Струмица ќе го празнува својот патрон Светите Петнаесет

Струмица на 11-ти декември празнува, го одбележува својот Патрон, Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици. По тој повод од 8-ми до 11-ти декември ќе се одржат низа свечености.

Со претставата „Идиот“ од Достоевски, во режија на Горан Тренчовски, вечерва од 20:00 часот во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица официјално ќе започне одбележувањето на патрониот празник на градот Струмица.

Утре (сабота, 9 декември), во спортската сала „Партизан“ во Струмица од 18:00 часот ќе започне Меѓународниот турнир во одбојка за ветерани, во организација на ОК „Ветерани“.

Во недела (10-ти декември), со почеток во 11:00 часот во ресторан „Космополит“ ќе биде промовирана книгата „95 години ФК Беласица“ од Иван Станоевски, а во 19:00 часот ќе биде отворена постхумна изложба на Стојан Пачоов.

Во понеделник, (11-ти декември), на денот на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, од 9:00 часот во црквата што го носи името на заштитниците на градот Струмица, ќе се одржи Света Божествена литургија, а во 10:00 часот во Библиотеката „Благој Јанков Мучето“ ќе бидат доделени наградите од литературниот конкурс посветен на градот Струмица.

Во истиот термин (10:00 часот), во спортската сала на ООУ „Видое Подгорец“ во Струмица ќе започне Турнир во кошарка за основните училишта, а во 11:00 часот во спортската сала на СОУ „Никола Карев“ и Турнир во кошарка за средните училишта.

Свечената седница на Советот на општина Струмица ќе започне во 12:00 часот, во НУЦК „Антон Панов“, на која ќе бидат доделени и традиционалните Годишни награди и наградата за животно дело „Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“ на општина Струмица за 2017-та година.

Вечерата во 19:00 часот во НУ Завод и Музеј во Струмица е промоцијата на книга со фотографии „МОНОС“ и изложба од Александар Дончев. Веднаш потоа во 20:00 часот во НУЦК „Антон Панов“ е заедничкиот Годишен концерт на „Распеани струмичани“ и Ансамблот „Тримери“, со кои завршуваат активностите по повот патрониот празник на градот Струмица.

извор:strumicanet.com

Повеќе