Економската криза „удри“ и по продавачите на текстил на градските пазари. Куповната моќ на граѓаните континуирано опаѓа, што силно се рефлектира на продажбата.
– Цел живот, 40 години сум по пазарите, по градовите низ цела источна Македонија. Пред корона-кризата беше малку подобро, ама сега некако тешка работа, едвај врзуваме крај со крај- изјави продавач од Струмица.
Велат, не можат да ги намалат цените, зашто како и бутиците и продавниците и тие имаат трошоци.
– Тие плаќаат кирија, а ние плаќаме тезга. На пример, јас сум од Струмица, имам трошоци за гориво, што значи горе-долу тука сме некаде со трошоците.
Текстилот и гардеробата од пазарџиските тезги се атрактивни само за повозрасната популација, додека младите префериираат да пазарат во бутици и шопинг центри.
– Од пазарите е поевтино, секако. Од бутиците ние постарите не би купиле, зашто пензионерите повеќе сме дома, отколку во чаршија, изјави жителка на Штип.
Со секој изминат пазарен ден се намалува бројот на резервирани тезги за текстилни производи, а оние кои остануваат велат дека се приморани, зашто немаат друг начин за егзистенција.
Извор: Тв Сител