Што да се стори против непријатниот здив?

losh zdiv

Се вели дека е едно од највообичаените заболувања во светот кое, порано или подоцна, погодува повеќе од 80 проценти од возрасните. Може да предизвика чувство на засраменост, фрустрација и мачнина.

МЕЃУ стручњаците е општопознат како халитоза — од латинскиот збор халитус, што значи „здив“, и наставката -оза, која укажува на абнормална состојба. Некои го нарекуваат и смрдеа од устата. Но, повеќето луѓе знаат за него едноставно како за непријатен здив!

Дали имаш непријатен здив? Иако можеби нема воопшто да ти биде тешко да го препознаеш непријатниот здив кај другите луѓе, може да ти биде невозможно да го забележиш токму својот. Списанието на Американското здружение на стоматолози, JADA, објаснува дека ние сме склони да се навикнеме на својот непријатен здив и дека дури и луѓето „со крајно непријатен здив може воопшто да не бидат свесни за тој проблем“. Значи, многумина од нас стануваат свесни за својот непријатен здив само тогаш кога некој друг ќе им обрне внимание на тоа. Колку непријатно!

Фактот дека тоа е вообичаен проблем не претставува никаква утеха. Обично се смета дека непријатниот здив е одбивен и неугоден. Во некои случаи може да предизвика дури и сериозни емоционални трауми. Д-р. Мел Розенберг, управник на Лабораторијата за орална микробиологија на универзитетот во Тел Авив (Израел), објаснува: „Смрдеата од устата, сеедно дали навистина постои или е само замислена, може да доведе до изолирање од околината, до развод, па дури и до помисла за самоубиство“.

banerПРИМА ДЕНТi horizontalen

Што е познато за непријатниот здив?

Стручњаците во здравството веќе одамна гледаат на непријатниот здив како на потенцијален показател за лошо здравје. Од таа причина, уште од древни времиња лекарите ги изучувале миризбите кои доаѓаат од човековата уста.

Пред околу двесте години, познатиот француски хемичар Антоан Лоран Лавоазје пронашол направа за испитување на здивот со цел да ги проучи состојките на човековиот здив. Оттогаш научниците развиле подобри модели. Денес, лабораториите во Израел, Јапонија, Канада и Холандија користат халиметар, кој го мери нивото на одбивни миризби во устата. На Нов Зеланд научниците пронашле жаришта во кои се создава забен камен, познати и како вештачки усти. Тие го удвојуваат количеството на плунка, забниот камен, бактериите, па дури и непријатниот здив — околности кои се типични за човечката уста.a

Со помош на модерната технологија, научниците дознале многу нешта во врска со нашиот здив. На пример, според списанието Scientific American, „истражувачите пронашле приближно 400 испарливи органски состојки во еден нормален човечки здив“. Сепак, сите овие состојки не создаваат одбивни миризби. Главните виновници за непријатниот здив се сулфур водородот и метил меркаптанот. Се вели дека овие гасови му даваат на нашиот здив миризба која е многу слична на миризбата од творот.

Во човечката уста живеат повеќе од 300 видови бактерии. Билтенот Tufts University Diet & Nutrition Letter вели: „Поради тоа што е темна, топла и влажна, устата претставува совршена средина за развивање на бактериите кои создаваат миризба“. Но, пред сѐ, само четири видови се одговорни за непријатниот здив. Иако живеат во твојата уста, најверојатно ти сѐ уште не ги знаеш по име. Тоа се бактериите Veillonella alcalescensFusobacterium nucleatumBacteroides melaninogenicus и Klebsiella pneumoniae. Тие се хранат со честичките од храната, со мртви клетки и со други супстанции што се наоѓаат во устата. Како резулат на оваа бактериска активност, се создаваат смрдливи гасови. Процесот е сличен на она што се случува кога гние ѓубрето. Соодветно на тоа, списанието за стоматолози J Periodontol објаснува: „Во најголем број случаи, халитозата потекнува од самата уста, како последица од гниењето на микробите [распаѓањето на органските материи]“. Ако овој процес не се открие навреме, тој може да доведе до распаѓање на забите и до заболување на непцата.

„Добро утро! Како ти е здивот?“

Овој процес на гниење во устата се забрзува за време на спиењето. Зошто? Во текот на денот, устата постојано се плакне со плунка која е богата со кислород, која е слабо кисела и која ги плакне бактериите. Меѓутоа, за време на спиењето, количината на плунка што се создава секој час е намалена за околу 50 пати во однос на нормалната. Како што изјавува едно списание, сувата уста „станува застоено езерце со повеќе од 1.600 милијарди бактерии“, а тоа го создава добро познатиот „утрински здив“ и неговиот придружен непријатен вкус.

Стресот може да предизвика намален доток на плунка и додека си буден. На пример, на еден нервозен јавен говорник може да му се исуши устата додека зборува, а на крајот може да дојде до непријатна појава на халитоза. Сувата уста е последица или симптом и на голем број заболувања.

