Фјодор Михаилович Достоевски (11 ноември 1821 – 9 февруари 1881) е еден од највлијателните романописци во последните двесте години. Неговите дела се познати како ремек-дела од неговиот жанр, особено за длабоките психолошки увиди и добро разработените филозофски општествени критики, додека многумина коментатори од 20 век го нарекуваат и татко на егзистенцијализмот, претходејќи му на Жан-Пол Сартр (во период од неколку децении). Рускиот критичар Михаил Бахтин рекол дека Достоевски направил уникатен придонес кон уметноста на пишување романи, тврдејќи дека писателот создал, меѓу останатите иновации, „полифоничен роман“, дело во кое различните светогледи и идеи на ликовите се претставени како симултано да постојат, исто како и во вистинскиот живот, без дидактичкиот глас на авторот кој сугерира што треба читателот да мисли или чувствува.
Вирџинија Вулф тврдела дека: „Секоја тајна на душата на писателот, секое искуство во неговиот живот, секој квалитет на неговиот ум е широко опфатен во неговите дела.“ Ова не може да биде поточно за Достоевски, чија биографија значително се провлекува во неговите дела и чиј турбулентен живот неизмерно многу влијаел на неговиот светоглед и природата на неговото пишување.
Раниот трагичен живот на Достоевски
Се вели дека дека големите писатели се љубопитни по природа, со големи резерви на сочувство и потреба да ги разберат внатрешните животи на луѓето околу нив. Со Достоевски, ова било јасно уште од рана возраст. Психологот и научник Луис Брегер ја забележува необичната историја на Достоевски. Неговиот строг и сериозен татко, Михаил, бил лекар, кој живеел со неговата сопруга Марија во мал стан, кој станал преполн поради растечките потомци во семејството, кој се наоѓал во близина на болницата за сиромашни „Марински“ во сиромашна област на Москва. Според податоците, се вели дека токму тука, младиот Достоевски, кој често играл во градината на болницата со неговиот постар брат, Михаил, стапил во контакт со голем број сиромашни и измачени граѓани на градот, кои ќе станат инспирација за многу ликови кои ќе ги населат неговите најпознати романи. Овој аспект на пишувањето на Достоевски го разликува од многу други големи руски автори од неговото време, како што се Лав Толстој и Иван Тургенев, кои претежно создавале ликови што ги споделувале нивните аристократски потекла.
Достоевски поминал извесно време во интернат, каде што ја негувал својата страст кон книжевноста пред неговиот татко да го испрати во воено училиште во Санкт Петербург на 15-годишна возраст за да учи да биде инженер. Ова имагинативно и идеалистичко момче го мразело инженерството, а неговата адолесценција станала уште понеподнослива кога во септември 1837 година, неговата сакана мајка починала од туберкулоза.
Епилепсијата се појавила по ненадејната смрт на неговиот татко
Брегер тврди дека Достоевски, чии трауми од детството се толку препознатливи низ неговото творештво, ја интернализирал смртта на неговата мајка, чие компаративно занемарување во корист на неговиот постар брат Михаил, кој бил омилено дете на Марија, веќе почнало физички да се одразува преку заболувања на грлото и градите, болест што Брегер ја опишува како „соматски симбол“.
Може да се дискутира дали ова е вистина или не, но таквите физички ефекти на стрес и тагување стануваат поизразени откако ќе ја земеме предвид смртта на неговиот татко Михаил Андреевич, која настапила две години по смртта на неговата мајка. Здравјето на Михаил Андреевич нагло се влошило по смртта на неговата сопруга и наскоро тој подлеглнал на алкохолизмот. Според Универзитетот на Британска Колумбија, Андреј, помладиот брат на Фјодор, подоцна во животот пишувал мемоари во кои тврдел неговиот татко умрел во грозоморни околности. Сведоштвото на Андреј вели дека Михаил бил брутално убиен од неговите кметови откако вербално ги малтретирал додека бил пијан. Многу модерни истражувачи силно се спротиставуваат и го негираат ова сведоштво, но смртта на таткото имала силно влијание врз младиот Достоевски, кој започнал да има силни епилептични напади по смртта на неговиот татко. Според „Енциклопедијата Достоевски“, Сигмунд Фројд одел дотаму што велел дека епилепсијата на Достоевски била директна последица од смртта на татко му, но без оглед на тоа дали тоа навистина е така или не, живописните описи на нападите и нивните психолошки и физички ефекти постојано се провлекуваат низ неговото творештво.

