Во ведската традиција, човекот се воспитува уште од рана возраст да го тренира умот бидејќи умот по својата природа е многу треперлив и вознемирен. Умот сака да талка како што налагаат сетилата – таква е природата на условената душа. Па, како да ја зауздаме оваа негова тенденција и да ја насочиме на начин што нè воздигнува, наместо да не деградира?
Умот мора да биде под контрола на интелигенцијата, бидејќи интелигенцијата има важна функција да му даде соодветни информации на умот за да го направи вистинскиот избор. Животот, од моментот на раѓање до моментот на смртта, всушност е низа минливи избори. И според одлуките што ќе ги донесеме, ќе бидеме возвишени или деградирани. Секој избор или кармички ќе нè врзе или ќе нè приближи до Бога. Во тоа лежи значењето на контролата на умот.
Функцијата на умот е контемплација, а она за што размислуваме ја одредува целата насока на нашиот живот. Значи, ако ја имаме вистинската интелигенција, ќе можеме да го насочиме нашиот ум назад кон правилно размислување и правилна акција. Контрола на умот е една од најтешките работи што треба да ги направи човек, но на духовниот пат на посветеноста е можно да се направи ако го фокусираме нашиот ум на повисок вкус. Иако можеби на почетокот нема да можеме да го доживееме тој повисок вкус, бараме од нашата интелигенција да знае и да не потсети каде всушност се наоѓа вистинскиот нектар. Во денешното време, еден од најефикасните начини за контрола на умот е киртан – пеењето на Божјите свети имиња.