Лига на шампиони: ПСЖ без Нејмар и Кавани на мегдан со Манчестер Ј.

ПСЖ ќе мора без двајца од тројцата главни играчи во вечерашниот дуел со Манчестер јунајтед, прв осминафинален во фудбалската Лига на шампиони. По Нејмар, како опција отпадна и Единсон Кавани што, секако, е непријатна вест за менаџерот Томас Тухел. Уругваецот би можел би можел да биде на располагање на германскиот менаџер за реваншот со „црвените ѓаволи“ на „Паркот на принцевите“ додека Бразилецот ќе биде гледач и во тој натпревар и прогнозите се дека би можел да биде подготвен за четврт-финале, се разбира, доколку „светците“ успеат преку англиската претставник од „Олд Трафорд“ кој е препороден по доаѓањето на Оле Гунар Солскјер.

„Нејмар е наш клучен играч и еден од најдобрите воопшто во Европа. Единсон, исто така, ќе недостасува и нивните повреди секако дека нè ослабеа“, истакна Тухел.

Во отсуство на Нејмар и на Кавани, притисокот и товар ќе падне на Килијан Мбапе од кого ќе очекува чудо и голови.

Во вториот меч од вечерашната понуда во ЛШ и дуелот на „Олимпико“ меѓу Рома и Порто. Португалскиот состав не знае за пораз од октомври и во Вечниот град гостува во незгоден момент за римјаните по понижувачкиот пораз (1:7) од Фиорентина во Купот на Италија, по нивните игри топло-ладно во Серија А поради што под притисок се и фудбалерите и тренерот Еузебио ди Франческо.

„Вечерашниот меч е одлична прилика за продукција на добар настап и за враќање на ентузијазмот и самодовербата. Мора да бидеме силни и цврсти во одбрана. Од витално значење ќе биде да не примиме гол“, вели Ди Франческо кој ја предводеше Рома до полуфинале во ЛШ во минатата сезона.

Патрик Шик, според најавите, со сигурност нема да биде во протоколот за првиот осминафинален дуел со Порто, а неизвесни се и голманот Олсен, Пероти и Ундер додека тимот од „Драгао“ ќе биде ослабен за неиграњето на повредениот Марега и суспендираниот Корона.

„Пред нас се 180 минути со Рома. Ќе се бориме, но истовремено мора да бидеме паметни и силни и да го извлечеме најдоброто од нас. Наша желба е четврт-финале“, порача Сержо Консеисао, тренер на Порто, кој во кариерата го носеше дресот на Лацио со кој освојуваше титули од 1998 година до 2000 година и во сезоната 20093/04.

Со вечерашните дуели во Манчестер и во Рим ќе започне и примената на ВАР технологијата во Лигата на шампиони. Одлука што беше донесена на состанокот на Извршниот комитет на УЕФА во декември и значи отпаѓање на дополнителните асистенти на главниот судија (арбитрите крај головите).

Нова ТВ

Повеќе