Скјапарели и Дали – ретроспективна изложба на двајцата генијалци пред своето време

Ги спојува Париз во 30-те години на минатиот век. Боемскиот град на уметниците бил средиште на авангардните и прогресивни таленти, па Париз некако сосем се вклопува во нивната заедничка приказна: Салвадор Дали и Елза Скјапарели. Два генијални ума далеку пред своето време.

Таа креирала висока мода инспирирана од неговиот надреализам. Двајцата протагонисти совршено ги надополнувале своите несовршености и благодарение на нивната луцидност во уметничкиот израз, нивните дела се школски пример за бескомпромисна уметност.Во октомври годинава се отвори првата и по многу нешта значајна, заедничка ретроспективна изложба на шпанскиот сликар и надреалист Дали и фасцинантната краторка Скјапарели, во музејот на Дали на Флорида.

Драгоцен проект кој ја истражува мистичната релација помеѓу двајцата уметници, нивните паралелни светови и нивната заедничка страст. Нивната уметности истовремено ги возбудува и шокира сетилата, а токму тоа е нивната нераскинлива врска.

И двајцата во својата уметност ја комбинираат ренесансната прецизност со нивната дива фантазија и визии од соништата. Делата на Дали и Елза се олицетворение на чувството на слобода и можноста да ја оживеат популарната култура во едно бурно време.

А надреализмот навлегува во популарната култура токму преку модните магазини и тоа е уште еден значаен момент со кој се поврзуваат нивните имиња.

Од телефонот на Дали со јастог и фустанот на Скјапарели со истиот мотив до накит, слики, скулптури – во рамките на оваа поставка е опфатен секој аспект на нивното творештво.

Изложбата ќе биде отворена до 18 јануари, па ако сте меѓу оние среќници периодов да се најдете во St.Petersburg на Флорида, задолжително посетете го Музејот на Дали.

Повеќе