За името и идентитетските прашања: По повод договорот со Грција – Пишува Катерина Колозова

loading...

Во мигот кога се појави Тиранската платформа – за која нѐ убедуваа, и сѐ уште нѐ убедуваат дека не постои, иако сите елементи на нејзино спроведување се во тек – ме обзема паника дека во ситуација на уцена и сеопшт регионален притисок (посредно, преку потписниците на Платформата) ние ќе влеземе во длабока дестабилизација.

Згора на се’, суштината на сите спорови кои оваа Платформа бараше да ги решиме се идентитетски – затоа ме фати уплав дека во идентитетска смисла придавката „македонски“ ќе загине. Многу пати нагласив дека немам ништо против неограничена употреба на сопствениот јазик на Албанците и другите заедници во нивната комуникација со институциите, туку во тој дел ме плаши проблематизирањето на симболите – што е повторно идентитетска закана.

Колку и да се или не се издржани сите барања на нашите сограѓани Албанци, тие се поставени во период кога сме ранливи и сардисани од најмалку уште три страни, и тоа од идентитетски аспект. Оттука и стравот.

Од сиве овие причини, а не од непатриотско-предавнички – или од „бугарофилско-албанофилско-гркофилски причини, како што бев нарекувана деновиве“ – јас сум радосна за исходот од преговорите со Грција. Не само сега, туку уште од пред многу години објаснувам дека преговорите за името го загрозуваат нашиот идентитет токму во делот на проблематизирањето на називот на јазикот и употребата на придавката која служи да се опише етничката заедница „Македонци.“

Инсистирав дека е опасно да се дискутира дека идентитетот е некакво чувство, некаква самосвест во нашите индивидуални глави (кои некако сочинуваат колективитет без спони на заедничко препознавање по пат на јазик), доживување туку дека точно се лоцира во именување на два елементи: етничката група „Македонци“ и јазикот „македонски.“

И тогаш, како и сега, во размена со грчките интелектуалци но и во дискусија овде локално, инсистирав дека преговорите треба да се водат во термините на современата политика а не во историски термини. Ниту ние ниту Грција не смееме да се повикуваме на историја туку на неприкосновеноста на правото на самоопределување.

Така, нема и не треба да мора да црпиме аргументи од дедо Ное зошто имаме право да се викаме Македонци. Се викаме така бидејќи така се чувствуваме, доживуваме, се препознаваме во тоа име, и тоа препознавање е различно од она што Грците го имаат на ум кога ќе се идентификуваат со тоа име. Секогаш инстистирав дека тука треба да почне и заврши секоја дискусија, бидејќи правото на самоопределување е суверено или интегрален елемент на суверенитетот.

Тоа право е прединституционално и го сочинува месото на она што после се декларира себеси како нација а, пак, нацијата се изразува себеси преку институции а пред се’ преку парламентот. Тоа нешто е обезбедено: Заев не нѐ лаже (барем не овој пат). Погледнете го членот 7 од Договорот, како и другите (особено почетните), и ќе се уверите дека е дословно така како што вели: „македонски“ е зачувано во својата идентитетска смисла.

Смееме да го употребуваме и ние и тие, но мислиме различни нешта кога го употребуваме: ние на нашето историско и културно наследство како и национално, а тие на своето културно и историско.

Го употребуваме и во делот на описот на етносот, што значи: „Република…. е држава на македонскиот народ“ (и сите други наведени заедници, како што, врпочем, и сега гласи). Ако членот 7 се толкува дословно и прецизно, тогаш описот дека е ова држава на македонскиот народ и останатите заедници во Преамбулата останува.
Да сумираме, идентитетската загроза е отстранета, барем во рамки на спорот со Грција (што беше наш најголем страв): јазикот навистина останува „македонски“, националноста „македонска“ (а за останатите заедници „граѓанин на Република Северна Македонија“), а и етничката припадност, благодарение на член седум и декларирното право на самоопределување, останува незагрозена.

Јас сум задоволна од овој исход, особено затоа што можеше да се случи при усвојувањето на Законот за јазиците да се дефинираат правата на сите јазични групи, а македонскиот да остане обезличен бидејќи ќе беше обезимен и без лингвистичка дефиниција. Лингвистичката дефиниција и нејзиното меѓународно признание со Повелбата на ОН од 1977 е афирмирана во Договорот, и сега, благодарение на оваа спогодба, кога зборуваме за македонскиот јазик не мислиме на смесата јазици на „државата Македонија“ (што беше многу реална можност од исход на преговорите, онака како што ги тераше Нимиц), туку на македонскиот на којшто говориме и кој е признаен уште во 1977 како дел од јужнословенската група јазици.

Замислете исход кадешто јазикот се нарекува „јазик на граѓаните на Република таа-и-таа Македонија,“ а вие носите закон за јазици кајшто треба да кажете „официјален јазик е јазикот на граѓаните на Република таа-и-таа Македонија како и на албанскиот, и другите јазици во општините кадешто…“.

Во едно такво сценарио, јазикот навистина ќе беше укинат а, со тоа, и ние ќе бевме идентитетски укинати.

Затоа сметам дека преименувањето на називот на државата е помала жртва одошто жртвата на придавките кои го опишуваат идентитетот. Релативизирањето на тоа што е „македонски јазик“ од страна на Бугарија, иако не е експлицитно во Договорот а постои во јавноста, е поткопано со овој Договор и со потврдата за јазикот и повикувањето на повелбата од 1977 која го признава и дефинира како јазик на една нација (македонската). Сите знаевме дека ако веќе не излегуваме од преговорите, ќе мора да се преименуваме а само неупатените мислеа дека ерга омнес може да помине без уставни промени. Кога веќе се бевме фатиле на тоа оро, беше важно да го извлечеме најдоброто за нас од идентитетски аспект.

Мислам дека го извлековме. (Се откажавме од Антиката, но таа навистина не била никогаш дел од нашето културно наследство сѐ дур кадрите на ДА во ДПМНЕ не решија да си замислат дека е. Затоа, тоа не го ни сметам за одрекување.)

Катерина Колозова, професор по филозофија и студии на политики

Фото: Приватна колекција

извор:expres.mk

loading...

Поврзани статии