Иванов: На овој голем празник, да се потсетиме на заветот кој ни го оставија нашите предци

loading...

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов со обраќање до нацијата, го честиташе Денот на народното востание и ги повика граѓаните на Македонија да се потсетат на заветот кој им го оставиле претците.

Во продолжение интегралниот текст од пораката на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов:

Почитувани сограѓани,

Нека ни е честит 11 Октомври, Денот на народното востание.

Вооруженото востание против фашистичкиот окупатор, започнато на 11 октомври 1941 година ни ја донесе слободата и остварувањето на сонот за формирање на македонска држава. Патот до конечната победа преку долготрајната Народноослободителна борба исполнет со страдање и хероизам ни обезбеди место на страната на правдата и на човечноста. Борбата за слобода зеде многу жртви пред кои ние денес се поклонуваме и чие дело го славиме.

Затоа денес, 11 Октомври е повеќе од државен празник, тој е и отелотворување на идеалот за слобода и правда. На овој ден се слави пожртвуваноста и решителноста на македонскиот народ за слобода и за создавање на самостојна и независна држава. Тој идеал нè води и денес во остварувањето на подобра сегашност за денешните и подобра иднина за наредните генерации во Република Македонија.

Македонија секогаш била на страната на слободата и демократијата и со овие вредности нема правење компромиси. Затоа обединети и сплотени, да го продолжиме стремежот на борците од НОБ за просперитетна Република Македонија, приклучувајќи се како рамноправна држава во обединета Европа, Европа во која ќе нема мали и големи, позначајни и помалку вредни, Европа базирана на рамноправност, еднаквост и солидарност, Европа ‒ лулка на демократијата.

На овој голем празник, уште еднаш, да се потсетиме на заветот кој ни го оставија нашите предци, достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме.

Нека ни е честит и вековит 11 Октомври!

Да живее Република Македонија!

loading...

Поврзани статии