Мобинг и неговите ефекти

received 756091896486818

Мобинг и неговите ефекти
Мобинг (анг. Mobbing) – емоционален терор на поединец или група врз единката. Непријателска и неетичка комуникација се систематски насочени кон жртвата. Под терминот мобинг се употребува изразот “вознемирување на работното место “. Мобингот знае да предизвика повреда на човековите права и достоинство, штети на физичкото, менталното и емотивното здравје и ја попречува професионалната иднина на жртвата, а многу често знае да остави трајни последици врз неа.

Мобингот е психопатолошка појава каде оној кој го спроведува настојува да ги компензира своите лични фрустрации и лични недостатоци (емоционална сатисфакција). Тој е секогаш во скриена форма, а една од целите на мобингот е присилување на жртвата да го напушти своето работно место. Како и вербалното и физичкото насилство, и сексуалната злоупотреба е дел од овој терор кој што се одвива на работното место. Како најзаслужен за воведување на терминот во законодавството на Европска Унија е шведскиот психолог Хајнц Лејман.

Мобингот претставува:

подолготрајно психичко малтретирање, измачување, изолирање
огромен притисок на работното место
страв, “бавен отров“, изживување
неправеден начин да се отстрани од работното место: вредниот, чесниот, стручниот, унапредениот работник
психичка тортура
изложување на вработениот на: понижување, застрашување, озборување, подметнување, исмејување, избегнување, насилство на работното место
удар врз самопочитувањето
Мобингот е стара појава, која се среќава низ историјата уште многу одамна, уште откако постои желба за власт, доминација, манипулација, понижување на другите. Тука е ново, употребата на терминот во сферата на трудот и неговото препознавање како вид на однесување кое се почесто се забележува на работното место. Работното место е сцената каде што се кршат човековите права секојдневно, но вешто се молчи.

Првата пресуда во нашата земја, за мобинг е донесена 2016 година.

Последици од мобинг
Штетата од мобинг е огромна – жртвата се бори за опстанок, се соочува со омаловажување, не може да функционира нормално, ниту да размислува рационално, а многу често загрозена е нејзината безбедност. Жртвата го губи своето професионално и човечко достоинство и почнува да се чувствува помалку вредно, вината ја бара во себе, а притоа доаѓа во прашање нејзината самодоверба. Жртвата знае да биде “дежурен кривец“ за сите неуспеси во организацијата, без причински обвинувана за сите проблеми со кои се соочува колективот. После долго време, жртвите не можат да се соочат со теророт на работното место, често ја напуштаат организацијата каде што работат, по што завршуваат со сериозни последици.

Жртвата, емоционалниот терор го изнесува од организацијата, и го внесува во својот приватен живот. Често луѓето кои се дел од мобингот, се борат со анксиозност, панични напади, депресија, себеповредување, ниско себевреднување и почнуваат вината да ја бараат во себе. Често се несреќни и знаат да бидат меланхолични. Во многу голем број на случаи, жртвата не е свесна што и се случува, и често внимаваат нивните реакции да не му одат во прилог на оној кој го извршува мобингот.

МОБЕР – личности кои морално, психички и на други начини ги малтретираат и се обидуваат да ги елиминираат сите оние кои мислат дека им пречат во остварувањето на целите.

Особини на моберите: несигурни, со ниско самопочитување, инфериорни, злонамери и егоцентрични, отсуство на емпатија.