Оливер Андонов-Збрка (или како Мицкоски ги внесе ВМРО-ДПМНЕ и Македонија во правен офсајд)

fb img 1707986122384

Секако дека одамна имаме заклучено, Македонија е далеку од правна држава. Но сега јас како нѐ правник, дојдов до еден за мене изненадувачки заклучок формиран врз основ на непосредни факти. Имено, во Македонија постои цела една област која најдиректно ја засега државата, а таа област воопшто не е правно регулирана. И не е регулирана очигледно цели 33 (триесет и три) години од осамостојувањето на Македонија или 34 (триесет и четири) години од создавањето на повеќе партискиот политички живот, односно во Уставот кој предвидува плурализам и дејствување на граѓански политички партии како дел од политичкиот систем на државата Македонија.

Во нашата Македонија не постои законска регулатива поврзана со водењето на внатрепартиски спорови поврзани со прекршување на Статут на политичката партија и второстепена и конечна инстанца во одлучување по ваков тип на политичко-правни спорови кои може да ги ставиме во групата на управни спорови. Не мислам дека јас сум тој кој сега поттикнат од практично искуство го забележал тоа, туку мислам дека „некој“ намерно оставил правен вакуум во овој аспект на делувањето на политичките партии. Токму сум убеден дека тоа е намерно направено, бидејќи да не е така диктаторското однесување на претседателите на политичките партии би било законски, управно и кривично санкционирано.  А тоа ќе овозможеше Македонија досега по три децении да биде изградена и стабилна демократија.

Регулирањето на оваа област во правото која има директно влијание врз политичкиот систем на државата, а со тоа и врз почитувањето на законите и Уставот на Републиката, а низ тој аспект најдиректно влијае врз изградбата на демократските институции на државата и најповеќе ги „држи под контрола“ претседателите и раководствата на политичките партии, забележливо е неопходна во Македонија.

Мојата маленкост, заедно со дел од поддржувачите на фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ на 14-ти Февруари 2024 година, пред Управниот суд поднесе Тужба против ВМРО-ДПМНЕ претставувана од Христијан Мицкоски заради грубо прекршување на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на спроведувањето на постапката за избор на кандидат за претседател на државата поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. По цели 15 дена чекање, Управниот суд на 29-ти Февруари 2024 година донел Одлука со која ТУЖБАТА СЕ ОТФРЛА КАКО НЕДОЗВОЛИВА.

Без да ги знам причините поради кои е отфрлена Тужбата, а врз основ на сликата од првата страна на Одлуката на судот која е објавена на порталот Република, можам да заклучам дека всушност Управниот суд НЕ КОНСТАТИРА ДЕКА ТУЖБАТА Е НЕОСНОВАНА, туку НЕДОЗВОЛИВА или преведено на разбирлив јазик дека истиот не е надлежен да разгледува ваков вид на тужби и да решава управни спорови кои се однесуваат на внатрепартиски правни акти поврзани со внатрепартиски изборни процеси и повреди на статутарните постапки или дека јас немам право да поднесам ваква тужба против ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. Но, останува фактот дека Тужбата Е ОСНОВАНА, односно дека грубо е прекршен Статутот на ВМРО-ДПМНЕ  во однос на внатрепартиска изборна процедира.

Во Законот за судовите во член 4 став 1 алинеја 1 се вели дека: „Судот одлучува во постапка пропишана со закон за правата на човекот и граѓанинот и правно заснованите интереси“. Согласно тоа, прекршувањето на статутарните одредби на политичка партија претставува прекршување на човековите и граѓанските права и нивно ограничување во доменот на политичките права и слободи загарантирани со Уставот на Републиката.

Клучен член од Законот за судовите, а кој има директна врска со Одлуката на Управниот суд по предметната тужба е членот 8, каде во став 1 се вели: „Судот се повикува на судска ненадлежност само кога со закон изрично е предвидена надлежност за решавање на конкретно барање на друг државен орган“ и во став 2 каде што се вели: „Судот не може да отфрли барање за остварување на определено право со образложение дека постои правна празнина и должен е да одлучува по него, со повикување врз општите начела на правото, освен кога тоа е изрично забрането со закон“.

