Македонија ги збриша Јапонците и победнички го започна Мундијалот

Македонската ракометна репрезентација извојува почетна победа на Светското првенство во Германија и Данска, откако попладнево во Минхен ја совлада Јапонија со 29-38 (13-18) во првиот дуел од групата Б.

По првиот примен гол, се разигра нашата врска Лазаров-Манасков и поведовме со 1-2. Следеа две одбрани на Борко Ристовски и гол на Стоилов од линијата за 1-3. Сепак, првите наши технички грешки, Јапонците ги казнија и Нарита и Агари ја го свртија резултатот за 4-3 во седмата минута. 

Нашиот голман редеше интервенции, па со нова серија од 4-0, нашето водство порасна до 4-7 во 12. минута. Оваа „црна дупка“ го натера Сигурдсон да побара минута одмор и да ја среди одбраната. Раул ги изврши вообичаените ротации и Жарко Пешевски само што влезе во  игра погоди за 5-9. Јапонската игра полека почна да се распаѓа и Георгиевски погоди на празен гол за највисоки +5. 

Борко Ристовски нанижа десетина одбрани за неполно полувреме, но Шида и Тамакава погодија во серија за 9-12 во 23. минута. На овие два неодговорени гола, веднаш реплицираше Филип Талески со два „проектили“, а својот шести гол го постигна и капитенот Лазаров (9-15). Со разновидна игра нашиот национален тим првиот дел го заврши со предност од 13-18, откако Лазаров реализира седмерец, а Ристовски го одбрани последниот напад.   

Во ист ритам и со голови од двете страни започна вториот дел. Техничките грешки кај нас се зголемуваа и Ватанабе и Нијасаки погодија за -3 во 37. минута. Следеа два гола на браќата Лазаров за 21-26 во 44. минута.

Брзата јапонска игра на работ на ризик ни создаде краткотрајни проблеми, но Манасков и Стоилов одговараа со голови по изработени акции и во последните осум минути влеговме со +6. Искусна репрезентација како Македонијане ја испушти предноста и извојува победа против жилавите, но неискусни Јапонци со 29-38. 

Во македонската репрезентација најефикасни беа Кире Лазаров со осум и Дејан Манасков со седум гола, а кај Јапонија се истакнаа Ваканабе и Шида со по четири гола. В недела од 14:00 часот нашиот национален тим се среќава со Бахраин во вториот дуел од групата Б.

Извор: gol.mk

Повеќе