Грешки на родителите во исхраната на децата


Исхраната е од исклучително значење за правилниот развој на децата, особено во првите години од нивниот живот, кога се стекнуваат и основните навики. Но, исхраната е и тема која ги плаши родителите, затоа што најмалите членови во семејството знаат да бидат пребирливи и да се однесуваат како да страдаат од неофобија (страв од новото, или во случајот новата храна). Ретки се родителите кои не биле сведоци на детската тврдоглавост во моментите кога малите инаетчии решиле дека е подобро да не јадат ништо отколку да пробаат од она што им се нуди на трпезата.

Со идеја да создадат што подобар и поздрав режим на исхрана, родителите често започнуваат да применуваат погрешни тактики како принуда и поткупување, кои или го оттурнуваат детето од одредено јадење или создаваат нездрави навики во исхраната.

Еве некои од најчестите грешки кои родителите ги прават кога станува збор за исхраната на нивните најмили:

ГО ПРИНУДУВАТЕ НАСИЛА ДА ЈАДЕ ХРАНА КОЈА НЕ ЈА САКА

„Доврши ја порцијата брокули без приговор“„Мора да го изедеш јаболкото“… Ако и вие, како и многу други родители, го принудувате вашето малечко да јаде храна која не му се допаѓа, треба да знаете дека оваа тактика може да даде спротивен ефект од посакуваниот.

Децата не ги прифаќаат веднаш новите вкусови и реагираат негативно кога родителите ги принудуваат да јадат одредена храна, дури и кога им се нуди награда за тоа. Подоцна кај нив се појавува антипатија кон храната која биле присилени да ја јадат. Подобрата варијанта е да ја ставите храната на масата и да го охрабрите да ја проба, без да нудите награди или да го казнувате ако ја одбие. Доколку реши да ја проба, не започнуваjте возбудено да го фалите и да му велите „Браво“. Останете неутрални.

ГО ПОТКУПУВАТЕ СО СЛАТКИ НАГРАДИ

Со цел да ги натераат децата да вкусат здрава храна, родителите често прибегнуваат кон популарниот метод – поткупот. Можеби ви звучи познато: „Изеди ја салатата и ќе ти дадам сладолед“. Лошата вест е што поткупот може да резултира со непосакуван ефект.

Преку поткупот од ваков тип вие му укажувате на детето дека салатата не е вкусна, бидејќи за да ја изеде му нудите привлечна награда. Освен тоа, со оваа постапка вие му велите дека сладоледот е многу вкусна храна, затоа што се нуди како награда, и со тоа ја зголемувате неговата желба за слатко.

Истражувањата покажуваат дека на долгорочен план наклонетоста на децата кон одредена храна значително опаѓа кога им е давана награда за да ја консумираат истата. Наместо поткупи, терајте го вашето дете да каснува по малку од конкретната храна. Со текот на времето вкусот ќе му станува сè попознат, а по одреден период тоа целосно ќе ја прифати.

ПРЕРАНО СЕ ОТКАЖУВАТЕ ОД ОДБИЕНАТА ХРАНА

Децата со радост би прифатиле нов тип на чоколадо, но не и нов тип на зеленчук. Ако вашето дете одбие да проба од здравиот зеленчук кој сте му го понудиле, оставете го на масата пред него. Обидете се повторно неколку дена подоцна. Педијатрите советуваат дека се потребни 10-15 обиди пред мало дете да прифати нова храна.

МУ СЕРВИРАТЕ ПОРЦИИ ЗА ВОЗРАСНИ

Родителите понекогаш забораваат дека децата се само деца и им предлагаат порции за возрасни. Според Американската академија на педијатри, порцијата на дете од предучилишна возраст треба да биде околу една четвртина од онаа на возрасните.

Ограничете ги порциите на вашето дете, со исклучок на свежиот зеленчук. Тој може да биде консумиран во големи количини, без да предизвикува непосакувано зголемување на телесната тежина.

