Бафет: Биткоин е коцкање, а не инвестиција

Третиот најбогат човек на светот, Ворен Бафет, уште одамна е скептичен околу вистинската вредност на криптовалутите, па сега уште еднаш напомена дека тргувањето со биткоини повеќе личи на коцкање, отколку на вистинска инвестиција.

Ворен Бафет е познат по неговите проценки за мудри инвестиции кои го донесоа до третото место на најбогати луѓе во светот, веднаш зад Џеф Безос и Бил Гејтс.

„Има два типа на работи кои луѓето ги купуваат и мислат дека со тоа инвестираат. Едната работа е вистинска инвестиција, додека другата не е“, рече Ворен Бафет на годишниот состанок на компанијата Berkshire Hathaway.

Милијардерот никогаш не стоеше на страната на криптовалутите, дури и покрај нивниот пораст на вредноста кон крајот на минатата година.

„Ако купите нешто како фарма, куќа, или некој бизнис, тогаш инвестирате приватно и тоа може да се смета за инвестиција. Но, ако купите биткоин или било која криптовалута, тогаш немате купено нешто кое навистина има вредност, туку се надевате дека наредниот купувач ќе го купи тоа за повеќе пари, па преку тоа вие ќе заработите. Тоа не е инвестиција, туку повеќе наликува на коцкање“, додаде Бафет.

Во јануари Ворен Бафет изјави дека „криптовалутите скоро сигурно се осудени на неуспех“, а изгледа дека изминатите неколку месеци не му го сменија мислењето за оваа нова интернет валута.

Тој рече и дека не би знаел како да инвестира во биткоини, или било какви криптовалути, бидејќи не го разбира нивниот механизам. Според него, целиот пазар на криптовалути зависи од среќата и случајноста, а тој не е голем фан на оставање на работите на случајноста.

Повеќе