Но, непријатниот здив не е секогаш последица на бактериска активност во устата. Всушност, смрдеата од устата честопати е симптом на различни пореметувања и болести. (Види ја рамката на страница 23.) Затоа, во случаи на необјаснив постојан непријатен здив, најдобро е да се побара медицинска нега.

Непријатниот здив може да потекнува и од желудникот. Меѓутоа, спротивно на вообичаеното мислење, ова ретко се случува. Многу почесто, некои непријатни миризби доаѓаат во твојата уста од белите дробови. Како тоа? Откако ќе се сварат некои видови на храна, како што се лукот или кромидот, тие влегуваат во крвотокот и се транспортираат до белите дробови. Тогаш сите миризби се издишуваат преку респираторниот тракт во и од устата и носот. Според списанието Health, „испитувањата покажале дека луѓето добиваат здив кој мириса на лук дури и кога чешнето само ќе им се истрие на табаните од нозете или кога ќе го проголтаат без да го изџвакаат“.

Исто така, и употребата на алкохолни пијалоци создава миризба на алкохол во твојата крв и во твоите бели дробови. Кога ќе се случи тоа, речиси не постои ништо што би можел да сториш за да ја поправиш ситуацијата, освен да чекаш. Некои миризби од храна ќе се задржат во твоето тело дури и до 72 часа.

baner portland horizontalen

Како да се спречи непријатниот здив

Непријатниот здив не може да се поправи само со џвакање на средства за освежување на уста во вид на бомбони. Сети се дека непријатниот здив честопати е последица на бактериска активност во устата. Секогаш треба да се има на ум дека ситните остатоци од храна кои се задржуваат во устата, даваат можност за гозба на милиони бактерии. Според тоа, еден важен начин да се надмине непријатниот здив е устата да се одржува чиста, т.е. да се намали бројот на бактерии. Тоа ќе се постигне ако од забите редовно се отстрануваат остатоците од храната и забниот камен. На кој начин? Важно е да се четкаат забите после оброците и пред легнување. Но, четкањето е само еден од чекорите.

Има некои забни површини кои не можат да се достигнат со четкичка за заби. Затоа, неопходно е да се користи забен конец барем еднаш дневно. Стручњаците препорачуваат нежно да се четка и јазикот, кој е омилено засолниште на бактериите и плодна почва за нивно размножување. Потребни се и повремени прегледи и чистење на забните наслаги кај некој стоматолог. Ако се пропушти некој од овие чекори, последица може да биде непријатен здив и, со текот на времето, сериозни заболувања на забите и на непцето.

Има и некои привремени мерки кои можеш да ги преземеш за да го освежиш својот здив. Напиј се вода, џвакај гума за џвакање која не содржи шеќер — стори нешто што ќе го зголеми дотокот на плунка. Сети се дека плунката делува како природно средство за плакнење на устата, кое ги исплакнува бактериите и создава неповолна околина за нив.

Комерцијалните средства за плакнење на устата можат да бидат од помош, но неодамнешните студии покажаа дека кога се бориш со непријатниот здив, не треба потполно да се ослонуваш на нив. Всушност, честото правење гаргара со средства за плакнење на устата кои содржат алкохол, може да предизвика сувост на устата. Некои од најефикасните производи за плакнење на устата, кои им се достапни на потрошувачите, го намалуваат забниот камен за само 28 проценти. Затоа, откако добро ќе ја исплакнеш устата со твоето омилено средство за плакнење, во неа сѐ уште може да имаш повеќе од 70 проценти од првобитниот број на бактерии. Списанието Consumer Reports објаснува дека во една низа експерименти, „карактеристично било тоа што непријатниот здив се вратил отприлика за околу 10 минути до еден час после плакнењето“ со средството за плакнење на уста. Дури и најјаките такви средства кои во многу земји се достапни само со лекарски рецепт, го намалуваат забниот камен за само 55 проценти. За неколку часа, бактериите повторно се размножуваат до својот претходен број.

Разбирливо е дека кога станува збор за спречување на непријатниот здив, мора да се избегнува несериозност. Наместо тоа, кон својата уста и кон своите заби треба да се однесуваш како со скапоцени алатки на кои им е потребно постојано одржување. Совесните дрводелци и механичари ги заштитуваат своите алатки од ’рѓосување, од корозија и од други оштетувања на тој начин што се придржуваат на посебни методи за одржување откако ќе ја завршат секоја работа. Твоите заби и устата се уште поскапоцени од која и да е алатка што ја направил некој човек. Затоа, одржувај ги и грижи се за нив онака како што заслужуваат. Ако го правиш тоа, ќе го намалиш непријатниот здив, како и фрустрацијата и срамот што доаѓаат со него. Што е уште поважно, твојата уста ќе биде уште почиста и уште поздрава.