ЦЕЛОСНО МУ ГИ ЗАБРАНУВАТЕ СЛАТКИТЕ ЗАДОВОЛСТВА

Нема ништо лошо во тоа да ги минимизирате шеќерните задоволства во исхраната на вашето малечко, но не и во тоа целосно да ги забраните. Всушност, колку повеќе му забранувате одредена храна, толку повеќе расте неговата желба за неа. И не само тоа. Во таков случај се зголемува и веројатноста вашето малечко да се прејаде кога ќе му стане достапно „забранетото овошје“ на роденденските забави кај другарчињата или додека е на гости.

Дозволувајте му да јаде благо, но тоа да биде балансирано и направете ги десертите поздрави. Користете ја стратегијата 90/10 (90% здрава храна, 10% храна за забава).

КОНСУМИРАТЕ НЕЗДРАВА ХРАНА ПРЕД НЕГО

Ако сакате вашето дете да се храни здраво или редовно, морате тоа да го правите и вие. Не можете да создавате правила од типот „Нема благо пред спиење“ ако самите поткаснувате чоколадо пред да го посетите креветот или „Појадокот е најважниот оброк“ кога вие наутро летате низ вратата без да појадувате. Многу е важно и вие да го практикувате она на што го учите вашето малечко, затоа што децата се огледало на своите родители.

Јадете повеќе овошје и зеленчук во негово присуство. Кога вашето дете гледа дека „мама“ и „тато“ уживаат во вкусот на здравата храна, поверојатно е и тоа да има позитивен став кон неа.

МУ ДОЗВОЛУВАТЕ ДА ЈАДЕ ПРЕД ТЕЛЕВИЗОРОТ

Јадењето пред ТВ го одвлекува вниманието и помалку обрнуваме внимание на тоа дали сме сити или не. Децата, исто како и возрасните кои јадат пред ТВ, не се свесни што и колку јадат, а тоа лесно може да доведе до прејадување. Докажано е дека децата внесуваат многу повеќе калории од потребните кога нивното внимание е одвлечено од телевизиската програма.

Ограничете ги местата во домот на кои е дозволено да се јаде, на пример масата во трпезаријата или во кујната. Оброците треба да бидат време за семејството. Исто така, децата се посклони да прават подобар избор на храна кога јадат на иста маса со целото семејство.

„НЕМА ДА ЈА НАПУШТИШ МАСАТА ДОДЕКА НЕ ЈА ИСПРАЗНИШ ЧИНИЈАТА“

Ако често ја изговарате оваа реченица, добро е да знаете дека здравите деца знаат кога се сити, а кога се гладни. Тие се раѓаат со вродена способност сами да го регулираат внесот на храна, а најдобриот начин за да се зачува оваа способност во текот на животот е преку доверба и учење.

Принудувањето на вашето дете да ја изеде целата храна која сте му ја ставиле во садот е одличен начин да го прејадете, а ако тоа се прејадува додека е мало, многу е веројатно да го прави тоа и во иднина. Верувајте му кога вели дека е сито или гладно и давајте му порции соодветни на неговата возраст. Тоа ќе создаде кај него правилен однос кон храната.

НЕ МУ ДОЗВОЛУВАТЕ ДА ПОМАГА ВО КУЈНАТА

„Излези од кујната, правиш неред“, „Бегај, ќе се изгориш“„Не го допирај ножот, ќе се пресечеш“… Звучи познато? Да, кујната е опасно место за малите деца, но тактиката да не му дозволувате на вашето малечко да учествува во приготвувањето на оброците е погрешна.

Всушност, поверојатно е вашето малечко да јаде одредено јадење или да прифати да вкуси нова храна доколку ви помогнало да ја приготвите истата. Пазарувајте со вашето дете, вклучете го при избирањето намирници, а потоа вклучете го во готвењето, дури и по цена да треба да чистите поголем неред.

извор:femina.mk


ФАМИЛИЈА

Повеќе