Дали постои слободна волја?

Во култниот филм на Стенли Кјубрик, Dr. Strangelove, лудиот нуклеарен научник, кој маестрално го глуми Питер Селерс, упорно се обидува да ја сопре својата десна рака која го покажува нацистичкиот поздрав. Иако Strangelove е поранешен нацистички научник, тој всушност страда од невролошкото нарушување, синдромот туѓа рака (Alien Hand Syndrome). Станува збор за ретко невролошко нарушување во кое болниот е сведок на тоа како едната негова рака има сопствена волја. Кога тој со левата рака сака да ја спушти чашата, десната сака да ја крене, кога левата закопчува копчиња на кошулата, десната ги откопчува. Во драматични случаи едната рака го дави сопственикот, а другата го спасува, па несреќникот за секој случај мора да спие со непослушната рака врзана за креветот.

„Болеста е навистина необична, но објаснувањето е едноставно и причината лежи во повредите на мозокот на болниот. Иако станува збор за одбивна и непосакувана забелешка, ние сме машини со мозок. Ние го немаме она што го сметаме за слободна волја“, тврди физичарот, д-р Мајкл Брукс во својот бестселер Тринаесет работи кои немаат смисла.

Разумни аргументи

Многу научници денес тврдат дека луѓето немаат слободна волја. Тие сметаат дека слободната волја не е ништо друго освен илузија чија смисла е човекот да се чувствува добро.

„Ние веруваме дека слободно можеме да одлучуваме врз основа на разумни аргументи. Но, од научно рамниште, мозокот е сложен состав без средиште кое би можело сè да организира. Секоја ментална активност е последица на невробиолошки процеси“, изјавил за Дојче Веле познатиот германски невролог, Волф Сингер, кој тврди дека поради организацијата на човечкиот мозок нашите одлуки воглавно настануваат потсвесно. „Ние дури подоцна на тој процес му придаваме некоја намера, па потоа веруваме дека сме можеле и поинаку да одлучиме. Но, тоа не е вистина“, додава Сингер.

Слободната волја е физиолошки термин според кој мислите и однесувањето на некоја личност се одредени според сопствената волја, а не според ндворешни фактори. Прашањето за слободната волја е во средиштето на филозофските, религиски и етички расправи кои се водат повеќе од две илјади години.

„Веројатно не постои филозоф кој на овој или на оној начин не се позанимавал со тоа прашање или со некој негов аспект. Но, кога се занимаваме со тој термин, би требало да бидеме внимателни со оглед на тоа што поимот слободна волја е нешто што сме го наследиле од антиката – потеклото најверојатно треба да му го бараме во стоицизмот – и не е јасно, колку и во каков облик тој денес воопшто е потребен“, вели д-р Филип Гргиќ, директор на Институтот за филозофија во Загреб и водач на проектот Free Will, Causality and Luck, кој го финансира Хрватската фондација за наука.

„Можеби тој всушност нам ни претставува товар, бидејќи од современите расправи често може да се стекне впечаток дека ставовите зависат од тоа како почетно се дефинира слободата: дали како, да речеме, способност на делување во склад со своите желби, без постоење на надворешни пречки или како способност на избор помеѓу отворени алтернативни можности“, истакнува Гргиќ.

 

Детерминизам

Законите на Њутн и класичната механика упатуваат на детерминизмот во вселената, каде што секоја причина има своја последица. Врз основа на Њутоновата механика, може да се заклучи дека слободно донесената одлука е во потполност предодредена на акциите кои ѝ претходат. Но, квантаната физика покажува дека однесувањето на субатомските честици е непредвидливо. Резултат на тоа е фактот дека физикалните сили како што се електромагнетните и гравитациските, не можат во потполност да ја одредат иднината на сметка на минатите настани, оставајќи толку мал простор за непредвидливо однесување. Сепак, многу филозофи се сомневаат во тоа дека непредвидливото однесување на ситните честици може да се преведе како слободна волја, бидејќи квантните ефекти немаат таква моќ во пошироки размери.

Но, во осумдесетите години некои се обиделе да го зголемат сомнежот во постоењето на слободната волја. Најпознат е експериментот кој во 1983 година го направи Беџамин Либет, американски психолог од Универзитетот Калифорнија во Сан Франиско. Тој ги замолил испитаниците да поседат извесно време и во еден момент, кога тоа ќе го посакаат, да го помрднат прстот. Врз основа на енцефалограмот (ЕЕГ), Либет го регистрирал сигналот во мозокот, т.н. потенцијал на подготвеност (кој научниите го открија уште во шеесетите години), триесет десетинки од секундата пред испитаниците да најават дека ќе го помрднат прстот. Се покажало дека нивниот мозок бил подготвен и пред испитаниците да бидат свесни за тоа, од што Либет заклучил дека слободна волја не постои.

Експериментот на Либет бил едноставен, па подоцна неговите следбеници го разработиле. Така, во 2010 година, група на неврохирурзи и невролози од универзитетите Хардвард и Калифорнија во Лос Анџелес го повториле експериментот на Либет, овојпат вметнувајќи електроди во мозокот за да ја забележат активноста на поединечни неврони. Забележале потенцијал на подготвеност, 1,5 секунди пред одлуката.

Компјутери

Неврологот Џон Дилан Хајнс од институтот Макс Планк за човечки когнитивни и науки за мозокот, смета дека некои одлуки можат да се предвидат и 1,5 секунди однапред. Користејќи функционална магнетска резонанца (fMRI) и компјутерски програми, Хајнс и неговите соработници во 2007 година успеале да ги откријат намерите на испитаниците во речиси 70% од случаите.