Поаѓајќи од фактот дека се нарушени и директно повредени основните политички права на група граѓани-членови на политичка партија, како и тоа дека судот, во овој случај Управниот суд, не може според Закон да се прогласи за ненадлежен, односно да отфрли барање за остварување на определено право кое во конкретниот случај е нарушено, а со образложение дека постои правна празнина и е должен да одлучува по него, Управниот суд во предметната Одлука се произнел дека го отфрла тужбеното барање како НЕДОЗВОЛИВО. Постои уште една можна претпоставка поради која Управниот суд ја отфрлил тужбата како недозволива, а тоа е можноста да ВМРО-ДПМНЕ се има изјаснето пред судот дека не сум член на ВМРО-ДПМНЕ поради што немам право да поднесам тужба против партијата и Мицкоски за грубо прекршување на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ.  Напоменувам дека немам добиено никаков допис од судот со кој од мене ќе се побара да го докажам моето членство во ВМРО-ДПМНЕ пред судот да донесе Одлука.

И на овој начин Управниот суд сторил повреда на Законот за судовите во член 8 став 2. Јас како слободен граѓанин можам јавно да искажам сомнеж дека ваквата одлука на Управниот суд е резултат на политички притисок. Напоменувам дека сеуште ја немам добиено целата Одлука и дека ова е заклучок произведен исклучиво од Одлуката за отфрлање на тужбата како недозволена и повикувањето на судот во диспозитивот на Одлуката врз основ на членовите 31 и 32 од Законот за управни спорови.

Зошто тврдам дека се работи за политички мотивирана судска одлука? Затоа што по секоја прилика ненамерно отворивме една сензитивна правна област која како што веќе кажавме е правно не регулирана и тоа е намерно направено. Регулирањето на оваа област од правото во Македонија со сигурност ќе ги засегне сите политички субјекти, особено ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, па од тие соображенија најдоброто решение кое можеше да го понуди Управниот суд а да не ја отвори постапката или да не одлучува како врз преседан во судската пракса кој може да прерасне во правило, беше да донесе одлука за недозволивост. Иако, во Законот за судовите во член 34 став 1 алинеја 4 се вели: „Управниот суд е надлежен да решава против поединечни акти на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршењето на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога за решавање во втор степен против таков акт, не е обезбедена друга правна заштита“. Оттука, може да заклучиме дека:

1.Јавниот Повик за кандидирање на кандидат за претседател на Република Македонија поддржан од ВМРО-ДПМНЕ претставува акт на правно лице – политичка партија.

2.ВМРО-ДПМНЕ согласно законот за политички партии член 26, е правно лице.

3.Претседателот на политичката партија согласно законот за политички партии член 27 е одговорно лице кое во име на партијата има јавни овластувања, првенствено да ја застапува.

4.Не постои друга правна заштита во врска со ваков поединечен правен акт во втор степен.

Во диспозитивот на Одлуката, Управниот суд се повикува на член 31 став 2 и член 32 став 1 точка 5. Што регулираат наведените законски одредби од Законот за управни спорови?

Во членот 31 став 2 Законот регулира отфрлање на тужбата како неуредна, доколку тужителот не ги отстрани недостатоците во предвидениот рок. Имено, во истиот диспозитив, Управниот суд утврдил дека во тужбата нема наведено вредност согласно член 25 став 1 точка 5 од истиот закон, но во исто време судот бил должен да од тужителот побара исправка на тужбата во утврден рок, што во конкретниот случај не е побарано пред судот да ја донесе Одлуката. Додека повикувајќи се во диспозитивот на Одлуката на член 32 став 1 точка 5 од Законот за управни спорови, Управниот суд тврди дека „се работи за управен предмет за кој не може да се  води управен спор, актот кој се оспорува не е управен акт“.

Токму од овој заклучок на Управниот суд повикувајќи се на член 32 став 1 точка 5 од Законот за управни спорови веројатно и произлегува донесената ОДЛУКА, дека ТУЖБАТА СЕ ОТФРЛА КАКО НЕДОЗВОЛЕНА.

Токму тоа недозволено директно внесува сомнеж дека постојат политички мотиви за Одлуката на Управниот суд, особено имајќи ја пред вид погоре наведениот сомнеж дека недозволеноста која ја констатира судот е поврзана со „доказот“ на ВМРО-ДПМНЕ дека тужителот не е член на партијата. Доколку се покаже дека оваа претпоставка е точна, тоа само ќе го потврди фактот дека Статутот на партијата во континуитет се прекршува, но и фактот за недостатокот на демократски капацитет од страна на Мицкоски, кој неможе да истрпи различно политичко мислење во партијата и аргументирано да расправа за политиките на партијата.

