Власта во Македонија преку судот уценува пратеници

Сомнително е како Специјалното јавно обвинителство почна да се интересира за 15 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ токму во време кога треба да се обезбеди мнозинство во македонското Собрание за изгласување на уставните промени, пишува германскиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг (ФАЗ).

– ВМРО-ДПМНЕ е против преименувањето на државата, а без гласовите на барем дел од нејзините пратеници, дво-третинското мнозинство е недостижно за премиерот Зоран Заев. И токму овој деликатен момент, повеќе пратеници од опозицијата добија покани да се појават пред Специјалното обвинителство. Одеднаш обвинителството се интересира за 15 пратеници, што не е случајност, вели поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, кој е еден од осомничените пратеници, а е и еден од водечките противници на договорот за преименување на Македонија, пишува водечкиот германски весник.

 

ФАЗ пишува дека паралелно со обвиненијата, Заев нуди и „морков“, односно амнестија за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе гласаат за уставните промени, под маската на процес на „помирување и простување“, а оваа понуда ја потврди и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

– Милошоски тврди дека СЈО е политички инструментализирана институција, која селективно го применува правото и е де-факто втор штаб на СДСМ, пишува во текстот. Според Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, договорот постигнат меѓу Заев и Ципрас се соочува со многу сериозни проблеми, по оставката на едниот од неговите потписници, грчкиот министер за надворешни работи Никос Коцијас.

ФАЗ оценува дека Коцијас бил архитект на договорот што беше потпишан во јуни во Преспа, а дека неговата оставка го отворила прашањето дали овој договор ќе биде спроведен. Според ФАЗ, со падот на неговата популарност, премиерот Ципрас мора да ја зачува својата коалиција со националистичкиот грчки политичар Панос Каменос, кој се противи на договорот од Преспа, и кој го обвини Коцијас дека работи за американскиот милијардер Џорџ Сорос.

Ципрас му ја откажа довербата на Коцијас и се надева дека ќе ја зачува својата коалиција со Каменос до септемвриските избори, до кога се надева и дека исплатата на пензиите и социјалната помош ќе му помогне да ја намали разликата во анкетите со конзервативниот политичар Киријакос Мицотакис.

Статија на ЛИДЕР

Повеќе