Се поизвесно поскапувањето на струјата

bislimovski

По вицепремиерот Битиќи, и првиот регулатор Бислимовски, без конкретни детали, најави новини во начинот на пресметка на струјата, но уверува дека тоа нема да донесе ценовен шок за граѓаните, објави Канал 5.

„Ќе воведуваме и некои новини во начинот на пресметки на дистрибутивна мрежа, правиме анализи, но ќе избегнеме ценовни шокови. Да видиме цените на тендерот, но досега сме избегнувале ценовни шокови.“ изјави Марко Бислимовски.

Вчера пак Битиќи кажа дека владата префрлила помалку пари за помош на ЕСМ, со кои се субвенционира цената која ја плаќаат домаќинствата. Од 80 паднала на 60% и дека трендот ќе продолжи. Што би значело тоа, објаснување нема. Битиќи најави и промени во тарифните блокови.

„Ќе го прошириме тарифниот блок 3, најверојатно и тарифниот блок 4 со што опфатот да биде поголем, за тие што трошат повеќе. А за најранливите категории на граѓани, за луѓето кои што штедат вистински електрична енергија да останат ист тарифен модел и цената на електричната енергија или евентуалната промена на цената да не падне на товар на тие што се во првиот или вториот блок.“ Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.

dzovi kompani baner horizontalen

Дали ова ќе значи дека ќе се менуваат границите за потрошени киловат часови електрична енергија во блок тарифите, одговор нема. Инаку сега се движат од 630 до 1 050 киловат часови во третиот и над 1 050 во четвртиот блок, каде што цените се и највисоки. Инаку по воведувањето на блок тарифите досега цените за првите два блока минимално се намалуваа.

Каква струја ќе плаќаме од 1ви јануари најмногу ќе зависи од тоа колку ќе произведе ЕСМ и по која цена ќе ја продава струјата на ЕВН. Лани продажната цена од 56 падна на 53 евра за мегават час, а според пресметките на ЕСМ производствената цена е над 70 евра, па разликата од околу 20 евра ја покрива владата.

Инаку од 1 декември се враќа и дневната евтина тарифа која домаќинствата ќе може да ја користат од 13 до 15 часот. Сепак за евтина струја ќе треба да почекаат околу 600 илјади домаќинства кои имаат стари броила, а ЕВН нив рачно ќе ги менува од 1ви декември.