Нискиот стандард и грижите го јадат божиќниот дух


Каде и да погледнеме, насекаде се рефлектира празничен амбиент. Музика по кафулињата, на излозите на продавниците, во содржините во медиумите, по улиците, во домовите, на новогодишните елки, на балконите, на работното место, во трговските центри, по парковите, кината, театрите, рестораните… насекаде е расфрлана новогодишната магија. Преплавени сме од празничниот дух.
Но колку навистина се чувствува новогодишниот дух? Како реално се доживуваат празниците? Дали ги одржуваме во инкубатор? Дали воопшто живеат? Или се само бледа трага на она што било некогаш. Па, сега, како стари добри навики, како ритуали, само ги репризираме.

Според некои социолози, многу драматика е вклучена во современиот Божиќ, кој се смета за еден од шесте најтешки настани во животот, заедно со разводот, преселувањето, менувањето на работното место.
Многу причини го потиснуваат новогодишниот дух. Некои не го чувствуваат духот поради самотијата, некои поради стресот, од финансиски причини, или едноставно не го чувствуваат. Како дете секој ужива во Божиќ, но со возраста уживањето и возбудата избледуваат.

Божиќ е магичен за децата и им ги исполнува срцата со топлина и радост, затоа што само такви информации им се складираат во сеќавањата. Децата се толку среќни затоа што не ги обработуваат работите на ист начин. Кај нив сè е на површинско ниво – она што го гледаат, тоа и го добиваат. Тогаш Божиќ е само Божиќ: време за подароци и одлична храна и прекрасна атмосфера.

Тој луксуз го нема кај возрасните. Со годините почнуваат да се произведуваат когнитивни мисли. За празниците како Божиќ, животот продолжува со исто темпо. Грижите остануваат и за време на празниците кај оние што ги имаат.
Според психологот Мирјана Јовановска-Стојановска, секој индивидуално ги чувствува празниците.

– Прво треба да си дефинираме што е новогодишен дух. Инаку, секој различно го сфаќа, секој различно го доживува, и нормално е новогодишното чувство од година на година да се менува, затоа што многу фактори влијаат на расположението. Прво тука е возраста. Како што растеме, сета магија околу божиќните празници исчезнува. Обврските, реалноста, свеста се менуваат. Интересите се менуваат. Финансиите играат голема игра во сиот божиќен дух. Тука е и политиката, која многу доминира и ги става празниците во сенка. Здравствената состојба е голем фактор, од кој зависат многу работи, па и новогодишниот дух. И, секако, не можете сами да бидете среќни за празниците. Осаменоста преовладува над духот. А и доколку вашите блиски не се расположени, таа енергија се пренесува и едноставно не можете сами да уживате во празниците. Сигурноста во животот е исто така од клучно значење, како и безбедната околина во која живееме – вели Мирјана.

Децата најсилно го чувствуваат новогодишниот дух, па најчесто нивната енергија преовладува во домот и целото семејство ужива во празниците. Но во некои ситуации, кога доминираат проблемите, ниту нивната радост не е доволна да го внесе новогодишниот дух.

– Убаво е украсувањето низ градот, по улиците, објектите, домовите, но светилките не се доволни за да се почувствува новогодишниот дух. Празничната атмосфера, божиќното чувство е внатре во душата. Внатрешниот мир, спокој, среќа, реализираноста на личноста придонесуваат посилно да се доживеат празниците. Многу е жално што многу од луѓето се осудени да ги поминат сами, некои во болница, во домови за стари лица, на улица. Во ваквите моменти треба да сме хумани, да им помогнеме, макар со една насмевка. Така и ние убаво ќе се чувствуваме и ќе помогнеме и некој друг фино да се почувствува – вели Мирјана.

Според социологот Ѓорги Тоновски, празничниот дух е дел од традицијата и, исто така, индивидуално е дали некој го чувствува или не, дали го прославува или не.

– Разликата од година на година е во трпезата, во потрошувачката кошничка, подароците, во тоа кој колку може да вложи за да прослави. Тука влијае стандардот и, на некој начин, се одразува на новогодишниот дух. Инаку, секој се радува на празниците, секој ги сака, секој сака да ги прослави, сите си негуваат посебно доживување за нив, но разочарувањето од финансиите, куповната моќ, неможноста многу семејства да ги прослават празниците како што сакаат се одразуваат на целата новогодишна атмосфера. А, секако, тука влијае и ситуацијата во државата, иселувањето, фактот што сѐ помалку млади имаме во земјава, како и клучни социолошки проблеми – вели Тоновски.


Нова Македонија

Повеќе