Во текот на експериментот испитаниците морале да размислуваат за собирање и одземање, а од нив се барало да ги задржат своите математички одлуки се додека на мониторот од компјутерот не се прикажат два броја. Додека испитаниците размислувале за резултатите од математичката задача, fMRI скенерот ја следел активноста на нивниот мозок, а научниците врз основа на тоа ги предвидувале нивните интенции.

Имено, компјутерот бил програмиран така за да може да препознае одредени причини за активноста во мозокот кои обично се проследени со специфични мисли. На тој начин на научниите првпат им тргнало од рака да ги „читаат“ намерите на испитаниците. Експериментите на Џон Дилан Хајнс многумина ги потсетиле на филмот Minority Report во кој полицајците од предкриминалната единица ги апсат потенцијалните убијци пред да почне злочинот.

Но, тезата дека нашето чувство за слобода е всушност самозалажување ја лансирал покојниот американски психолог Даниел Вегнер, автор на книгата Илузија на слободната волја. Вегнер, врз основа на своите истражувања утврдил дека чувството кое луѓето го имаат – дека свесно ги донесуваат одлуките – всушност е илузија создадена во мозокот.

Според неговите истражувања, мозокот несвесно донесува одлуки, а дел од секундата покасно го известува другиот, свесен дел, за она што го направил. На тој начин нам ни се чини дека ги контролираме нештата. Истовремено, мозокот го одложува испраќањето на моторичките сигнали на рацете, нозете или устата.

„Стравовите на филозофите кои ја негираат слободната волја се посуптилни и поразновидни. Во најширока смисла на зборот, порекнувачите на слободната волја се оние кои го прифаќаат физикалниот или метафизички детерминизам, т.н. цврст детерминизам. Денес воглавно ги нарекуваме скептици во поглед на слободната волја или морална одговорност, бидејќи во поглед на вистинитоста на детерминизмот се агностици, а причините за отфрлање на слободната волја и моралната одговорност ги наоѓаат на друго место“, вели Филип Гргиќ.

„Повеќето современи филозофи се таканаречени компатибилисти – сметаат дека слободната волја и вистинитост на детерминизмот се споиви и негираат дека слободната волја е илузија, додека одреден број го застапува таканареченото либертаријанско гледиште според кое имаме слободна волја, а детерминизмот не е вистинит“, додава Гргиќ.

Некои невролози, како Арон Шургер од Националниот институт за здравје и медицински истражувања во Саклеј, Франција, тврдат дека потенцијалот на спремност на Либет е некој вид на „невронски шум“. Кога тој шум ќе го достигне својот врв, го преминува прагот и се претвора во одлука. Шургер тврди дека константниот невронски шум е вклучен во секое донесување на одлуки.

Златен фустан

На пример, сигурно на многумина им останала во сеќавање бизарната интернетска расправа од март оваа година околу бојата на фустаните чија фотографија, шкотската пејачка Кејтлин МекНеил ја беше поставила на својот Tumblr. Фактот дека многумина го виделе фустанот како син и црн, а други како бел и златен, покажува дека невронскиот шум води до различни заклучоци за бојата.

„Шургер е интересен. Би можело да се каже дека неговата теорија е компатибилна со слободната волја бидејќи преминот на прагот значи одлука дека треба да се делува. Но, мислам дека тој со право е внимателен околу тоа, бидејќи тој процес е свесен“, изјавил за британското популарно научно списание Focus, британскиот невролог Патрик Хагард, професор на Универзитетскиот Колеџ Лондон кој соработувал со покојниот Бенјамин Либет.

„Но, едно е сигурно: науката веќе не ги прифаќа дуалистичките идеи кои ги поддржуваат религијата и филозофите, како Рене Декарт, дека душата или умот можат да егзистираат независно од нашиот мозок или телото“, додава Хагард.

Заклучоци

Доколку нашите мисли, чувства и искуства се резултат на електричните и хемиските реакции во нашиот мозок, денес веќе не би постоеле дилеми меѓу невролозите. Човечкиот мозок има 100 милијарди ќелии, неврони, а секој од нив создава и до 10 000 синаптички врски. Кога на теориска и на практична основа ќе ја разбереме комплексноста на тие врски, ќе можеме да одговориме и на прашањето како во суштина работи мозокот.

Невролозите сега истражуваат две подрачjа во мозокот кои нам, така барем се претпоставува, ни даваат чувство на контрола над она што го правиме.
Се чини дека постериорниот париетален кортекс има улога во планирањето и надгледувањето на нашите активности. А медијалниот фронтален кортекс е активен пред движењето. Кога научниите го стимулираат тој дел од мозокот со електрични импулси, пациентите известуваат за чувството кое ги присилува да ја придвижат раката. „Тоа по малку звучи како волја“, вели Хагард.

Во меѓувреме, филозофите ги следат најновите истражувања во невронауката за да ги применат во своите долготрајни расправи околу слободната волја.

„Резултатите од невронауката се исклучително важни. Но, овде имаме неколку деликатни прашања. Пред сè, невролозите – но не само тие туку, на пример и социјалните психолози – често знаат по малку брзоплето да потврдат дека слободната волја е илузија, иако не е јасно како таков заклучок воопшто може да се изведе од нивните студии.

Бидејќи прилично е далечен патот од тврдењето дека мојата одлука да изведам крајно едноставно дејство, како што е придвижување на прстот или притискање на копчето А или копчето Б, е донесена несвесно, па затоа не е слободна, до тврдењето дека сите мои одлуки се такви, на пример, мојата одлука да го прифатам повикот на Глобус да зборувам за слободната волја“, коментира Филип Гргиќ.

Извор: Globus

Припремил:Тања Рудеж за OKNO.MK

Статија од 07.09.2015  год.

Повеќе