Достоевски станал славен преку ноќ
Достоевски го завршил военото училиште во 1843 година и иако му била понудена инженерска позиција на ранг на потполковник, според „Британика“, тој набрзо дал отказ за да се фокусира на усовршување на уметноста на пишувањето. Книжевноста не само што била страст на младиот Достоевски, но и побарувачката за романи во Русија во тоа време ветувала дека кога ќе биде објавен, неговите приходи би го надминувале она што би можел да го очекува од кариера во руската војска.
Неговото прво објавено дело било превод на дело на еден од неговите книжевни херои, францускиот писател Оноре де Балзак, но неговото дебитантско дело, краткиот роман „Сиромашен народ“, првпат објавено во 1846 година, е она што преку ноќ го направило книжевна ѕвезда, особено кога книгата паднала во рацете на Висарион Белински, истакнат руски критичар кој објавил дека со Достоевски, „пристигна новиот Гогољ!“ Достоевски наскоро се фатил себеси како се движи во руски книжевни кругови и во руските весници бил фален и сметан за важен нов глас. Пишувајќи за овие денови во својот мемоар, „Дневникот на еден писател“, Достоевски напишал дека овие денови ги сметал за најсреќните во неговиот живот.
Достоевски објавил втора книга во 1846 година (според порталот History), „Двојникот“, која се сметала за неуспех во тоа време. И покрај тоа, Достоевски продолжил да се дружи со своите книжевни современици, и се зближил и станал дел од група наречена „Петрашевскиот круг“. Групата дискутирала за книжевни работи, но и за современа руска политика, а тоа било опасна активност во 19 век.
Иван Петрович Липранди, официр од тајната служба на царот, го „земал на заб“ новиот интелектуален колектив на Достоевски, ги обвинил за читање и дистрибуирање на забранети книжевни дела кои биле критички настроени кон руската хегемонија и религиозните практики на државата. Иако од револтот на Декемвристите поминал речиси еден век, царот и неговите службеници биле нервозни и сакале да избегнат уште една потенцијална револуција. Како резултат на тоа, според критичарот и биограф Константин Мочулски, на 23 април 1849 година, Достоевски и неговите колеги биле уаспени и одведени во добро обезбедената тврдина „Петар и Павле“ во Санкт Петерсбург, во која биле сместени некои од најопасните затвореници.
/GettyImages-961442608-68a9f6aaa0ef455890f2a95b4357941c.jpg)
Егзекуцијата на „Петрашевскиот круг“
Според „Британика“, Достоевски и неговите „заговорници“, поминале осум долги месеци зад решетки, сè до 22 декември 1849 година, кога биле извадени од нивните ќелии и биле однесени на плоштадот Семјоновски во Санкт Петерсбург. Таму им било кажано дека ќе бидат убиени: егзекутирани со стрелање. Бил ужасно ладен ден и според „Њујорк Тајмс“, Достоевски напишал: „Тие на сите ни ја прочитаа смртната казна, ни дозволија да го бакнеме крстот, скршија меч над нашите глави и нè облекоа за егзекуција (бела кошула). Потоа тројцата бевме поставени на место каде егзекуцијата требаше да биде изведена.“
Но, работите не биле такви какви што изгледале. По неколку минути, гласник кој се најавил дека носи порака од царот, се појавил на плоштадот веејќи бело знаме и кој, според Today I Found Out, тврдел дека затворениците биле помилувани од царот како „знак на милост“. Целиот настан бил исцениран, односно се работело за лажна егзекуција со цел членовите на Петрашевскиот круг да веруваат дека ќе се соочат со нивната смрт. Наместо тоа, ужасниот инцидент, бил само прв од серијата тешкотии кои Достоевски морал да ги претрпи во текот на една декада.
