Мурал на Благоја Дрнков – доајенот на македонската документаристика на иницијатива на Левица

Благоја Дрнков

На 30тата седница на советот на Општина Центар каде се расправаше за нацрт буџетот на општината, кординаторката на советничката група на Левица која воедно е и претседателка на комисијата за култура, поднесе амандман за пренамена на средства и изработка на мурал во Општина Центар на доајенот Благоја Дрнков.

Благоја Дрнков (Скопје-Центар, 1914- 31.01.2012, Скопје-Центар) беше жител на Општина Центар и неприкосновен уметник во фотографското мајсторство. За својата работа, одликуван е со бројни награди и признанија, меѓу кои најзначајно е Медалот за заслуги за Македонија во 2008 година.

Во неговиот опус е и еден од најзначајните документарци ,,Фудбалски натпревар меѓу Левски и Македонија”, снимка поради која бугарските фашисти го апсат и завршува во затвор, бидејќи не сака да им ја предаде да ја уништат. Снимка преку која се прикажува македонскиот пркос против фашизмот и непотклекнувањето на фашистичките закани и уцени. Истиот тој натпревар Македонските фудбалери под закана требало да го предадат на Левски, но и покрај притисоците тие победуваат. Благоја Дрнков по излегувањето од затвор гордо успева да го објави документарецот.

Средства за овој мурал побаравме да се пренаменат од дуплираните средства за бадникарски оган во Маџир Маало, кои за разлика од минатите години каде изнесуваа 130 000 денари, оваа година Градоначалникот без никакво објаснување им наложил на секторот за култура сумата да изнесува 250 000 денари.

Советниците на Левица секогаш ќе ги подржуваат македонските традиции, но, исто така и секогаш ќе се залагаат за домаќинско трошење на парите на сите Центарци.

Амандманот на Левица беше изгласан со 14 гласа за, 1 воздржан и ниеден против.

Центар не си ги заборава своите антифашисти!