Пазарот со осумтемина пратеници успешно се спроведува, синот на Владанка Авировиќ доби условна затворска казна

Зборот пазар во последниов период стана најупотребуваниот збор како опис за актуелните случувања во Македонија. Не зборуваме за штрајкот на пазарџиите, туку за она што се вика политички преговори за постигнување на одредени цели.

Денеска е објавено дека затворската казна за синот на пратеничката Владанка Авировиќ во случајот „Труст“ стана условна. За ваков пазар се претпоставуваше уште во октомври-ноември минатата година кога осумина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и СП наеднаш, од истакнати опозиционери станаа отворени поддржувачи на политиката на владеачката коалиција СДСМ и ДУИ за промена на Уставот и името на Република Македонија.

Ако тој пазар беше очигледен со тројцата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ обвинети за случувањата во Собранието на 27 април 2017 година, за другите пратеници само се претпоставуваше.

Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, тогаш пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, гласаа за уставните измени откако претходно им беше укинат куќниот притвор, а подоцна и амнестирани. Освен тоа, градежна компанија на братот на Мукоски „Атриум“ доби и неколку државни тендери.

За Владанка Авировиќ се претпоставуваше дека нејзината поддршка за промена на името на државата Република Македонија била условена со укинување на тригодишната затворска казна за нејзиниот син Василие Авировиќ. Тоа денеска и се случи. Затворската казна е преиначена во условна казна.

Лани пред Нова Година имаше многу шпекулации за договорениот пазар. Пари, функции, бришења на обвиненија, станови… се шпекулираше со сѐ и сешто. Но дел од тие шпекулации, случајно или не, веќе се остваруваат.

Се сеќавате како и пратеничката Емилија Александрова, братучетка на Сашо Мијалков, за само 10 дена од борец против промена на името, стана поддржувач на политиката на власта за промена на името на државата.

Останува отворена шпекулацијата за обвинението на СЈО против поранешната министерка за култура, поранешна пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ Елизабета Канческа-Милевска. Во случајот „Тендери“ на Специјалното јавно обвинителство првообвинета е Елизабета Канческа Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, од проектот „Скопје 2014“. Канческа-Милевска е осомничена во случајот „Тендери“ бидејќи без почитување на Законот за јавни набавки и без спроведување на јавно наддавање склучила договор со изведувач за дополнителни градежни активности на Музејот на ВМРО. Тендерот бил во корист на градежната фирма АД „Бетон-Штип“, а со овој договор бил оштетен државниот буџет во износ од 1 милион вера.

Се чека судската разврска и на овој случај.

А.Д

МКД.МК

Повеќе