Неговата лажна егзекуција ќе го прогонува до крајот на својот живот, а според Британика, еден од другите затвореници полудел на лице место. (За повеќе детали, прочитајте го писмото кое тој му го пратил на својот брат откако се спасил.)
Прогонството во Сибир
Лажната егзекуција била сурова казна, наменета да ги истенчи нервите на Достоевски и останатите членови на дружината. Но, казните кои следувале имале поинаква цел: да го скршат нивниот дух и да ги доведат во состојба на потчинетост. Според Британика, по лажната егзекуција, Достоевски бил испратен во прогонство во Сибир, каде поминал четири долги години во камп за тежок труд во Омск.
Условите во кампот биле ужасни. Достоевски, како потенцијален политички бунтовник, бил обележан како „опасен осуденик“, од страна на руската тајна служба и како резултат на тоа, бил приморан да дели ужасно ладни и нечисти бараки со најнасилните и најопасните затвореници во Русија (според „Архивите на Достоевски“). Освен истоштувачкиот физички труд кој морал да го трпи Достоевски, чие здравје веќе било кревко, сите затвореници морале да носат синџири. Наводно Достоевски бил приморан да носи тешки синџири на нозете во текот на четири долги години. Достоевски успеал да преживее и наводно имал сила да утеши и да даде поддршка на многу од затворениците кои биле со него. По четири години заробеништво, Достоевски бил приморан да оди во војска, каде што служел уште шест години.
Враќањето на Достоевски и „Куќата на мртвите“
Службата на Достоевски во војската започнала по неговото ослободување од Сибир на 14 февруари 1854 година и биографите најчесто се сложуваат дека од сето ова тој излегол како поинаков човек. Во една статија насловена како „Како Сибир го концентрираше неговиот ум“, „Њујорк Тајмс“ прилично несочувствително тврди дека „праќањето во затвор е најдобрата можна работа што му се случила на Фјодор Достоевски.“
Но, на многу начини, има поента во напишаното. Неговото мачно искуство во сибирскиот камп бил преобразувачки. Младиот Достоевски кој ги напишал книгите „Сиромашен народ“ и „Двојникот“, на многу начини бил суетен и разгален книжевник. Иако секогаш имал интерес за животите на обичните луѓе, затворот му дал длабоки лекции за природата на човечкото страдење, но и човечката злоба. Токму ова е она што тој го вметнува во пишувањето на неговите најдобри книги, почнувајќи во 1860 година со „Белешки од куќата на мртвите“, брутално искрено фиктивно сведоштво за сибирскиот камп и го опишува неговото сопствено духовно будење. „Британика“ ја опишува оваа промена кај Достоевски како „регенерација“.

Трагичниот прв брак на Достоевски
Уште додека служел во војска тој ја сретнал Марија Димитриевна Исаева. Исаева била мажена за алкохоличар и тој го сретнал парот додека ги подучувал децата на еден од воените официри. Достоевски наскоро се заљубил во неа и тие двајца, иако биле блиски и претходно, особено се зближиле откако таа станала вдовица во 1855 година.
Иако била свесна за лошите финансиски околности на Достоевски и не била убедена во неговиот книжевен талент, а архивите кажуваат дека таа еднаш го нарекла „човек без иднина“, сепак тие се венчале во 1857 година. Според „Британика“, бракот започнал со ужасни епилептични напади на Достоевски за време на медениот месец. Тоа било како претскажување за трагедијата: Исаева добила туберколоза и умрела по седум години од бракот.
Подоцна Достоевски напишал: „Таа ме сакаше без ограничувања, и јас ја сакав, бескрајно, но не живеевме секогаш во среќа.“
Уништувачката коцкарска зависност на Достоевски
Од многуте пороци кои би можеле да уништат нечиј живот, постоел еден порок од кој бил безнадежно зависен и многу често го носел на работ на пропаста: коцкањето.
