НОВО

Прилепските пензионери на протест бараат линеарно, а не процентуално зголемување на пензиите


Бараме линеарно зголемување на пензиите по 3 500 денари. Најавеното од 6,8 проценти е недостоинствено и се чувствуваме како граѓани од трет ред, велат прилепските пензионери кои денеска излегоа на самоиницијативен протест пред Здружението на пензионерите во центарот на Прилеп. Во Прилепскиот регион се близу 14 000 пензионери од кои повеќе од половината се со ниски пензии под 15 000 денари.

– Бараме линеарно зголемување, доста е со процентуално. Ако ним им одговараше со 78 насто и зедоа по 12 000 денари плати, ние барем 3 500 денари бараме зголемување, малку од малку да ги задоволиме потребите во домаќинствата. Незадоволството не е само во Прилеп, туку во цела Македонија. И ова ќе продолжи секој ден, сѐ до удоволувањето на барањето на пензионерите. Им се „восхитувам“ на министерката за труд и социјална политика и на нашите државни претставници кои се согласни пензионерите да добијат 6 насто покачување на пензиите. Дали се запрашале дека имаме пензионери со пензија од 10 500, со 12 500 со 13 000 денари пензија. Дали тие би можеле со тие пари да купат таблети, храна, да живеат. А пензионерите и со 10 000 и со 50 000 имаат исти потреби. Шетањето и екскурзиите се еднаш-двапати во годината, ама јадење ни треба секој ден. Најголем проблем е плаќањето лекови. Едно снимање ехо на срце е 2 000 денари. Пензионерите не се третокласна група, туку рамноправни жители на Македонија. Треба да ги уживаат правата кои ги имаат сите, изјави Верче Јанческа, пензионер.

Пензионерите нагласуваат дека не сакаат да преживуваат, туку да живеат.

– Да слушнат сите надлежни. Со овие пари, да не речам срамни суми, не се преживува, рече пензионерката Вера Чакмакоска.

-Имам 13 000 денари пензија. Јас сакам да живеам, а не да преживувам, изјави Вера Стеваноска, пензионер

За пензионерот Милан Пирганоски не е проблемот толку што има мала пензија, сето зависи од фирмата кој каде работел, но дискутабилно е што трошоците за живот за сите се исти, а некој добива повеќе, друг помалку.

-Економист сум, работев во текстилна фирма, земам мала пензија. Не е тоа проблемот, туку тоа што тие со поголеми пензии бараат процентуално, а трошоците за живот за сите се исти. Па, каква е ова држава?, рече Пирганоски.

Со најавеното зголемување на пензиите за 6,8 проценти, пензионерите со ниски примања ќе добијат по околу 700 денари, а оние со високи преку 2 000 денари.


Ре-пост