Заев: Медијацијата решава спорови, гради култура на право и ја намалува конфликтноста во општеството


Владата на Република Северна Македонија и Комората на медијаторите на Република Северна Македонија денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој се утврдени начелата за взаемни активности во областа на алтернативно решавање на спорови со медијација, како и за соработка и заеднички активности за поддршка, унапредување, практицирање, промовирање, јакнење и развој на медијацијата во државата.

Како што соопштија од владината прес-служба, во име на Владата меморандумот го потпиша премиерот Зоран Заев, а во име на Комората на медијаторите, нејзиниот претседател Славе Младеновски.

По потпишувањето на Меморандумот за соработка премиерот Заев истакна дека со овој чин внесуваме уште еден, многу значаен дел, во мозаикот на она што значи сеопфатен структуриран систем за решавање на спорови, каде значајно место има медијацијата како прва и подобна постапка за решавање спор меѓу две страни вон стандардната судската постапка.

-Страните што ги прифаќаат придобивките од медијацијата како начин на решавање на спорови учествуваат во постигнувањето повеќе позитивни ефекти, како што се заштеда на средства од буџетот, ефикасен, брз и практичен начин на решавање спорови внимавајќи на взаемниот интерес на две страни во спор.Овие постапки се одличен придонес и во градењето на култура на правото и посредувањето, во намалувањето на конфликтноста во општеството, во поттикнувањето на деловната соработка, како и во негувањето на моралните вредности на здраво и хумано општество на граѓаните како основа за подобра иднина, рече Заев.

Според него, дополнителна вредност на овој Меморандум за соработка, меѓу другото, е заедничката соработка на реализација на Стратегијата за реформа на правосудниот систем.
-Ова е особено значајно бидејќи не поврзува споделената вредност дека реформата на правосудниот систем е врвен приоритет на Владата кој го темелиме врз европските стандарди и на начелото за владеење на правото и еднаков пристап до правда за сите субјекти на општественото живеење во нашата земја. Како претседател на Владата ги повикувам претставниците на институциите од јавната администрација да го дадат својот позитивен придонес за афирмација на медијацијата како начин на решавање на споровите меѓу правните лица и граѓаните со владините институции. Како сервис на граѓаните и на бизнисот, наместо преку правосудниот систем, таму каде што е тоа можно, да ги решаваме споровите со посредување и на тој начин да дадеме пример и поддршка на овој модел на решавање спорови, порача премиерот Заев.

Младеновски по повод потпишувањето на докумнентот, истакна дека меморандумот е силен израз на поддршката на Владата за медијацијата како начин на решавање на споровите, и дека таа поддршка прв пат е ставена во официјален документ од стратешко значење како што е Стратегијата за реформа на правосудниот систем.


 

Повеќе