имаат поголема веројатност да имаат проблеми со плодноста отколку оние со пониски резултати.

Што е проинфламаторна исхрана?

Терминот проинфламаторна исхрана значи исхрана која го зголемува хроничното воспаление во телото. Примери за проинфламаторна храна вклучуваат рафинирани шеќери, преработено месо и преработени и брзи јаглехидрати. Иако оваа студија не наведува специфични намирници што треба да се консумираат или избегнуваат, предложената општа насока е да се придвижиме кон поцелосна и природна храна. Интересно е што внесот на влакна бил највисок во првата група, иако вкупниот внес на калории бил најмал.
„Нашите резултати покажаа дека исхраната богата со растителни влакна и омега-3 масни киселини и сиромашна со нездрави диететски фактори како што се едноставните шеќери и заситените масти може да се смета за соодветен пристап за намалување на ризикот од неплодност“, велат истражувачите.

Која антиинфламаторна храна е добра?

Не постои единствена антиинфламаторна исхрана која ќе функционира за секого, но сепак можете да работите на замена на рафинираните шеќери и преработената храна со природни намирници богати со влакна. Еве неколку корисни совети:

Консумирајте најмалку 25 грама влакна секој ден
Ограничете ги заситените масти на 10 проценти од дневните калории
Јадете храна богата со омега-3 масни киселини
Користете здрави масла за готвење
Имајте на ум дека исхраната секако не е единствениот фактор кој влијае на плодноста. Сепак, тоа е еден од факторите на кои можете да влијаете, па затоа е корисно да експериментирате со ограничување на проинфламаторната храна.

Дополнителни фактори кои влијаат на плодноста се стресот, лошиот квалитет на сон, недостатокот на секојдневно вежбање и други.