Што после пропаста на Преспанскиот Договор?

Ова е прашањето што ретко кој се осмелува да го постави иако мнозинството граѓани на Република Македонија го мислат.

И колку од денешен аспект ова прашање да звучи утопистички сепак заслужува да биде поставено во име на демократијата и почитување на различното размислување.

А тоа различно размислување е согласно резултатите на неуспешниот референдум и заклучокот кој никогаш не беше донесен од Собранието во врска со спроведувањето на тие резултати што претставува уставна и законска обврска.

Со тоа Македонскиот Парламент ја потврди својата нелегитимност како законодавна власт во државата игнорирајќи ги сопствените закони кои ги има донесено.

Според официјалните бројки на референдумот ова прашање е најважното за мнозински голем број на Македонски граѓани кои никако не сакаат да поверуваат во обратната можност за исход по однос на истото.

Исходот на овој референдум од 30 ти септември е историски факт, кој пред лицето на историјата ќе биде соопштуван како апсолутна вистина без разлика на сите останати субјективни ставови и манипулации.

Оттука и самата постапка која се спроведува насила со разно разни уцени и поткупувања на чистата пратеничка совест во Македонскиот парламент е нелегитимна а воедно и ништовна за мнозинството граѓани на Република Македонија.

Дури и во најдобар случај за Зоран Заев и Никола Димитров, да бидат изгласани овие предложени уставни амандмани во третата фаза од парламентарната процедура, со кои се менува Името на Република Македонија, кој гарантира во иднина дека некоја нова власт нема да се повика на одредбите на овој референдум и да ги прогласи овие амандмани за обична тоалет хартија? И токму ова прашање е главна тема која ја наметнуваат грчките коалициони партнери на Ципрас во актуелната влада во Грција, со што даваат аргументи за нивно повлекување од Преспанскиот договор.

Оваа проекција за развој на настаните е и тоа како релевантна доколку дојде до изгласувањето во третата фаза на уставните амандмани. И оттука токму таа можна реалност треба да ја имаат пратениците во Македонскиот парламент пред гласањето на овие амандмани. И тоа да го изанализираат низ јавна дебата (дали сите заедно, дали секој пратеник посебно со нивното гласачко тело од кое произлегуваат) од што ќе произлезат конкретни заклучоци дали воопшто е потребно да се гласа ЗА измена на актуелниот устав на Република Македонија. Затоа што нели “жртва се дава за ЕУ и НАТО перспективи” на чија врата стои грчко политичко несогласување со таквите перспективи.

И повторно по кој знае кој пат кога политичките елити на двете спротивставени земји (Грција и Македонија) собираат политички поени, народот останува непрашан, со тоа што сега Македонскиот народ беше прашан ама не е послушан. 

Тој народ ќе се надвисне над оваа ситуација која неприродно и наметнато некој сака да му ја институционализира без Уставна и законска основа.

А тоа ќе биде многу брзо, без разлика што многумина сметаат поинаку.

Автор: Кирчо Анастасов

Повеќе