Како власта доаѓа до потребните 80 гласови „ЗА“?

Извршната тврди дека нема никакво влијание врз судската власт, но токму кога се одлучува за дефинитивна промена на уставното име на државата, Судот го одобри обвинението за случајот „Талир“ во кој се обвинети поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ но и самата партија, поради наводно незаконско финансирање и стекнување корист за партијата при изградбата на нејзиното седиште. Меѓу обвинетите има и пратеници, што, во ситуација кога секој глас е од круцијална важност, може да биде сфатено и како притисок во насока за нивно попуштање во законодавниот дом.

На премиерот му се неопходни и гласовите на осуммината ренегати од ВМРО-ДПМНЕ кои на првото гласање на 19 октомври, според општоприфатеното мислење во јавноста, беа принудени да се изјаснат за поддршка на Преспанскиот договор. Тогаш пратениците Крсте Мукоски, Љубен Арнаудов и Саше Василевски беа пуштени да се бранат од слобода, само за да можат да гласаат во Собранието. Подоцна се дозна и дека семејната фирма на Мукоски добила тендери од државата. Законот за делумна амнестија ги ослободи од одговорност токму нив, а беа направени и измени на кривичниот законик со кои паднаа во вода и дел од обвиненијата на СЈО.

За Преспанскиот гласаше и поранешната министерка Елизабета Канческа – Милевска, прво обвинета во случајот „Тендери“ за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, дел од проектот „Скопје 2014“. СЈО ја сомничи дека без почитување на Законот за јавни набавки и без спроведување на јавно наддавање склучила договор со изведувач за дополнителни градежни активности. Синот на пратеничката Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија, која исто така подигна два прста за Договорот, е веќе осуден во случајот „Труст“, за незаконското добивање на тендер на ЕЛЕМ.

„ЗА“ уставни промени од опозициските пратеници гласаа и Емилија Александрова, Нола Исмајловска Старова и Зеќир Рамчиловиќ, а од ВМРО-ДПМНЕ јавно обвинија за притисоци и влијанија врз нивни пратеници, споменувајќи понуди кои се движеле и до милион евра за да се добие нивниот глас, што беше демантирано од власта. Инаку овие осум пратеници беа исклучени од партијата, а раководството на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека и секој друг пратеник кој евентуално ќе тргне по нивните стапки, исто така ќе биде веднаш исфрлен од партиските структури.

Драган Милосављевиќ

Алфа тв

Повеќе