Грузија за 9 години стана ТОП Реформатор

Од 2004 до 2013 година, Грузија направи длабоки и сериозни реформи кои ја претворија земјата во топ реформатор не само во регионот, туку и пошироко. Она што во последните девет години се случуваше во Грузија, денес е студија на случај, која се изучува на многу факултети низ светот, како пример како една земја може да се трансформира. Капитал од прва рака,  ви ги пренесува, реформите кои ги направи сега веќе поранешниот премиер на оваа држава, Ника Гилаури, а кои ги пренесе на денешниот Економски самит во организација на Македонија 2025.

Само за девет години, оваа земја иако беше рангирана меѓу последните земји во сите меѓуанродни извештаи, денес е меѓу топ десетте земји, веднаш позади Сингапур, Британија и Скандинавија. Ваквиот успешен резултат во детали го објасни поранешниот премиер на Грузија, Ника Гилаури, кој денес е на челната позиција на Bank of Georgia.

„Во 2004 година имавме голем проблем со економскиот раст, всушност немаше воопшто раст. Според Транспаренси Интернешнл, Грузија беше една од најкорумпираните земји во светот, 124-та од вкупно 130 земји. Според Doing Business бевме на 112-та позиција и немаше воопшто изгледи за раст.  Но, дојде нова влада и моравме да одлучиме што може да се направи. Нашата визија беше да станеме лидери како најнекорумпирана земја, најпријателска земја за отворање и водење бизнис, лидери по едноставна даночна регулатива, да се зголеми вработеноста и да имаме добра инфраструктура. На кратко, да создадеме структура на мала држава која ќе биде центар во регионот“, објасни Гилаури.

Девет години подоцна, резултатите зборуваат сами за себе.  БДП на Грузија значајно порасна,  во однос на Doing Business земјата се искачи на 8-то место, а Светска банка пет години по ред ја прогласува оваа држава како топ реформатор.

Што точно направи Грузија?

Според она што Гилаури го сподели со присутните на Економскиот самит, реформата во Грузија најмногу се темели на искуства и практики од приватниот сектор. Односно, секое функционирање на државата се гледало од перспектива на приватниот сектор и како токму на бизнисмените да им се олесни начинот на работа.

„ Ги намаливме даноците од 21% на 6% и воведовме рамен данок “, рече тој.

Бирократите мразат да се менуваат

Biznis vo regionotЕден од клучните реформи, рече тој, беше реформата на администрацијата.

„Голем проблем ни беше администрацијата. Бирократите мразат да се менуваат. Тие сакаат се да им остане како што било некогаш. Но решивме да ги поедноставиме правилата и прописите во однос на администрацијата. Веднаш тие беа против. „Ќе ја упропастиме економијата“, ни зборуваа. Но смисливме две паметни регулативи –

„молчењето е одобрување“ и „нема погрешна врата“. Во Грузија беа потребни 9 различни документи, од различни институции, за да започнете бизнис. Сега со еден документ, за 15 минути, секој може да отвори бизнис. Откако товарот падна на бирократите, тие сами да си ги прибираат информациите, самите почнаа да доаѓаат со идеја да се менуваат регулативите и да се поедностават процедурите. Тоа беше одлично. Со оглед дека самите знаат најдобро кои се најголемите бирократски пречки, нивните идеи за надминување на истите беа најдобри. Ова беше големата промена во менталитетот која многу ни помогна во трансформацијата на земјата“, резимираше поранешниот премиер на оваа држава и додаде дека во оваа држава администрацијата ја намалиле за 30-35%, на сметка на што пак ги покачиле платите во овој сектор.

Освен реформи во бизнис регулативите и администрацијата, големи промени и инвестиции се направени и во инфраструктурата.

„Во 2005 најизвезуваниот производ од Грузија беше отпаден метал. Толку бевме лоши. Во 2010 најголем извоз имаме на автомобили, а ние не произведуваме такво нешто. Но направивме одлична инфраструктура, лесни бизнис регулативи, и многу автомобилски индустрии започнаа автомобилите да ги произведуваат кај нас. Без да вложуваме пари за некои големи бизниси, без да правиме нови фабрики, направивме 20.000 работни места со паметни регулативи. Ова е еден од најдобрите пример како може да се трансформирате во краток период“, советува Гилаури.

Без формулата на „морковот и стапот“ нема резултати

Тој заклучува дека најдобрата реформа се прави преку формулата на „морковот и стапот“.

„Без оваа формула ништо не функционира. Ги зголемивме платите на државните службеници. Начинот на мерење на перформансите на работа го копиравме од приватниот сектор и го применивме во администрација. На секој министер во Грузија му се правеше евалуација за сработеното на секои три месеци. За успешно завршената работа добиваа бонуси. Големи бонуси. Другиот дел беше користењето на стапот. Ако некој не „игра“ според законските правила, воведовме кривични казни. Не е само да се отпушти работникот. Административците одеа и во затвор и за многу луѓе покренавме кривични пријави, оти се покажа дека се корумпирани“, рече тој.

„Три месеци работевме без сообраќајна полиција“

policija-soobrakaecЗа попластично да ги објасни реформите тој сподели два примери со јавноста:

„Еден пример – сообраќајната полиција беше една од најкорумпираните институции во светот. Ако имаше светско првенство во корупција, оваа институција ќе победеше. Затоа сметам дека ако Грузија може да ја намали корупцијата, секоја земја може да го направи тоа. Сите сообраќајни полицајци ги избркавме од работа за еден ден. И замислете, подобар беше сообраќајот без нив. Три месеци немавме ниту еден сообраќаен полицаец“, вели тој.

Вториот пример кој го посочи беше реформата во царината:

„Слично беше и кај царината. Нашите царинарници беа многу корумпирани. Го сменивме законот и воведовме снимање. Преку тоа гледавме дали цариникот ќе ги прифати средствата понуди како поткуп, дали ќе ги одбие и дали ќе ги одбие и за тоа ќе пријави во Управата. Секој цариник што ќе пријавеше обид за мито, добиваше дополнителни бонуси и беше награден и унапреден. Оној пак кој прифаќаше мито, беше кривично гонет и одеше пет години во затвор. Шест месеци подоцна имавме најмалку корумпирана царина во регионот, можеби и во светот“, рече тој.

По овие реформи, во 2014 Грузија во однос на перцепцијата на корупцијата во царина доби резултат од 4%, што е пониско од европскиот просек кој изнесува 5%.

privatizationДржавните претпријатија се неефикасни и мора да се приватизираат

Во однос на државните претпријатија, пак, тој смета дека тие се неефикасни и дека мора да се приватизираат.

„Државните претпријатија секогаш се неефикасни и секогаш ќе бидат такви. Тоа е едноставно така. Понекогаш се користат на неефикасен начини од многу влади, и сметам дека нивната приватизацијата е повеќе од неопходна.

 

извор: kapital.mk  

 

 

Повеќе