Дополнително интересен факт е тоа дека судот во брзањето да ја донесе Одлуката во прифатлив политички временски рок, односно пред Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, не успеал да ја прегледа исправноста (номо-техничка) на текстот на Одлуката. На тоа укажуваат повеќе јазично-технички грешки, а особено моето презиме кое е погрешено напишано иако судот во прилог на документите со Тужбата поседува и фотокопија од мојата лична карта со точното име и презиме.

Сега се поставува и прашање за тоа како првата страница од Одлуката на Управниот суд по предметната тужба како фотографија стигнал до порталот Република, а претходно веројатно и до ВМРО-ДПМНЕ. Ова е нешто на што ќе треба да одговори претседателот на Управниот суд.

Во член 17 став 1 од Законот за судовите, изрично е одредено дека: „Никој не смее неовластено да задржи, прикрие или отвори судско писмено или друга судска пратка што не му е упатена нему“. Во контекст на оваа законска одредба се поставува прашањето: „Кој дозволил да се фотографира и јавно објави Одлуката на Управниот суд, која најпрво требало да биде доставена до тужителот“? Дали со оваа постапка некој мислел дека завршило тужбеното барање во крајна инстанца? И повторно, толку од почитувањето на законите од страна на ВМРО-ДПМНЕ и не влијанието врз судството, бидејќи јасно изразувам основ на сомнеж дека фотографијата која е направена во Управниот суд потоа е испратена во ВМРО-ДПМНЕ од каде е јавно објавена преку портали блиски до партијата.

Оваа јавна објава на Одлуката на Управниот суд има политичка цел. Поточно, целта е исклучително тривијална и објавата треба да послужи за оправдување на легитимноста на Конвенцијата во режија на Мицкоски на која како единствен кандидат за кандидат за претседател на Републиката  треба да ја легализира колешката Гордана Сиљановска-Давкова. За жал Давкова никако да се охрабри и да одговори на стручните прашања кои јавно и ги поставив во врска со статутарните процедури низ кои е прифатена како единствен кандидат на Мицкоски за претседател на државата и во кои учествува. За нејзините политичко-идеолошки позиции во однос на десничарската идеологија во оваа колумна нема да зборувам, тоа го оставам на моите сопартијци да го размислат како нивен личен став и позиција.

Ете така, Мицкоски преку својот авторитарен дискурс и силна желба за потполна контрола на животот и смртта во партијата и тенденција тоа да го прави во Македонија, поддржан од неговите клиентелисти успеа да ги внесе ВМРО-ДПМНЕ и Македонија во правен офсајт. Успеа Мицкоски, секако не сакајќи, да пред ЕУ, нашите западни сојузници и стратешки партнери јасно да отвори цела една област во правото која не е соодветно регулирана. И успеа токму од недоветност да создаде збрка која во следниот период ќе мора до крај политички и правно да се расчисти.

Благодарам на Мицкоски што во својата суета ми овозможи да отворам едно клучно прашање за Македонија во однос на правно-политичките аспекти поврзани со дејствување на правото во рамките на политичкиот систем, односно политичките партии и нивна можна демократизација.

Секако дека откако ќе ја добијам Одлуката на Управниот суд, согласно законските рокови ќе поднесам жалба, а се додека крајната инстанца не даде конечност на тужбата таа ќе биде во правен оптек, колку и тоа да го нервира Мицкоски и неговите платени портали кои противправно истрчаа со објавување на дел од Одлуката на Управниот суд создавајќи му политичко алиби на Мицкоски за неговите повреди на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ и обидувајќи се да ги излажат членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои денес онака демократски ќе бидат принудувани и да потпишуваат за Силјановска-Давкова. Сепак збрката треба да биде комплетна и во неа не може да остане замешан и извалкан само Мицкоски, тоа мора да се направи со што повеќе членови на партијата. Кога е бал, нека е маскенбал, а и зошто да се симнуваат маските и така започнуваат избори, а лицата под маски се исклучително ценети во овој период, особено за да се создаваат збрки и покриваат против правни постапки, па нека се и во рамките на партијата.

Оливер Андонов