Струмичанка од „адвокат“ била ограбена 26.900 евра, а штипјанка од „американски војник“ само 7.000

Струмичанка била измамена од лажен адвокат и и биле земени 26.900 евра, а друга жена од Штип од „пријател на Фејсбук“ кој се претставувал како американски војник била оштетена за околу 7.000 евра.

Во СВР Струмица, вчера Б.Д. (61) од Село Баница пријавила кривични дела „измама“ и „лажно претставување“. Според пријавеното, во 2015 година била измамена за 26.900 евра од К.Л. (31) од Скопје, кој престојувал во Струмица, а кој и се претставил како адвокат и ја убедувал дека ќе и обезбеди документација и земјоделско земјиште, како и плацеви во непосредна близина на село Баница, Струмица.

До денот на пријавувањето, како што информираат од МВР, К.Л. не и обезбедил земјоделско земјиште,а од парите и вратил само 3.000 евра.

Во друг случај 54- годишна жена од Штип пријавила дека била измамена за околу седум илјади евра, средства што ги уплатила на агенција како трошоци потребни за да и бидат префрлени 850.000 долари, од лице кое го запознала на социјалната мрежа Фејсбук на крајот на октомври 2018 година и кои се претставило дека е американски војник повреден во Авганистан.

Како што информира МВР, според пријавеното, во декември 2018 година лицето и кажало дека, бидејќи бил повреден, од авганистанските власти му биле исплатени 850.000 долари, кои тој не можел да ги внесе во САД и дека парите ќе и ги испрати на неа, а таа требала само да ги подмири трошоците на агенцијата-Routenet Express за да можат парите да пристигнат во Македонија.

Жената се согласила и во периодот од 26.12.2018 до 29.01.2019, во неколку наврати уплатила вкупно 7.300 евра и 1.590 долари на агенцијата. Парите требало да пристигнат до 20.02.2019, но до денот на пријавувањето не ги добила, по што заклучила дека била измамена.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на двата случаи.

Повеќе