Достоевски се запознал со коцкањето за пари како млад човек, додека тој сè уште бил студент по инженерство. Коцкањето било вообичаена забава во Русија од деветнаесеттиот век, со многу куќи за коцкање низ целата земја. Според „Кембриџ Кор“, околу времето на првиот брак на Достоевски, коцкањето започнало да го обзема. Писателот имал афера со млада жена по име Полина Суслова, која ја запознал во Париз во 1862 година и која била 20 години помлада од него. Врската траела неколку години пред Суслова да ја прекине врската за да биде со друг маж. Набргу потоа, починала сопругата на Достоевски, Марија, по што следел и неговиот постар брат Михаил, со кого отсекогаш бил особено близок. Овие загуби ја поттикнале зависноста од коцкање на Достоевски.
Трагедиите во вториот брак
Како и со времето поминато во Сибир, Достоевски продолжил да ги користи тешкотиите во сопствениот живот како материјал за неговото творештво, одлучувајќи во 1863 година да напише книга заснована на неговите искуства со зависноста од коцкање. Според „Кембриџ Кор“, околностите околу книгата „Коцкарот“ биле особено тешки. Достоевски му должел многу пари на својот издавач Фјодор Стеловски и за да ги отплати долговите, Достоевски се согласил на облог со особено големи влогови, а облогот бил дека ќе успее да напише нов роман и ќе му го предаде на Стеловски за 30 дена. Во спротивно, Стеловски би ги поседувал правата врз целото творештво на Достоевски, вклучувајќи ги и сите романи што би ги напишал во иднина. За да го забрза своето темпо, Достоевски одлучил да ја ангажира стенографката Ана Григориевна Сниткина, која ќе стане втора сопруга на Достоевски и ќе остане покрај него до неговата смрт. „Британика“ вели дека е нејзина заслугата што Достоевски почнал да живее уреден и стабилен живот кој му овозможил да ги напише своите големи романи.
По враќањето од медениот месец кој го поминувале патувајќи низ Европа, тие се вратиле во Русија и тој морал да се обврзе на неколку големи книжевни проекти за да може да го издржува семејството. Токму во овој период тој ги напишал некои од неговите најголеми дела, почнувајќи од „Злосторство и казна“, дело кое првпат излегло во печат во 1866 година. Напишана речиси во истото време со „Коцкарот“, книгата е неверојатен портрет на умот на еден убиец и природата на моралноста и се стекнала со огромна популарност. Потоа следел романот „Идиот“ објавен во вид на серијал од 1868 до 1869 година, „Демони“ објавен во 1871-72 година и меѓу другите, неговиот последен роман, „Браќата Карамазови“, објавен во 1880 година.
Сепак, и овој брак бил проследен со трагедии, кога нивното прво дете починало од пневмонија на само 3 месеци. Ана повторно се породила во 1869 година, и токму во овој момент – можеби поради загубата што неодамна ја претрпело семејството, – Достоевски ветил дека никогаш повеќе нема да се коцка. Парот имал вкупно четири деца, од кои само две преживеале.
Подемот на славата и опаѓањето на здравјето
Додека Достоевски ги завршувал своите последни дела, тој веќе се сметал за голем мајстор на пишувањето романи. Во староста, наводно, бил преплавен со обожаватели и добронамерници кои сакале да го запознаат, да го пофалат и да научат нешто од него. Сепак, според „Гардијан“, откачениот, неверојатен млад човек кој влетал во рускиот книжевен естаблишмент со објавувањето на „Сиромашен народ“, веќе одамна го немало. „Достоевски никогаш не ја повратил својата самодоверба, тој останал обземен од вознемиреност дека сè уште не ја „етаблирал својата репутација“.
Во 1880 година, Достоевски одржал важен говор за еднаш забранетиот писател Александар Пушкин. Говорот бил добро прифатен, но привлекол и неколку негативни коментари од критичарите, кои го обвиниле Достоевски за идеализирање на обичните луѓе (според „Енциклопедијата Достоевски“). Некои тврдат дека оваа критика била доволна за да се влоши веќе нарушеното здравје на чувствителниот писател, и ова, заедно со метежот од рацијата на царската тајна полиција во станот на соседот е една од главните причини за смртта на Достоевски која настапила како последица од серија пулмонални хеморагии во зимата во 1881 година. Фјодор Достоевски починал на 9 февруари, на 59-годишна возраст, опкружен со своето семејство.