Универзумот ќе се распарчи и ќе се рециклира, тврди истакнат астрофизичар


Астрофизичар тврди дека ќе се случи деструктивен инцидент од космички размери кој можеби нема да стави крај на животот каков што го знаеме, но ќе резултира со космичка инфлација и евентуално – нова Голема експлозија.

Итан Сигел, астрофизичар и професор на колеџот Луис&Кларк во Орегон, вели дека „Големото распарчување“ (The Big Rip), космички настан сличен на Големата експлозија (The Big Bang), може да се случи околу 22 милијарди години од сега и дека буквално ќе го распарчи универзумот.

Концептот за „Големото распарчување“ прв пат го спомнаа Роберт Калвел, Марк Камионковски и Невин Вајнберг во 2003 година во нивниот есеј насловен „Фантомска енергија и всленскиот Суден ден“, во кој претпоставуваат дека ако нашиот универзум продолжи да се шири, еевнтуално ќе стигне до точка во која „сите сили што го држат заедно ќе бидат обземени од темна енергија“.

„Ако е точно дека ќе се случи Големото распарчување, сѐ во универзумот ќе биде распарчено до најосновни честички, до некоја мера како во раните фази на Големата експлозија“, вели Сигел.

Иако некои поборници на теоријата за Големото распарчување сметаат дека тоа ќе биде крај на универзумот каков што го знаеме, Сигел смета дека тоа нема да се случи, туку дека универзумот ќе се „рециклира“.

„Ако темната енергија се зајакне, тоа е всушност енергија со исто потекло како основниот материјал на самата вселена и може да го повтори раниот период на историјата на нашиот универзум, кога вселената се раширила во огромни размери, предизвикувајќи космичка инфлација“, објаснува тој.

„Инфлацијата ја отстранува целата претходна материја и енергија од универзумот и го остава само материјалот од кој е создадена вселената. По периодот на инфлација, таа енергија некако се претвора во честички, античестички и радијација, што води до Големата експлозија.“


Повеќе