Лунарната станица „Луна-25“, првата во последниве речиси 50 години, полета во вселената на 11 август 2023 година. Нејзиниот „животен рок“ беше многу краток и заврши на 19 агвуст кога станицата се урна на Месечината, потврди на 20 август руската вселенска агенција “Роскосмос“. А со што се занимаваа претходно советските станици и како Русите ја истражуваа Месечината накусо во нашиот преглед на занимливи факти.
1. Советскиот Сојуз на Месечината испрати 24 станици
Во шеесеттите и во седумдесеттите години од минатиот век помеѓу САД и СССР дојде до вистинска лунарна трка. Во текот на 17 години Русите на Месечината испратија 24 станици со надеж дека ќе станат негови први колонизатори. Работата со беспилотни летала е „неверојатна операција, микроскопска според прецизноста и во поглед на управувањето“, велеше космонаутот Алексеј Леонов. И иако СССР не успеа да однесе човек на Месечината, заостанувајќи на тој начин во трката со САД, Советите со своите беспилотни летала постигнаа исклучителни резултати.
Ова е еден од нив: Во 1971 година два советски лунарни ровери минаа речиси по 9 месеци шпартајќи преку Месечевата површина и емитувајќи исклучителни снимки.
2. „Луна-1“ беше првата лунарна станица на светот

Колекција на Музејот на космонаутиката
Станицата беше испратена во космосот на 2 јануари 1959 година, со што стана првата вселенска станица во историјата која е испратена на Месечината. Успешно ја постигна втората вселенска брзина и ја совлада Земјината гравитација, но не стаса до Месечината.
„Луна-1“ ја утна целта за 6.000 километри и влезе во хелиоцентричната орбита, со што стана вештачки сателит на Сонцето. Станицата беше исправна, а „утката“ се случи поради грешки во командите.
3. „Луна-2“ – станицата што откри ветар на Месечината

Колекција на Музејот на космонаутиката
Следната станица беше лансирана веќе шест месеци подоцна и овој пат експериментот беше успешен. „Луна-2“ е првиот објект во историјата на човештвото кој стаса до Земјиниот сателит. Таа на површината на Месечината откри ветар и собра прецизни податоци. Излезе дека Месечината практично нема сопствено магнетно поле, ниту радијациски појас.
4. „Луна-3“ – станицата која ја направи првата фотографија на темната страна на Месечината

Колекција на Музејот на космонаутиката
На 4 октомври 1959 година полета „Луна-3“ – првата станица што ја фиотографираше темната страна на Месечината.
Со овој настан е поврзана интересна приказна. Две години пред летот во Париз се сретнаа францускиот винар Анри Мер и советскиот конзул. Французинот се кладеше дека никој никогаш нема да ја фотографира темната страна на Месечината. Меѓутоа, фотографијата набргу се појави во сите светски весници.

Колекција на Музејот на космонаутиката
Винарот го исполни својот дел од опкладата и испрати илјада шишиња шампањско во Академијата на науките на СССР. Едно од шишињата дојде лично во рацете на главниот конструктор Сергеј Корољов. Заедно со исечоците од весниците и со фотографија ова шише денес се наоѓа во Музејот на космонаутиката.
5. „Луна-9“ ги направи првите панорамни снимки од површината на Месечината

Колекција на Музејот на космонаутиката
Во 1966 година Советскиот Сојуз постигна уште еден успех: станицата „Луна-9“ за првпат изведе „меко“ слетување на површината на сателитот во Океанот на бурите. Благодарение на ова Земјаните добија голем број панорамски снимки од Месечината, додека претходно таа беше фотографирана од орбитата или од Земјата.
6. „Луна-10“ – првиот вештачки сателит на Месечината

Колекција на Музејот на космонаутиката
Откако се дозна многу за површината на Месечината, се постави прашањето за подетално проучување на просторот што ја опкружува. На 3 април 1966 година во Месечевата орбита беше поставен првиот вештачки сателит „Луна-10“.
Сателитот беше првата летачка лабораторија. Во текот на 56 дена работа собра голем број нови податоци. Меѓу другото, ги откри и аномалиите во гравитациското поле на Месечината. Имено, во некои негови области гравитацијата е појака, а во други послаба.
7. „Луна-16“ на Земјата донесе примерок од Месечевото тло

Колекција на Музејот на космонаутиката
Во 1970 година станицата слета во Морето на изобилството и собра 101 грам месечево тло – реголит. Еден ден подоцна тргна кон Земјата и стана првиот робот што на Земјата донесе примерок од тлото на друга планета.
8. „Луна-17“ на Месечината го однесе првиот лунарен ровер

Слободни извори
Истата година на Месечината се возеше првиот ровер – Луноход-1. Него во пределот на Морето на дождовите го спушти станицата „Луна-17“. Роверот функционираше 322 дена и по површината на Месечината мина над 10 километри. Со него управуваа луѓе со помош на радиоврска од Земјата. На 8 март 1971 година по повод Денот на жената со луноходот на површината на Месечината беше напишана огромна цифра 8.
9. „Луна-24“ – последната советска станица

Колекција на Музејот на космонаутиката
Во 1976 година Советскиот Сојуз за последен пат во вселената испрати станица којашто слета на Месечината. Спуштајќи се во реонот на Морето на кризите, на самиот раб на кратерот, „Луна-24“ зеде примерок од тлото на длабочина од два метри и советските научници успеаја да го докажат присуството на големо количество вода во него. Меѓутоа, тоа беше крај на советската лунарна програма. Интересирањето за лунарни истражувања пресуши, како и неговото финансирање.
10. „Луна-25“ – првата станица на јужниот пол на Месечината

Pline (CC BY-SA 4.0)
На 11 август 2023 година на Месечината се упати апаратот „Луна-25“ – првата лунарна станица во новата историја на Русија. Нејзина задача беше да слета во пределот на јужниот пол на Месечината (досега сите станици слетуваа на средната географска ширина на Месечината, зашто тоа е поедноставно), каде што би го истражувала вечниот поларен студ и би барала вода. Во иднина Русија планира токму на ова место да ја основа својата лунарна база. Но на 19 август 2023 година станицата ја чекаше неуспешен завршеток кога истата се урна на површината на Месечината. Оваа на 20 август го потврди и руската вселенска агенција „Роскосмос“
Извор: Russion Beyond