Помен (РИП) за Република Македонија?


Знам, насловот на колумната не е многу празничен. Се извинувам за тоа. Набргу ќе прејдам на добрите вести. Но, првин, една интересна помисла: да речеме, на пример, дека Зоран Заев ќе успее да го протурка неговиот таканаречен Преспански договор низ Собранието за неколку недели и дека одметнатите поранешни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и партиите на албанското малцинство ќе гласаат со СДСМ да и овозможат на Владата на Зоран Заев да го смени македонското име, индентитет, јазик, историја, култура, наследство… За тоа да се случи, ќе им треба претседателот Иванов да ги одобри овие уставни промени.

Видовме и дека претседателот Иванов, во своето обраќање минатата недела, не остави ниту малку простор за сомнеж дека тој ќе потпише нешто што толку многу и наштетува, и можеби ќе ја уништи, Република Македонија. Всушност, во неговото годишно обраќање до нацијата и Собранието, тој го потсети македонскиот народ дека кога во 2017 година му даде мандат на Зоран Заев да ја формира Владата, побара пишани гаранции од Заев дека тој нема да преземе конкретни чекори со кои ќе и наштети на Македонија. А видовме дека Заев го направи токму спротивното од тоа на што се обврза пред претседателот Иванов, кој поради тоа не го потпиша законот за употреба на јазиците и нема да го потпише Преспанскиот договор. Ќе ви требаат околу 20 до 30 минути да го прочитате неговото обраќање во целост, но силно ве поттикнувам да го сторите тоа тука. Претседателот Иванов ја брани Република Македонија елегантно, елоквентно и силно, го брани македонскиот народ, граѓаните на Република Македонија и секој аспект кој ја прави Републиката да биде ваш единствен дом (тука објавив извадоци од неговото обраќање, како и линк до текстот на англиски).

Да речеме дека Собранието на Македонија го усвоило договорот, а претседателот одбива да го птопише. Нашите грчки пријатели, секако, ќе збеснат ово тој случај. Како прво, дали воопшто ќе гласаат за договорот во нивниот Парламент дококлу претседателот Иванов одбие да го потпише, со што неговата ратификација нема да биде законски валидна? Второ, знаеме дека Грците ќе извршат огромен притисок врз сите во Македонија, врз Владата на Зоран Заев, врз секоја политичка партија во Македонија, врз секој поединец и меѓународен претставник и ќе бараат сите да почнат, во знак на „добар волја“, Македонија да ја викаат „Северна Македонија“, а Македонците ќе ги викаат „народот од Република Северна Македонија“, јазикот ќе го викаат „јужнословенски“ или „јазикот на Република Северна Македонија“ и така натаму. Од каде го знаеме ова? Бидејќи Грците веќе бараат меѓународната заедница да ве вика така и да ги користи овие изрази.

Следното прашање е, што ќе направи Владата на Зоран Заев? Дали ќе попуштат и ќе ги прифатат грчките барања? Дали ќе се понижат пред нивните грчки господари? Дали ќе се понижат до толку за и самите да почнат да ги користат овие изрази? Не сум сигурен што ќе сторат, но во секој случај, можно е наскоро да дознаеме.

Секако, знаеме што ќе направи претседателот Иванов. Можеме да бидеме сигурни што ќе сторат ВМРО-ДПМНЕ и нивните претставници во Собранието. Знаеме со сигурност што ќе стори мнозинството Македонци – тие ќе продолжат земјата да си ја викаат „Македонија“, „Република Македонија“, а себеси „Македонци“ и својот јазик „македонски“. Ќе продолжат да зборуваат и за Македонците кои живеат, се радуваат, љубат, постојат во Грција, во Бугарија, Албанија, и насекаде низ светот каде што живеат Македонци. Зошто? Затоа што тоа е вистината, а само вистината ќе ве ослободи.

Што можеме да очекуваме потоа е крајно неизвесно, но сигурно е дека ќе следи голема конфузија, хаос, меѓусебни обвинувања и гнев – и тука пред се во Македонија, меѓу владините функционери и партиите во Собранието.

Грција, како што рековме погоре, ќе збесне, исто како и нашите бугарски пријатели и други држави. Меѓународната заедница првично ќе се двоуми, но со текот на времето ќе почне да врши огромен притисок врз претседателот Иванов да го потпише самоубиственото писмо на Македонија. Меѓународните претставници барем официјално ќе почнат да ги користат изразите што Грција бара да се користат, изрази кои Зоран Заев и неговите квислинзи ги прифатија. Но, огромното мнозинство Македонци, во земјата и надвор од неа, ќе продолжат да ги користат истите изрази и истиот јазик кои секогаш ги користеле. Всушност, огромното мнозинство од луѓето на планетата ќе го сторат истото.

Не само тоа, туку претседателот Иванов и огромното мнозинство Македонци – во Републиката, надвор од неа, во соседните држави и низ светот – ќе го игнорираат таканаречениот Преспански договор и ќе продолжат да го користат името Македонија и сите негови изведени придавки, до крајот на своите животи. Овие вистини тие ќе ги пренесат на своите деца и на нивните внуци и така натаму до генерациите Македонци кои допрва ќе се родат. Уште нешто – ќе се крене отпор и ќе се работи да се поништи овој предавнички договор, и на секој чекор да се осуетат сите други обврски од овој таканаречен договор: во образованието, историјата, наследството, економијата, бизнисот, културата, насекаде.

Македонскиот дух не може да биде избришат со парче хартија на една група пратеници и владини чиновници, кои, на крајот на краиштата, ќе владеат само една сезона. Македонскиот дух ќе продолжи да гори и да расте, но само ако биде одржуван, негуван и прихрануван. Јас сум убеден дека Македонците ќе бидат достојни на оваа задача и, иако ќе се соочат со тешкотии од време на време, со задоволство, радост и решителност ќе успеат во тоа, бидејќи таков е македонскиот дух и таков е македонскиот народ – не само да преживува туку и да успева, како Македонци, како Македонија.

Од се срце среќна Нова година до вас и до сите Македонци и нивните пријатели насекаде!

пишува: Џејсон Мико за порталот СВЕСТ


Повеќе